ПОЛИТИКА

Офанзива на Хашкиот трибунал на Балканот

ХАГ VIA СКОПЈЕ

Пишува: Кокан СТОЈЧЕВ

  • Контроверзниот Хашки трибунал неодамна ја бранува хрватската јавност со покренување на обвинение против нивниот омилен генерал Бобетко кој, според нив, го понел сиот товар од ризикот што го носеше "татковинската војна". Во негова заштита гласаа дури 85 проценти од анкетираните Хрвати. Владата и претседателот Стипе Месиќ се за испорачување. Но, ако во случајот генерал Готовина ја надмудрија јавноста во Хрватска, овој пат се наоѓаат на тешки маки. Хрватите ја бранат и високо ја ценат својата национална опција. Затоа и Хаг и Загреб се во дилема. Дали ќе им се заладат односите?
  • Хашкиот трибунал наскоро ќе треба да донесе одлука дали ќе постапува по четирите предмети од Македонија поврзани со минатогодишниот воен конфликт во земјава, или ќе бидат преземени од македонското законодавство. Станува збор за четири предмети за воени злосторства: првиот, за воени злосторства против цивилното население со кој се опфатени 11 водачи на ОНА, вториот се однесува на затворањето на вентилите на браната во Липково, потоа убиството на полицајците во Требош, како и за случувањата во Љуботен. Како што е познато, неодамна судот во Хаг одби едно од барањата на Карла дел Понте, а тоа се однесува на случајот со малтретирањето на градежните работници од Маврово, кој и натаму ќе се процесуира пред македонските судови.

Офанзивата што деновиве ја презема Хашкиот трибунал на Балканот има раз-личен успех. Јавноста во Хрватска не го дава пензионираниот генерал Јанко Бобетко, поранешен началник на ГШ на вооружените сили, кој во 1993 година ја издаде наредбата за операцијата "Меџачки џеб" при што 100 српски цивили се грозоморно убиени.

Република Македонија се уште не знае дали некој албански терорист ќе се најде во Хаг. Како што одат работите, очигледно никој од нив нема да одговара за злосторства против човештвото. Затоа залудни се настојувањата на републичкиот јавен обвинител, Ставре Џиков, на крајот од својот мандат да покаже дека нешто работи. Тој не успеа да ја одбрани честа на функцијата што ја носеше. Дремеше цели четири години. Покрај него поминаа многу карвани, а падна дури на испитот за албанскиот тероризам во Република Македонија и сторените злосторства: Љуботен, Непроштено, Липковско Езеро, малтретираните работници на ГП "Маврово" и против командната структура на ОНА.

ТЕНЗИИ ВО ХРВАТСКА

Контроверзниот Хашки трибунал неодамна ја разбранува хрватската јавност со покренување обвинение против нивниот омилен генерал Бобетко кој, според нив, го понел сиот товар од ризикот што го носеше "татковинската војна". Во негова заштита гласаа дури 85 проценти од анкетираните Хрвати. Владата и претседателот Стипе Месиќ се за испорачување. Но, ако во случајот со генералот Готовина ја надмудрија јавноста во Хрватска, овој пат се наоѓаат на тешки маки. Хрватите ја бранат и високо ја ценат својата национална опција. Затоа и Хаг и Загреб се во дилема. Дали ќе им се заладат односите?

Според првичните оценки отпорот кај граѓаните е голем. Хрватската Влада се наоѓа меѓу чеканот и наковалната. Затоа побара помош (толкување) од високи и ценети стручњаци за уставно, кривично и меѓународно право кои имаат задача да го проучат обвинението и документот за соработка што го имаат потпишано Хрватска и Хашкиот трибунал. Во овој правен вител се бара сламката за спасот. Доколку се чека да спласне тензијата во Хрватска, тогаш Владата би се обидела преку ноќ да го испрати Бобетко во затворот во Шевинген. Но, 86-годишниот генерал нема намера жив да се предаде на Карла дел Понте. Тој јасно порача дека попрво би се самоубил отколку да се најде во Хаг. Се што правел, тоа го сторил во името на хрватската нација и држава и издадените команди се дел од преземениот воен ризик што Американците го нарекуваат колатерална штета, објасни Бобетко во интервјуто дадено за загребскиот весник "Глобус".

За разлика од Хрватска, кај нас петте случаи за кои е заинтересиран Хаг се влезени во процедура. Но, нема некоја посериозна најава дека оваа меѓународна институција, која е под силно влијание на САД, ќе ги преземе. Ваквото одолговлекување подобрите познавачи на правото и функционирањето на Хашкиот трибунал го оценуваат како лов во матно. Тие проценуваат дека можеби не постои искреност и вистинска намера да се казнат албанските злосторници, бидејќи со тоа би се откриле тајните сметки на Америка и нивните притаени сојузници. Затоа обвинителната постапка и јурисдикцијата тапкаат во место. Карванот си врви, а кучињата лаат ли лаат. Последниот обид на Ставре Џиков да фрли малку сол за македонската јавност е безуспешен напор да се разреши енигмата околу злосторствата што ги направија припадниците на ОНА.

ЏИКОВ ВО ХАГ

Хашкиот трибунал наскоро ќе треба да донесе одлука дали постапките по четирите предмети од Македонија поврзани со минатогодишниот воен конфликт во земјава ќе бидат преземени од македонското законодавство, или нив ќе ги водат македонските судови. Тричлениот судски совет го разгледуваше барањето на главната обвинителка на Хашкиот трибунал, Карла дел Понте за преземање на македонските предмети.

