ПОЛИТИКА

Протест на новинарите на Македонија

АКО ВИ Е ДО ТЕПАЊЕ, ОВДЕ СМЕ - ТЕПАЈТЕ!

Пишува: Жаклина МИТЕВСКА

  • Здружението на новинарите на Македонија организираше протест против загрозувањето на животот и безбедноста на новинарите во оваа држава и зачувување на новинарското достоинство.

Овде сме - тепајте" беше мотото под кое Здружението на новинарите на Македонија на 30 септември 2002 година излезе на мирен протест пред Министерството за внатрешни работи на Република Македонија. Директниот повод за протестот беше нападот врз новинарот на кумановското приватно радио "Радио Тумба", кој минатата недела брутално беше претепан на работното место.

Меѓутоа, протестот беше организиран како апел против се позачестените напади на новинарите во Македонија, земја каде што новинарството станува несигурна професија. Целта на протестот беше да се потсети дека повеќе од четириесетина новинари во изминативе неколку години беа жртви на насилство, а ниту еден од многубројните напади врз претставниците на седмата сила нема правна завршница. Надлежните институции досега не сторија ништо за разоткривање на сторителите и спречување на насилниците во нивната изопачена верзија на замолкнување на јавноста. Новинарите со овој протест го креваат својот глас против сите видови притисок и застануваат во одбрана на дигнитетот на новинарската професија.

Протестот симболизираше дека веќе е доцна и дека македонските новинари немаат трпение за нерасчистувањето на многубројните случаи кога се напаѓани нивните колеги. На протестот, на кој учествуваа голем број новинари од Македонија, беше побарано од власта да ги почитува законите и да ги заштити новинарите во извршувањето на својата должност.

Протестот започна пред Собранието на РМ, а оттаму пешки претставниците на седмата сила се упатија до МВР. Со маици и капчиња на кои беше испишано мотото на протестот и со громогласно изразување на револтот, новинарите потенцираа дека за македонското новинарство не смее да има молк и дека новинарите се огледало на власта.

ЗНМ потсети дека иако еден од тепачите на новинарот Божиновски е приведен, бројните вандалисти се уште се на слобода и најави дека протестот на новинарите ќе биде континуиран до моментот на разоткривање на сите случаи на насилство врз новинарите. ЗНМ протестот го оценува како исклучително успешен демократски и цивилизиран чин на изразување револт од се позачестените напади врз новинарите и уште еден прилог кон мобилизирањето на новинарската солидарност и градење на цврста медиумска заедница во Македонија. Иако на министерот за внатрешни работи, Љубе Бошкоски, му беше даден разумен рок да се појави пред насобраните новинари, тој тоа го стори дури во моментот кога тие си заминуваа од пред МВР и даде изјава која ЗНМ ја смета за ирелевантна.


Новинарите не прифатија нивна делегација да има средба со министерот за внатрешни работи, Љубе Бошкоски, во неговата канцеларија како што бараше МВР, туку побараа министерот да се појави пред насобраните новинари на протестот и да соопшти до каде се истрагите околу случаите на малтретирање на новинари од секаков вид. И покрај разумниот рок што му беше даден на министерот да се појави, тој тоа не го стори. Бошкоски се појави дури во моментот кога новинарите си заминуваа од пред МВР и тогаш даде изјава, немајќи храброст директно да се соочи со сите учесници на протестот. За ЗНМ ваквата изјава на Бошкоски е ирелевантна и целосно безначајна. Со ова сакаме да ставиме на знаење дека помина времето кога некој новинарите ги повикуваше во канцеларии и ги злоупотребуваше за дневно-политички цели.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"