КУЛТУРА

За капиталното монографско издание "Манастир Матејче" од д-р Елизабета Димитрова

ДЕЛО СО ЕНЦИКЛОПЕДИСКИ ДОСТРЕЛИ

Пишува: Ванчо МЕАНЏИСКИ

  • Традиционалните програмски решенија, вообичаени иконографски модели, но и сосема ретки претстави ја сочинуваат ликовната структура на живописот во храмот.
  • Д-р Елизабета Димитрова посочува и на многу други значајни доблести, достоинства, карактеристични белези и неодминливи факти што ја заокружуваат сликата за овој грандиозен спомен на културата од нашето средновековие.

Неодамна во Скопје пред пристоен број посетители беше промови-ран еден исклучителен научен труд кој ги обработува фундаменталните вредности и белези на еден од најрепрезентативните црковни храмови и духовни светилишта и средишта на пребогатата македонска култура чиишто почетоци се длабоко вкоренети во нашето средновековие, поточно во 14 век. Станува збор за капиталното монографско издание "Манастир Матејче" кое се појави под амблемот на Центарот за културно и духовно наследство "Каламус" од Скопје, а негов автор е д-р Елизабета Димитрова.

Всушност, текстуалниот дел од оваа ретка книга ја содржи докторската дисертација на Димитрова, во која е направена стручно-научна анализа на сликарството на црквата "Света Богородица" во Матејче, Кумановско.

РЕПРЕЗЕНТАТИВЕН СПОМЕНИК

Овој труд е завршен во 1997 година и одбранет во почетокот на наредната 1998 година на Филозофскиот Факултет во Белград. Дополнет со освртот врз архитектонските карактеристики на црквата, тој сега фактички претставува прво сеопфатно монографско претставување на еден од најзначајните споменици на македонската средновековна културна ризница.

Црквата "Света Богородица" во Матејче во себе го содржи најголемиот насликан ансамбл на македонската територија од 14 век и втор по големина на Балканскиот Полуостров. Оваа црква спаѓа меѓу најрепрезентативните споменици на византиската уметност на македонска почва и истовремено е ремек-дело на дворскиот стил што беше карактеристичен за епохата на Палеолозите.

Во опстојниот, но одмерено и дури лапидарно срочен вовед кон книгата, д-р Елизабета Димитрова, меѓу другото, ќе наведе дека според архитектонските карактеристики, црквата "Света Богородица" во Матејче спаѓа во категоријата на градби од типот на впишан крст во правоаголен простор со припрата и петкуполно решение. Архитектонскиот модел со пет куполи и специфичното решение во обликувањето на централната купола на градбата со дванаесетстран тамбур како уникатен пример на наша македонска почва од 14 век, укажуваат на одредени специфични и несекојдневни решенија кои излегуваат надвор од стандардните модели во градбата на сакрални споменици од овој период.

И покрај тоа што со формите на архитектонското украсување на фасадите, подвлекува д-р Димитрова, црквата "Света Богородица" во Матејче значително не отстапува од традиционалната форма на црковните градби од времето од околу средината на 14 век, импозантните димензии и монументалноста на самата архитектонска концепција, компактноста на просторниот распоред и петкуполното решение на храмот зборуваат во прилог на еден исклучително амбициозен градителски потфат, кој постигнал единство на складни и хармонични архитектонски форми.

СЛИКАНА ДЕКОРАЦИЈА

Сепак, како што наведува д-р Димитрова, она според што манастирот во Матејче го заслужува епитетот на еден од најубавите средновековни споменици е неговата сликана декорација. Според богатството на претставените теми и широчината на остварената концепција, сликарството на црквата "Света Богородица" надминало многу постари дела на средновековната уметност на целата балканска територија.

Четиринаесет циклуси со многу илустрирани епизоди ги украсуваат ѕидовите на олтарот, наосот и нартексот на храмот, претставувајќи еден од најраскошните сликани репертоари на нашето средновековие. Големи празници, Христовите чуда и поуки, Страдањата, циклусите посветени на Богородица, илустрираните житија на Јован Крстител и Антониј Велики. Потоа Делата апостолоски и Чудата на светите архангели, Екуменските собори и Авгаровата легенда, семејното стебло на Христовите предци и Генеолошкото стебло на владетелите од династијата Неманиќ, литургиските теми, портретите на ктиторите и прикажувањето на најпочитуваните светители, маченици, учители и монаси, се елементите на раскошната иконографија на сликаниот украс на црквата.

Традиционалните програмски решенија, вообичаени иконографски модели, но и сосема ретки претстави ја сочинуваат ликовната структура на живописот во храмот. Возвишената елеганција на формите и аристократскиот манир и колоритет се само дел од врвните квалитети на преубавата панорама на насликани глетки и ликови на ѕидовите на монументалната црква "Света Богородица" во Матејче.

Тоа е најсуштинското, есенцијалното што авторката го наведува во своето репрезентативно дело за црквата "Света Богородица" во Матејче. Д-р Елизабета Димитрова посочува и на многу други значајни доблести, достоинства, карактеристични белези и неодминливи факти што ја заокружуваат сликата за овој грандиозен споменик на културата од нашето средновековие, но во еден новинарски осврт напросто не може тие соодветно да се елаборираат и објаснат.

Сепак, кога е во прашање оваа според многу нешта исклучителна монографија, треба задолжително да се потенцира и фактот дека за нејзините високи стојности голем придонес има и високопрофесионално стокменото ликовно-графичко обликување. Освен тоа, за севкупниот силен впечаток, па и одушевеност што ги стекнува читателот, во голема мера придонесуваат и над 150-те колорни и црно-бели фотографии што се сместени меѓу кориците на ова, пак ќе подвлечеме, ретко квалитетно издание. Токму затоа сметаме дека еден од промоторите на оваа ексклузивна монографија сосема беше во право кога на промотивната вечер ја изнесе оценката дека во случајов станува збор за дело со енциклопедиски вредности и дострели. Инаку, обемот на оваа монографија изнесува над 500 страници.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"