| |
Четврток 26.9. 2002
Тетово: Во тетовскиот регион во
текот на изминатата ноќ интензитетот на истрелите бил зголемен во споредба
со претходните денови. Според Секторот за внатрешни работи од Тетово, од
синоќа до изутрината честопати во исто време се регистрирани рафални истрели
од правец на комплексот објекти во Теќето, реоните околу Медицинскиот центар,
Домот на АРМ, касарната "Кузман Јосифовски - Питу", Градскиот плоштад,
Текстилниот училишен центар "Ѓоце Стојчевски", Основното училиште "Братство
Миѓени", како и од населбите Купеник, Горна Чаршија и Вонвардарска.
Рафални истрели, според СВР, се евидентирани и од возило во движење на
автопатот Тетово - Скопје, кај месноста Требошки Пат.
Во текот на ноќта рафални и поединечни истрели се регистрирани повеќепати
и од селата Слатино, Теарце, Пршовце, Отушиште Одри, Доброште, Нераште,
Шемшево, Требош, Радиовце, Челопек, Стримница, Мала Речица, Жеровјане, Гајре
и Лисец.
Петок 27.9. 2002
Тетово: Според Секторот за
внатрешни работи во Тетово, во текот на изминатата ноќ интензитетот на
истрелите бил поголем во градските реони во споредба со селата.
Најголем број истрели се регистрирани од населбите Горна Чаршија, Циглана
и Дреновец, од улицата "Ленин" наспроти Медицинскиот центар, од поголемите
станбени комплекси и од околината на касарната "Кузман Јосифиовски - Питу".
Евидентирани се истрели и од реоните на селата Ѓермо, Мала Речица, Одри,
Пршовце и Селце.
Сабота 28.9. 2002
Тетово: Во текот на изминатата ноќ
во тетовскиот регион се слушаа истрели од градот и околните села кои
престанаа во утринските часови. Според полициски извори, во споредба со
претходните денови интензитетот на ноќешните истрели бил со помал интензитет.
Во СВР Тетово биле евидентирани рафални и поединечни истрели од
комплексот објекти во Теќето, населбите Горна Чаршија и Вонвардарска, од
поголемите станбени комплекси во Тетово, како и од селата Одри, Пршовце,
Милетино, Челопек, Радиовце и Мала Речица.
Недела 29.9. 2002
Тетово: Синоќа беа евидентирани
повеќе рафални и поединечни истрели од централното градско подрачје во
Тетово, во населбата Дреновец, во Мала Речица и во други делови од градот.
Пукотници се забележани и во селата Слатино, Жеровјане, Одри, Милетино и во
други места.
Понеделник 30.9. 2002
Тетово: Повеќепати биле
регистрирани рафални и поединечни истрели од централното градско подрачје,
од реоните околу Медицинскиот центар, Текстилниот училиштен центар "Ѓоце
Стојчевски", од правец на Теќето и од поголемите станбени комплекси. Истрели
биле регистрирани и од селата Синичане, Челопек, Одри, Доброште, Слатино и
Лисец.
Вторник 1.10. 2002
Тетово: Од синоќа до изутринава се
евидентирани рафални и поединечни истрели од Горна Чаршија, од Желино,
Милетино, Радиовце, од месностите Расадиште крај патот Тетово - Попова Шапка,
Бањиче и Шипковечко Теќе.
Среда 2.10. 2002
Тетово: Според Секторот за
внатрешни работи од Тетово, евидентирани се истрели од Горна Чаршија, од
Желино, Милетино, Радиовце, од месностите Расадиште крај патот Тетово -
Попова Шапка, Бањиче и Шипковечко Теќе.
Повлекување од неколку позиции
Армијата на Република Македонија во наредниот период ќе изврши постепено
повлекување на дел од своите сили кои за време на минатогодишната криза беа
распоредени во кумановско-липковскиот и тетовскиот регион.
Како што соопшти Министерството за одбрана, оваа одлука е донесена врз
основа на развојот на ситуацијата во Република Македонија, како и проценката
на Генералштабот на АРМ за моменталната безбедносна состојба во поранешните
кризни региони.
Дел од силите на АРМ, кои се неопходни за успешно реализирање на мисијата
на единиците, остануваат во тетовскиот и кумановско-липковскиот регион
Станува збор за планско повлекување на еден дел од силите на АРМ, а
одреден дел ќе биде заменет со нови сили.
