ММФ ја чека новата Влада

Меѓународниот монетарен фонд е подготвен за обновување на преговорите со Република Македонија за склучување на нов аранжман веднаш по формирањето на новата влада. Ова е соопштено по средбата во Вашингтон меѓу гувернерот на Народната банка на Македонија, Љубе Трпевски, и високи функционери на ММФ и на Светската банка. Светската банка треба да ги одобри преостанатите две рати од "фесал" аранжманот, а со ММФ ќе се преговара за нов аранжман.

Најавено е дека директорот на Светската банка за Македонија, Кристијан Портман, до крајот на годинава ќе дојде во Скопје на разговори за повлекување на средствата од кредитните аранжмани и за утврдување стратегија на Светската банка за Македонија за наредните три години.

Светската банка против новите вработувања

Завршните средби на министерот за финансии Груевски со претставниците на меѓународните финансиски институции се претворија во можност шефовите на мисиите на Светската банка и на ММФ да ги упатат своите забелешки до Владата на Георгиевски за партиските вработувања.

По Брикнел од Светската банка, против изборните вработувања се изјасни и претставникот на ММФ, Јан Микелсен. Препораката од ММФ за стопирање на вработувањата во јавниот сектор доаѓа оттаму што под притисок на ваквите партиски мотивирани потези ќе биде Буџетот од каде и во моментов речиси третина од парите одат за исплата на плати на јавната администрација.

Околу планираниот тајминг за преговори за склучување на нов аранжман со Македонија, Микелсен вели дека ќе го почекаат конституирањето на новата влада.

Македонија во СТО кон крајот на годинава

Македонија ќе влезе во Светската трговска огранизација можеби кон крајот на годинава", изјавил за А1 претседавачот на работната група за преговори на Македонија со СТО, норвешкиот дипломат Каре Брин.

Нема да биде потребно уште многу време, зашто останаа уште условите за влез за кои се преговара и ќе се постигне договор. Веројатно тоа ќе се случи на 15-ти октомври, изјави Брин.

Потоа македонската Влада треба да го претстави резултатот пред Парламентот. Кога тој ќе даде дозвола, македонските власти ќе можат да ги достават документите за ратификација и триесет дена подоцна Македонија ќе биде членка. Сепак, експертите сметаат дека Македонија најверојно ќе стане членка на СТО во првото тромесечје од 2003 година, бидејќи македонскиот Парламент по усвојувањето на извештајот ќе има многу работа околу измена на законската регулатива во услужната сфера, односно во банкарството, здравството и осигурувањето. Секако ќе треба да се донесе и нов закон за царини усогласен со стапките договорени со СТО.

ОТЕ ќе се жали до Врховниот суд

Деновиве компанијата МТС, која доби лиценца за втор мобилен оператор во земјава, како што и беше најавено, поднесе жалба до Врховниот суд против одлуката на Второстепената владина комисија, со која беше поништено претходното решение на истиот орган, со што практично се прифати жалбата на "Телеком" и се наложија повторни преговори меѓу двете компании за склучување договор за меѓусебно поврзување. Од судот се бара да ја поништи одлуката на Владината комисија, како и да се стопира бараното повторно преговарање меѓу двете компании. Притоа се смета дека повторувањето на процесот е незаконско, со оглед на тоа што тие три месеци преговараа и не успеаја да се договорат, поради што, според законските прописи, Управата за телекомуникации ја презеде работата во свои раце и утврди услови за интерконекција. Истовремено, од МТС се најавува и кривична пријава против секретарот на Владата и претседател на Второстепената комисија, Ѓорѓи Котев, кој од само нему познати причини го поништи решението со кое се одбива жалбата на "Македонски телекомуникации" по неговата правосилност.

Жалбата од ОТЕ е уште една потврда за катастрофално изведениот процес на избор на втор мобилен оператор, што сега како бумеранг и се враќа на компанијата која ја доби концесијата. Претходно, двете компании кои учествуваа на тендерот: "Линк телеком" и "Минт" ја тужеа државата за направените пропусти и неправилности, како и изборот на ОТЕ за втор мобилен оператор.

Нема лекови без бандероли

Лековите што од први октомври ќе се дистрибуираат во аптеките мора да имаат и заштитни бандероли на Министерството за здравство, кои ќе бидат доказ дека препаратите се легално увезени и дека се безбедни за употреба.

Без бандероли по први октомври ќе може да се издаваат единствено лековите од позитивната и негативната листа што се затекнати по аптеките, а таа "привилегија" ќе важи до крајот на годинава, вели Илчо Захариев, директор на Бирото за лекови. Ако по тој рок инспекторите затекнат лекови без бандероли, тие ќе бидат конфискувани.

Ѓорчев царува во ЗИК "Брегалница"

Ни беше ветувано дека ќе ни ги платат заостанатите придонеси од последните осум години, дека сите 300 вработени ќе останат на работа во ЗИК "Брегалница" и дека ќе се зголеми производството. Но, наместо прогрес во најзначајниот стопански субјект во Виница, од пред две години владее вистински хаос - 80 работници се на улица, немаат земено плата и влезот во фирмата им е забранет, велат од ЗИК "Брегалица".

