Македонија во Хаг

По престојот во Хаг, републичкиот јавен обвинител, Ставре Џиков, изјави дека хашкиот трибунал откако ќе го проучи материјалот презентиран од македонските надлежни органи, треба да донесе одлука дали ќе поведе постапка за петте случаи за кои има пројавено интерес. Станува збор за случаите од минатогодишната војна: злосторствата од страна на ОНА, малтретирањето на работниците на "Маврово", за затворањето на вентилите на Липковското Езеро, како и за случаи поврзани со непознат сторител, односно ексхумациите во Непроштено и Љуботен.

Брунс на местото на Ле Роа

Министрите за надворешни работи на Европската унија на состанокот во Брисел го именуваа белгискиот дипломат, Алексис Брунс, како замена за актуелниот специјален пратеник на Европската унија во Македонија, Ален ле Роа. Брунс моментно е амбасадор на Белгија во Европската унија, а се очекува негов шестмесечен мандат во Македонија.

Џафери не сака да биде пратеник

Арбен Џафери, претседател на ДПА и носител на кандидатската листа на партијата во Шестата изборна единица, го повлече својот мандат во новиот состав на македонскиот Парламент. Својата одлука Џафери ја образложи со слабата доверба што ДПА ја освои меѓу албанскиот електорат во "Шестката". На негово место ќе седне петтиот кандидат од ДПА во Изборната единица број 6.

Убиец назначен за виш инспектор!

Во МВР во Скопје дневно се вработувале меѓу дванаесет и петнаесет нови лица, членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ и на ДПА.

Пејачот и композиторот на новокомпонирани фолк-песни, Зоран Марковски, кој уби полицаец, од министерот Бошкоски е награден со високо место, односно назначен е за виш инспектор.

Кумановските ВМРО-вци се искараа

По катастрофалниот пораз на Коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и ЛП на парламентарните избори, во кумановската Општинска организација на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Даравелски побарал отчет за потрошените 500.000 евра за изборната кампања. По настаната расправа, благајникот на кумановската општинска организација на партијата, Звонко Трајковски, бил претепан од Горан Георгиевски - Мујо, потполковник на лавовите.

Пореалистичен пристап во образованието

"Нашиот Универзитет се збогатува за уште 7.000 нови студенти кои во академската 2002/2003 година влегуваат во време кога сме длабоко навлезени во системски промени на високото образование", истакна ректорот на скопскиот Универзитет, Александар Анчески, на свеченоста по повод новата учебна година. Ректорот упати остра критика на, како што рече, дубиозната политика на досегашниот министер за образование и изрази надеж за пореалистичен пристап од страна на новата влада.

Дигитализација на мрежата во земјава

Македонските телекомуникации вчера во Скопје ја исклучија од употреба и последната аналогна телефонска централа, така што сега во главниот град сите телефонски приклучоци се врзани на дигиталните централи кои даваат многу подобар квалитет и можности за нови услуги.

Училиштата со тријазични дневници

Во основните и средните училишта во државава се испорачани вкупно 13.800 дневници, кои за разлика од досегашните, се напишани на три јазици: македонски, албански и турски. Наместо досегашните 150 страници, новите дневници имаат 172 страници.

Балкоски ја урна струмичката "Култура"

Екипи на Министерството за транспорт и врски почнаа со уривањето на книжарницата на "Култура" во Струмица, која постои уште од 1968 година и е во сопственост на "Култура" а.д. од Скопје. Надлежните од "Култура" се противат на рушењето на нивниот објект сомневајќи се на нови матни зделки на владата на заминување.

Отстранување на рекламното ѓубре

Градските власти неделава ќе им пратат опомена на политичките партии и ќе им дадат рок од седум дена да ги отстранат сите пропагандни материјали од јавните градски површини што беа поставени во предизборната трка.

За неодговорните се најавуваат казни од 5.000 до 40.000 денари.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"