убителите на пишаниот збор
нивната библиотека деновиве можат да ја збогатат со уште една книга од
новинарот и публицист Слободан Дончевски. Станува збор за книгата "Меѓу две
дремнувања" во која, како што веќе појаснивме, се поместени текстови кои беа
објавувани на страниците на неделникот "Македонско сонце" во период од
октомври 1999 година до април 2000 година. Книгата е издание на "ПРОАРТ" од
Скопје.
Во неа се собрани триесет и еден политички коментар во кои се опфатени
години на војна, кризи и порази, афери, расправии, кражби, блокади и
штрајкови. Искусниот новинар Дончевски ја користи реториката на прво лице не
само како потврда за веродостојноста, документарноста на напишаното, туку и
како исказ и признание на сведок и учесник во бурните времиња, настани и
личности.
И токму на тој начин ја започнува неговата книга со двата текста каде се
претставува и се индетификува себе си: "Кој сум јас?" и "Од каде сум јас?".
Мудроста лежи и во личната признателност на единката како дел од
колективното живеење и страдање. Зборот живо извира и ја одразува реалноста,
состојбите и појавите се со нивните вистински имиња, само државниците и
политичарите останале неименувани. За нив не е потребна идентификација затоа
што со своите (не)дела се лесно препознатливи. Дончевски како можност за
изразување ја користи и басната.
Неговата книга изобилува со страници кои ги исмејуваат и осудуваат
општествените недостатоци, човечки мани и слабости. Тие посебности на исказ
успешно ги вградува во создавањето на текстовите кои ги обединуваат
новинарството и литературата и се своевидна комбинација на запис, репортажа
и хумореска. Исмејувањето е авторска тенденција и таа ги користи познатите
средства како хипербола, иронија, алегорија. Опстојувајќи се потешко низ
патилата и црнилата од работ на егзистенцијата, карикираниот текст само го
потцртува отпорот на малиот и обичен човек. Како да се искоренат тие зла, да
им се спротивстави етичкиот и естетскиот идеал!
Книгата остава простор таа да се чита и меѓу редови.