За ова тие го обвинуваат стечајниот управник и владиниот повереник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Според вработените, овие луѓе дебело заработиле потпомогнати од стечајниот судија. Овие партиски луѓе добиле решенија и се стекнале со право на сопственост на имот и земјиште во ЗИК "Брегалница" на над 300 хектари оранжерии и објекти.

Вработените тврдат дека Марјан Ѓорчев неколку дена пред изборите на истите луѓе им дал договор за долгорочен закуп на една осмина од имотот на ЗИК "Брегалница".

Протест на "Жито Шар"

Некогаш цел Гостивар го храневме со леб, а сега немаме што да јадеме. Оваа година немаме земено ни денар плата, производството е запрено веќе четири месеци. Од вработени со пристојни плати во мелничко-пекарски комбинат, втор по капацитет во земјава, станавме социјални случаи, велат 150-те вработени во "Жито Шар Гостивар" кои веќе дваесетина дена секој ден доаѓаат во кругот на Комбинатот за да го изразат револтот и да ја споделат маката.

Гостиварските пекари и мелничари протестираат пред производствените хали, зашто како што велат, не работи ниту еден погон за да може да организираат прекин на работата. За главни виновници за состојбата во гостиварската пекарница го обвинуваат раководството, кое лани направило долг од 10,5 милиони евра. Затоа бараат да се испита финансиското работење и начинот на трансформацијата на капиталот во "Жито Шар". На списокот на барања се и исплата на 10 заостанати плати и придонесите за шеснаесет месеци. Поради глувоста на надлежните за нивните проблеми се закануваат дека протестот ќе го пренесат на гостиварските улици.

Продадени 8,10 отсто од "Македонска банка"

На 30 септември на Берзата во блок-трансакција беа продадени 8,10 отсто од "Македонска банка". Според соопштението од Берзата, станува збор за 4.596 обични акции на оваа Банка кои го сменија сопственикот. На Берзата беше пријавена уште една блок-трансакција и тоа со 3.928 обични акции на "Лозар овчарство" од Велес, што претставува 15,89 отсто од главнината на Друштвото.

Инаку, на Берзата на 30 септември беа склучени вкупно 50 трансакции при што беше остварен вкупен промет од девет милиони и 839 илјади денари.

Скопска пивара со милион хектолитри промет

Пред истекот на минатиот месец скопска "Пивара" произведе милион хектолитри пијалаци постигнувајќи на тој начин значаен деловен резултат. Асортиманот го сочинуваат познатите заштитени марки како газоза, швепс, џус, како и реномираните марки пива амстел, хајнекен, што претставува рекордно ниво на продажба. Производите на пиварницата ги задоволуваат највисоките стандарди за квалитет, со што можат да им парираат на сите увозни марки во земјава на сокови и пива.

Генералниот директор на скопска "Пивара", Светозар Јаневски, како резултат на успешното работење, за крајот на оваа или почетокот на наредната година најавува отворање и на нова производствена фабрика за полнење на кока-кола, со што оваа фабрика станува синоним на успешно работење во тешки економски услови, почитувајќи ги законите и принципите на економијата. Во рамките на фабриката која се очекува наскоро да профункционира веќе работат три линии за производство на пластика, конзерви и повратно стакло, како и нова варилница за пиво, направени според највисоките технички стандарди.

Земјоделските производи ќе изгнијат на нивите

Последните обилни врнежи од дожд во Струмичко (над 60 литри на квадратен метар), многу неповолно се одразуваат врз земјоделското производство. Овие дождови ќе не дотолчат, велат земјоделците, бидејќи врнежите од летниот период и оние во последниве денови не само што предизвикуваат разни заболувања, туку од преголемата влага не може родот навреме да се собере од нивите.

Земјоделските стручњаци, исто така, потврдуваат дека врнежите ќе предизвикаат дополнителни проблеми и главоболки на земјоделците, бидејќи се создаваат услови за појава на разни бактериски заболувања и пламеница. На ова не е имун ниту еден од земјоделските производи, при што бербата ќе биде преполовена, а производителите, наместо добивка, повторно се соочуваат со проблеми и пресметки на загубите.

Откупени околу 250 тони грозје

Бербата на грозјето во Радовишко привршува, а досега се откупени околу 250 тони грозје. Поради слабата понуда откупот на грозјето од годинешнава реколта се врши само на два пункта, по цена од осум денари за килограм кај белите и 12 денари кај црните сорти. До крајот на бербата се очекува откуп на уште 50 тони грозје, претежно од белите сорти.

Радовишко со 95 професионални земјоделци

Од започнувањето на реализацијата на Проектот "Биди земјоделец" на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во Подрачната единица во Радовиш досега се регистрирани 95 професионални земјоделци. Најголем дел од професионалните земјоделци го сочинуваат невработени лица од трите радовишки општини, а забележана е голема застапеност на жените.

Подготвила: Жаклина МИТЕВСКА


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"