Слободниот глас на демократијата!?

За косовскиот весник "Епока е ре" Али Ахмети порачал дека Косово во иднина го гледа како независна држава и оценил дека "народот на Косово има право на самоопределување". За состојбите во Македонија Ахмети изјавил дека е среќен што бил учесник во многу значајни избори во Македонија.

Горд сум што имаме народ што знае да го цени слободниот глас на демократијата. Изборите беа коректни и се надевам дека сега ќе се реализира охридскиот Договор и соработката со НАТО, ЕУ и САД, изјавил Али Ахмети за истиот весник.

Засенета македонската вистина

Во "Утрински весник" Ефтим Гашев истакнува дека со неодамнешната изложба во Музеј на град Скопје насловена како "Изложба на документи и фотографии" се прави рехабилитација на бугароманството во Македонија. Според Гашев, всушност со оваа изложба некои се обидуваат да ја засенат македонската вистина.

Грците во балкански шеќерани?

Грчката "Helenik sugar industry" (ЕБЗ) е единствен конкурент за купување на две од петте понудени шеќерани во Србија од страна на тамошната Влада. ЕБЗ исто така има дадено понуда за купување на битолската Шеќерана во Македонија, што претставува дел од регионалните планови за експанзија на компанијата. Официјалната покана за започнување на преговорите за купување на битолската Шеќерана, ЕБЗ очекува да добие кон средината на октомври.

Паника кај албанската Влада

Советот на Европа подготвува извештај за почитувањето на малцинските права во Република Албанија. Овој извештај според друштвата на Македонците во Албанија сериозно ја вознемирил Тирана. Поради овој потег на Советот на Европа, албанската Влада по посетата на набљудувачите на Советот побрзала да подготви проекти за подобрувања за правата на малцинствата.

Балкан без граници

Укинување на визниот режим меѓу земјите од Балканот е една од точките на Мировната декларација која подмладоците на социјалдемократите од Балканот заедно со данската социјалдемократска младина ја потпишаа во рамките на Балканската мировна конференција што се одржа во Скопје. Дамјан Манчевски, претседател на подмладокот на СДСМ, на конференцијата потенцираше дека беше покрената инијацитива за создавање Балкан без граници и обезбедување на поддршка од владите на сите балкански земји за укинување на визниот режим.

Овци пред бугарскиот Парламент

Бугарскиот синдикат "Земјоделство" планирал да доведе пред зградата на Народното собрание 240 овци колку што има пратеници. Со овој чин земјоделските синдикалци сакаат да потврдат дека овците подобро ќе ја вршеле работата отколку народните претставници.

Разузнувачот Клоси фатен кај Ќафасан

Фатос Клоси, поранешниот шеф на албанските разузнувачи, бил спречен да пребега во Македонија. Полициски извори во Тирана тврдат дека Клоси заедно со својот шофер се обидел со џип да ја мине албанската граница кај Ќафасан, но бил фатен од албанската полиција. Инаку, новиот албански Премиер издал наредба според која Клосе не смее да ја напушти земјата во наредните пет години, без дозвола на Премиерот.

Спречени албански илегалци

Полициска патрола спречила преминување на двајца илегалци од Албанија кои со четири натоварени коњи се обиделе да влезат во земјава кај граничниот премин Блато кај Дебар. По обидот на патролата да ги сопре, тие почнале да бегаат. По истреланиот куршум во воздух полицајците стрелале кон бегалците и го раниле едниот од нив во ногата.

Пијан работник ја поплави Тирана

Пијан работник ја отворил браната на едно вештачко езеро при што голем дел од Тирана е поплавен. Армијата којашто била ангажирана успеала да го затвори истекувањето на водата. Во текот на изминатата недела поплавите предизвикани од силните дождови и нанеле голема штета на Албанија.

Илјадници Бугарки-проститутки!

Директорот на бугарската Национална служба за борба против организираниот криминал, Румен Миланов, изјавил дека околу 2.100 Бугарки се занимаваат со проституција во земјата. Ова се податоци добиени од операцијата "Мираж" во која учествувале сите служби на Министерството за внатрешни работи во соработка со полициите од државите во југоисточна Европа.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"