Станува збор за четири предмети за воени злосторства: првиот, за воени злосторства против цивилното население со кој се опфатени 11 водачи на ОНА, вториот се однесува на затворањето на вентилите на браната во Липково, потоа убиството на полицајците во Требош, како и за случувањата во Љуботен. Како што е познато, неодамна судот во Хаг одби едно од барањата на Карла дел Понте, а тоа се однесува на случајот со малтрирањето на градежните работници од Маврово, кој натаму ќе се процесуира пред македонските судови.

На седницата на тричлениот судски совет, присуствуваше и републичкиот јавен обвинител, Ставре Џиков, како и неговите соработници, замениците од скопското Јавно обвинителство, Марко Зврлевски и Маја Коневска. Обвинителот Џиков, пред судиите имал речиси триесетминутно образложение кое било поткрепено со бројни докази за основаноста на обвиненијата за извршени воени злосторства во Македонија од страна на групи и поединци во минатогодишни напади врз македонската држава и општественост од страна на т.н. ОНА. На седницата биле презентирани три досиеја од македонските истражни органи. Во своето излагање, обвинителот рекол дека не се водат никакви истражни дејства против граѓани на Македонија, односно припадници на специјалните сили за безбедност, ниту пак за министерот за внатрешни работи, Љубе Бошкоски. Со Судскиот совет претседавал кинескиот судија Лих Дахун, а членови се Египѓанецот Емин Ел Махти и Холанѓанецот Алфо Сори. Тие треба да решат дали ќе се прифати барањето на Карла дел Понте за овие случаи да одлучува Хашкиот трибунал и тие целосно да се изземат од македонска јурисдикција.

За Дојче Веле Џиков изјави: Ние го презентиравме кривично-правниот проблем во Република Македонија, а тие се должни според статусот и според нивниот правилник како повисок суд од меѓународен карактер, да кажат дали ќе ги преземат или не случаите. Ако не ги преземат, тогаш наша уставна и пред се законска обврска е да продолжиме понатаму со нив.

СЕКСУАЛНИ МАЛТРЕТИРАЊА

Додека во Хаг се кршат копјата околу тоа кој е надлежен да постапува по предметите за воени злосторства, во Основниот суд Скопје 2 веќе тече судската постапка против 19-те Албанци меѓу кои и еден малолетник, обвинети за киднапирањето и малтретирањето на градежните работници од Градежното претпријатие "Маврово".

Во обвинителниот акт, за кој неодамна "Вест" во детали ги опиша страдањата и малтретирањата на работниците, се наведува: Обвинетите на 7 август на патот село Групчин - Тетово вооружени со автоматски пушки, облечени во униформи на ОНА, заканувајќи им се дека ќе ги убијат, ги однеле работниците во шумата од левата страна над автопатот на една ледина. Таму осмообвинетиот Мирсат Исмани стоел со вперена пушка кон киднапираните. Првообвинетиот Шкодран Идризи со металниот дел од лопата, со боксови и клоци почнал да ги удира работниците по нивните тела. Нему му се придружиле преостанатите терористи кои со клоци ги удирале работниците по половите органи. Откако завршил со тепањето, Идризи зел нож со запци "Рамбо" со сечиво долго 15 сантиметри и им ги изрежал првите букви од името на грбовите на работниците, пишува во обвинителниот акт. После секое сечење тој ги терал киднапираните да ја лижат крвта од ножот.

Потоа, во обвинението се потенцира дека работниците биле пикнати во ровови, покриени со ќебе и јавани, навредувани и омаловажувани. Повторно биле тепани со дебел стап се додека стапот не се скршил. Во меѓувреме на работниците им биле врзани рацете со пластични стегачи, биле удирани со кундаците од автоматите по главите и почнало сексуалното малтретирање. Во обвинителниот акт во детали е опишано сексуалното малтретирање, но поради респектот кон жртвите и зачувување на нивното достоинство не беа јавно објавени детали од нивното изживување.

Во продолжението од обвинителниот акт се потенцира дека по неколкучасовното садистичко мачење, работниците биле однесени на ледина покрај патот. Пред да бидат пуштени, терористите им пикнале цевки од пиштоли во устите на работиците и им се заканиле дека ако кажат што се случило ќе бидат убиени и куќите ќе им бидат запалени. Потоа ги облекле во чиста облека и со возило биле однесени во село Сарај.

На крајот од обвинителниот акт стои дека Шкодран и преостанатите насилници негирале дека ги малтретирале работниците, но во истражната постапка ваквите изјави не биле прифатени оти, како што стои во обвинението: нема основа за такво тврдење, а особено од исказите на оштетените и записниците за препознавање на лица, од кои неспорно се утврдило кои се злосторниците.

Македонската јавност и натаму под лупа ќе гледа на злосторствата што лани ги сторија одделни албански терористи против човештвото. Одговорот дали некој Албанец ќе се најде во Хаг ќе зависи од доказите, но и најмногу од волјата на судиите да бидат имуни на американското политичко влијание. Хашкиот трибунал набргу би требало да одговори на барањето на Џиков, но доколку судот не преземе ниту еден процес, тогаш македонската јавност ќе биде резигнирана и огорчена. На тој начин, ќе ги потврди информациите дека Трибуналот работи под финансиско покровителство на американскиот капитал. Затоа, одлуката за основањето на судот од страна на ООН ќе биде доведена во прашање, бидејќи објективноста на судските постапки, одлуки и казни се донесени под силно политичко влијание.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"