ПОЛИТИКА

Поранешниот владика Јован инволвиран во финансиски манипулации

ЃАВОЛОТ СЕ ХРАНИ СО ПРЕМОЛЧУВАЊЕ

Пишува: Кокан СТОЈЧЕВ

  • МПЦ не смее да дозволи Република Македонија да ја води револверашката пресметка. Таа не е инструмент за поткусурување, туку сегмент кој ги брани интересите на македонскиот народ и граѓаните.
  • Соочена со овој проблем, кој никна и се продлабочи во нејзиниот атар, МПЦ е должна да даде соодветен прецизен одговор. Нејзината досегашна практика да ги одолговлекува проблемите, односно времето да ги лечи раните што не можат да се залечат, само ги усложни работите.
  • Вранишковски не се покаја, украде народни пари. Во името на неколкутемина и натаму собеседува со Бога, но и стана претставник на СПЦ за Македонија.

По се изгледа поранешниот владика Јован е подобар крадец отколку митрополит и верник. На неговата умешност можат да му позавидат дури и големите босови. Тоа не треба да се докажува. Неговата вина е евидентна.

Наместо тој да скапува во велешката апсана, притворен е Тони Петрушевски, поранешен благајник и архивар на Повардарската епархија, кој по наредба на расчинетиот владика ги префрлил парите што ги донирал Трифун Костовски за реконструкција на манастирот "Свети Пантелејмон". Очигледно, разврската на оваа најнова афера на Зоран Вранишковски оди по народната стратегија - малите риби секогаш го јадат стапот.

ПРЕСМЕТКА

Неговите лепливи прсти имаат сторено многу криминални дела, а Синодот на Македонската православна црква молчи... Најави дека ќе го преиспитува неговото владеење во Брегалничката и во Велешко-повардарската епархија што постојано беше проткаено со црни дамки. Финансиските малверзации што ги правеше со помош на своите полтрончиња го нарушија угледот на МПЦ. Затоа Синодот мора што побрзо да преземе решителен чекор - да го расчини и да поднесе кривични пријави за сторените криминални дејствија. МПЦ не смее да дозволи Република Македонија да ја води револверашката пресметка. Таа не е инструмент за поткусурување, туку сегмент кој ги брани интересите на македонскиот народ и граѓаните.

Соочена со овој проблем, кој никна и се продлабочи во нејзиниот атар, МПЦ е должна да даде соодветен прецизен одговор. Нејзината досегашна практика да ги одолговлекува проблемите, односно времето да ги лечи раните што не можат да се залечат, само ги усложни работите. Вранишковски не се покаја, украде народни пари. Во името на неколкутемина и натаму собеседува со Бога, но и стана нелегален претставник на СПЦ за Македонија. Премолчувањето е еден вид немоќ, коленичење, или признавање на тактиката на Јован. Ѓаволот се храни со премолчување, а со сатаната нема играње.

ПОТПОРА

Судот може да пресудува за граѓански постапки, а не за верските и религиските работи. Затоа македонските православни христијани одамна се прашуваат зошто поранешниот владика Јован се уште така се кочопери. Можеби неговата сила ја црпи во потпората што тајно се крие во Синодот, или се уште е галениче на некој од митрополитите кои го поддржуваа Нишкиот документ? Очигледно битката не е во умот на македонските верници. Тие одамна му пресудија. Добро што стапот не го изеде.

Проблемот е, значи, во Синодот на Македонската православна црква. Тој треба да пресече. Тој треба да ја уништи сопствената, или да ја разоткрие поединечната дволичност на владиците. Нивната тајна игра ја одведе работата во друга насока, од која нема враќање. Но, кој во моментов може самиот себеси да се демантира? Може ли во случајот Зоран Вранишковски МПЦ да се извади од калта? Зависи од Поглаварот, г.г. Стефан, и од Синодот.

За разлика од нив, велешкиот Суд, државата, правовремено реагираше. Во Основниот суд во Велес за случајот подигнување на средствата од донацијата на Трифун Костовски од страна на Тони Петрушевски, поранешен благајник и архивар на Повардарската епархија, по неговото притворање, како сведок се појави Зоран Вранишковски, поранешен митрополит во Повардарската епархија. На самиот распит тој ги врати сите пари во износ од 57.180 евра, што било записнички констатирано. Разговорот со истражниот судија траел точно два часа, по што поранешниот владика Јован одбил да даде одговори на повеќе новинарски прашања во врска со тоа каде се парите од продадениот џип на Повардарската епархија, чиј е објектот "Малина" и на други прашања кои треба итно да се разјаснат.

Меѓутоа, ако Вранишковски се спаси, "јамката", односно лисиците, го чекаат Петрушевски. Судската постапка против притворениот Петрушевски продолжува, случај во кој директно е инволвиран поранешниот митрополит Јован. Но, да потсетиме, донацијата од Трифун Костовски требаше да се употреби за црквата "Свети Пантелејмон", која од ден на ден се повеќе се распаѓа, додека оној кој беше повикан да го направи тоа се поигра и со парите и со црковниот храм. Затоа, веруваме дека конечно МПЦ ќе расчисти со него и ќе го расчини, оти ако не направи нешто, верниците ќе преземат нешто многу поконкретно!


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"