КУЛТУРА

Одбележани "Европски денови на културното наследство" во Македонија

ПАМЕТНИК ЗА ОБИЧАИТЕ И ВЕРУВАЊАТА

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • Духовната култура е овековечена низ различни медиуми - на фотографија, филм, но и во пишувањата на етнолозите коишто со своите проучувања даваат значителен придонес кон документирање на барем мал дел од традициите што опстанале до денешен ден.
  • Зборникот "Етнологија 2" изобилува со трудови кои говорат за македонските носии, инструменти, народни ткаеници, архитектура....

Со промоцијата на Зборникот "Етнологија 2" во Музеј на Македонија започна манифестацијата "Европски денови на културното наследство" која траеше од 25 до 30 септември. Република Македонија годинава по седми пат организираше активности во рамките на оваа манифестација, а годинашната тема "Раните стадиуми на на цивилизацијата - Железно време" претставува обид да се сврти вниманието на јавноста кон богатото материјално сведоштво од најраните периоди на човековото постоење со кое нашата земја изобилува.

Голем дел од активностите организирани во рамките на овогодишното одбележување на "Европските денови на културното наследство" во Македонија беа насочени кон оттргнување од заборавот на обичаите, верувањата и на духовната култура на Македонија во пошироки рамки.

ЕТНОЛОГИЈА

Духовната култура е овековечена низ различни медиуми - на фотографија, филм, но и во пишувањата на етнолозите коишто со своите проучувања даваат значителен придонес кон документирање на барем мал дел од традициите што опстанале до денешен ден. Во овој контекст и зборникот "Етнологија 2" изобилува со бројни текстови кои говорат за традициите и обичаите кај нас.

Во текстот "Народните торби во Македонија" од Фима Трајковска, предмет на обработка е колекцијата на домашно ткаени торби кои претставуваат посебен дел од збирката "Народни ткаеници" со која располага Одделот за етнологија при Музеј на Македонија. Во полувековната собирачка дејност на Етнолошкиот оддел собрана е колекција од над 200 торби изработени во периодот од крајот на XIX се до 70-тите години на XX век. Торбите кои го сочинуваат музејскиот фонд се исткаени од една преѓа од волна или памук и комбинација на двата вида преѓа, а се шараат со различни мотиви. Шарките или мотивите најчесто го носат називот на предметот од кој е инспирирана ткајачката: совалка, чешел, пилиња, китки, гранчиња... Торбата ја нашла својата примена како во секојдневниот живот на човекот така и при изведување на обичаите.

Народните музички инструменти свое место си најдоа во трудот на Владимир Боцев. Гајдата, кавалот, дудукот, двојанката, ќеменето, зурлата, сазот, утот егзистираат и денес. Меѓутоа, збирката на народни музички инструменти во Етнолошкиот оддел при Музејот, за жал е малубројна и брои некаде околу 111 предмети.

Македонската традиционална архитектура од XIX и почетокот на XX век ја сочинуваат станбени објекти со високи архитектонски вредности, особено уметничкото обликување на ентериерот. Таваните претставуваат еден од ентериерните елементи кои во поголем дел содржат и резбани површини. Збирката на резбани тавани и предмети ја сочинуваат неколку комплетни соби, повеќе десетици резбани таваници (симболизираат небо во куќата или просторијата), долапи, мусандри, кревети, врати, столбови.... Колцата се составен дел од типот на дрвени тавани, а го глорифицираат сонцето кое треба да внесува светлина, топлина и среќа во семејството.

За народната керамика како значаен сегмент од богатата традиционална култура што се развивала на нашите простори говори во својот текст Трпа Рогановиќ. Свое место во Зборникот си најдоа и трудовите за носиите и нејзините промени, за турско-ориенталниот стил на облекување, употребата на килимот итн.

ТРАДИЦИЈА

Во рамките на Манифестацијата беше отворена и изложбата на фотографии од фототеката на Музеј на Македонија насловена како "Македонија низ традициите на секојдневието и празнувањето" која претставува извонреден визуелен документ за живеењето на овие простори во минатото. Почетоците на богатата збирка на фотографии во сопственост на Музеј на Македонија не навраќаат на периодот од доцните 40-ти се до раните 60-ти години на минатиот век. Токму во овој период Етнолошкиот музеј на Македонија оформил вредна збирка на црно-бели фотографии кои ги овековечија најбитните моменти од секојдневниот и обредниот живот во Македонија. Изложбата претставува избор од овие фотографии при што акцентот е ставен на визуелните записи од најраширените обичаи поврзани со Јулијанскиот календар, како и свадбата како еден од најзначајните моменти во животот. Во контекст на обичаите, фотографијата од ваков вид претставува еден од најзначајните елементи од етнолошкиот опис, кој покрај информации за облекувањето и китењето, дава и податоци за антрополошките карактеристики, архитектурата итн.

Покрај промоцијата на Зборникот и претставувањето на изложбата, во рамките на "Европски денови на културното наследство" беа презентирани и документарни филмови од областа на етнологијата "Староверци" од Јана Севчикова од Чешка, "Мисионери и моќ" од Рашел Иса Џеса од Норвешка и "Во името на Господ" од Владимир Боцев од Македонија. Во македонскиот филм презентирано е изведувањето на обичајот "курбан" во неколку различни етнички области во Македонија. Во него се обработува взаемното влијание на религијата и обичаите како и влијанието на обичаите и местото што тие го заземаат во животот на човекот.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"