Целта на овие повлекувања, првенствено е придонес во процесот на
зголемување на довербата помеѓу месното население и Армијата, како и
рационализација на одбранбените ресурси со кои располагаа.
Георгиевски реагира
АРМ повлекува дел од силите од кризните региони без да биде консултиран
Советот за безбедност, тело што ги обединува државниот и воениот врв во
земјава по прашањата за национална безбедност, вели премиерот Љубчо
Георгиевски во изјавата за печатот. Неговата реакција доаѓа еден ден откако
Генералштабот на АРМ соопшти дека поради процената оти во кризните региони
нема опасност за мирот, ќе се повлечат одредени единици.
Со заобиколувањето на институциите при донесувањето спротивни одлуки
сериозно се нарушува Уставот, каде што е јасна и недвосмислена цивилната
контрола на АРМ, се вели во изјавата на Георгиевски.
Тој додава оти проблемот не е само уставно-политички, туку е и реален,
затоа што не само што не е информиран Премиерот, туку намерата на ГШ не била
координирана ниту со припадниците на МВР.
Претставник на Генералштабот, пак, рече дека АРМ се повлекува од позиции
во Тетовско, Кумановско и во Гостиварско, зашто таму сега може да постојат
само мали криминогени групи кои не се ризик за мирот. Повлекувањето на
единици на АРМ и намалувањето на силите во поранешните кризни региони почна
во неделата на 29.9. 2002 година, а ќе трае околу една недела.
Тоа е планска активност што треба да придонесе кон јакнење на довербата
меѓу локалното население и АРМ. Во минативе неколку дена извршивме
повлекување на дел од единиците на АРМ од поранешните кризни региони. Од
кумановско-липковскиот регион повлековме и извршивме замена на дел од
единиците од позициите кај Сланиште, од пунктот кај "Макпетрол", кај
Железничката станица "Карпош", од Аџитепе, Љубодраг и Умин Дол. Од
тетовскиот регион, повлечени се сили од реоните на Ратае, Жилче и Еребино, а
од Гостиварско се повлечени сили од реоните на Стрезимир и Стража, изјави
мајорот Зоран Секуловски, портпарол на Генералштабот.
Повлекувањето е планско и постепено, врз основа на последната процена на
безбедносната состојба од Генералштабот. Врз основа на проценката,
состојбата во тие региони се цени како релативно мирна, со можно присуство
на мали групи со криминогени елементи кои не можат да ги загрозат мирот и
стабилноста. Целта на повлекувањето е првенствено придонес кон изградбата на
мерките за доверба меѓу месното население и Армијата, вели мајорот
Секуловски. Во вчерашната изјава за печатот, премиерот Георгиевски истакнува
оти соопштението е неприфатливо затоа што Армијата не може да дава оцени што
се "чисто политички". Оваа Влада за три дена ќе биде во оставка, но тоа не
му дава право на Генералштабот на АРМ да не го почитува Уставот, се
истакнува во изјавата на Георгиевски.
Милошоски за акцијата во Арачиново
По повеќе од една година по настаните кај Арачиново поранешниот портпарол
на Владата, Антониот Милошоски, обелоденува некои нови моменти во јавноста
во врска со преземената акција на безбедносните сили на Република Македонија.
Европејците имаа поблаг однос кон македонското раководство во врска со
преземените воени дејствија во Арачиново, за разлика од еден Питер Фејт.
Голем дел од заслугите за ваквиот пристап кон овој случај има грчката
дипломатија која сакаше да ги заштити своите бизнис-интерес во Македонија,
пред се рафинеријата ОКТА, истакнува Милошоски. Тој своите видувања за
минатогодишната криза ги има изнесено во магистерскиот труд "Надворешната
политика на Европската унија со осврт на кризата 2001 година" на
Универзитетот во Бон. Милошоски притоа користел материјали и документи од
западноевропската дипломатија кои досега не биле познати во јавноста.
Посебно место зазема извештајот на еден германски новинар од "Хамбургер ам
блат" еден ден по настаните во Арачиново, којшто наведува дека меѓу
припадниците на ОНА имало 17 американски офицери. Тие работеле како воени
советници кај "учките".
|