| |
Изложби
Акрилик на платно
Скопје, 26 септември.
Во Музејот на град Скопје Игор Митриќески претстави дел од творештвото, а
ова е негова втора самостојна изложба. Авторот се претстави со четиринаесет
слики работени во акрилик на платно, изработени во 2001 година и триесеттина
цртежи работени во последните десетина години.
За соседите од мојата улица
Скопје, 26 септември.
Во галеријата "Флора-арт" по повод декадата на културата на мирот на
УНЕСКО беше отворена изложба "Цвеќе на мирот за соседите од мојата улица" од
Живко А. Поповски - Цветин. Следуваше подарок за секоја куќа, а на
програмата беа застапени музика, поезија, фолклор...
Цртежи и слики
Бања Лука, 27 септември.
Во Уметничката галерија Бања Лука, Република Српска, беше отворена
ликовна изложба на сликарката Тања Балаќ. Станува збор за нејзино десетто
самостојно претставување, а на изложбата е презентирано нејзиното творештво
(педесетина дела - цртежи и слики), работени во последниве пет години.
Графики и цртежи
Скопје, 27 септември.
Во двата салона на Културно-информативниот центар беа отворени две
изложби, графики на Христо Керин од Бугарија и цртежи на Нау Ван (Вангел
Наумовски) од Охрид. Беа претставени 29 цртежи работени во периодот од 1995
година до денес.
Големо врамување
Скопје, 27 септември.
Под наслов "Големо врамување" беше отворена изложба од триесетина дела,
од седумнаесет македонски уметници. Кураторот на изложбата, Емил Алексиев,
со овој проект претставува дела на претставниците на сосем различи генерации.
Тие се изработени во различни техники, а она што ги обединува е специфичниот
однос кон телото, транспонирано во слика и бескрајната игра меѓу рамките кои
ги одредуваат сликите што владеат во просторот на сликата и самата слика на
човечкото тело.
Надежда Петровиќ
Чачак, 1 октомври.
Македонските уметници Оливер Мусовиќ и Славица Јанешлиева изложуваат на
биеналната манифестација Меморијал "Надежда Петровиќ" во Чачак. Годинешната
манифестација прв пат е со меѓународен карактер, а темата е "Приватен
простор - јавен простор".
Книги
Македонски дела на српски
Белград,
27 септември.
Поетот Бранко Цветкоски по вторпат со избор од неговата поезија е
преведен на српски. Насловот на новиот поетски избор на српски е "Молитвени
дашак" ("Молитвен веј"), по првиот, исто така избор, озаглавен "Небеска
места" ("Небески места").
Нови наслови
Скопје, 27 септември.
Издавачката куќа "Детска радост" ги претстави своите најнови изданија. Во
овој дел од продукцијата на "Детска радост", поместени се следниве наслови:
Избрани дела во три тома од Киро Донев, "Творештвото на Стојан Ристески" од
Васил Дрвошанов, "Цеца" од Илија Аџиевски, "Девојката реката" од Илија
Тодоровски, "101 подвижна игра" од Слободанка Газепова и Симеон Ренџов, "Пинокио"
од Карло Колоди, во превод на Наташа Сарџовска, "Европа" од Рене Калиски, во
превод од Лилјана Котевска - Плевнеш и "13 небаксузни приказни" од Кузман
Кузмановски.
Четири томови
Скопје, 28 септември.
Книгоиздателството "Матица македонска" ги објави првите четири томови од
едицијата "Прилози за наставата по литература". Книгите имаат обем од 2.500
страници, во кои се публикувани опширни анализи за над двесте дела од
најпознатите светски класици и современи писатели кои се изучуваат како
задолжителна литература.
Повелба
Скопје, 30 септември.
Истакнатиот македонски книжевен преведувач и лингвист Трајко Стаматоски
во Друштвото на писателите на Македонија ја доби повелбата "30 Септември" за
долгогодишното успешно преведување капитални прозни дела. По повод Светскиот
ден на преведувачот се одржа и Свечен собир на македонските книжевни
преведувачи.
Книги со Браевото писмо
Велес, 3 октомври.
Во Центарот за поддршка во Велес, во организација на Здружението на
слепите лица беа промовирани првите книги на македонски јазик, а печатени со
Браевото писмо. Станува збор за романите "Пиреј" од Петре М. Андреевски, "Црно
семе" од Ташко Георгиевски и "Камена перница" од Ристо Ѓ. Јачев.
Театар
Комши капиџик
Прилеп, 27 септември.
На сцената на Народниот театар "Војдан Чернодрински" од Прилеп, премиерно
беше изведена претставата "Комши капиџик" од Сема Али, во режија на Иван
Јерчиќ. Станува збор за интернационален Проект кој се реализира со екипа на
млади актери кои доаѓаат од неколку регионални земји: Бугарија, Хрватска,
Турција, Југославија и Македонија.
Елин
Скопје, 27 септември.
На сцената на Театарот на народностите, премиерно беше изведена
претставата "Елин" од Теодора Димова, во режија на Ана Таканен од Шведска. "Елин"
е драмски текст за деца кој беше развиен во "Работилницата за писатели" во
Охрид минатата година. Станува збор за посебна програма на Детскиот
театарски центар за развивање на нови драми за деца, поддржана од
Швајцарската агенција за развој и ФИИО Македонија.
Најдобра актерка
Суботица,
28 септември.
Тања Кочовска повторно доби награда на Интернационалниот фестивал на
театри за деца во Суботица. Жирито никако не можеше да ја заобиколи и
овојпат и ја даде наградата за најдобро актерско остварување за Бојанка во "Чук,
чук Стојанче" што Коле Ангеловски ја режираше во Театарот за деца и младинци
по текстот на Оливера Николова.
Музика
"Величенствен"
Бергамо, Италија, 28 септември.
На отворањето на сезоната на "Театро Доницети" во Бергамо, Италија,
нашиот реномиран баритон Борис Трајанов настапи заедно со прочуениот тенор
Никола Мартинучи и со сопранистката Алесандра Река, во операта "Федора" од
Умберто Џордано. Премиерата имала голем успех кај публиката, но и кај
критиката, а пример за тоа е што Борис Трајанов ја добил најкратката, но и
најласкавата критика во својата кариера составена од еден единствен збор - " L'
imponente", што на
македонски значи "величенствен" или "импозантен".
Концерти во САД
Скопје, 30 септември.
Македонскиот пијанист Симон Трпчески дебитираше со концерти во Америка.
Тој свиреше со Симфонискиот оркестар на Сиетл, каде настапи со Концертот бр.
2 на Рахмањинов, а диригент е Лоренс Ренес од Холандија. На програмата уште
е и Симфонијата бр. 6 од Чајковски.
Филм
Награди
Битола, 29 септември.
Директорот на фотографија од Бразил, Валтер Карвањо, за филмот "Лево од
таткото" е добитник на наградата "Златна камера 300",, која ја додели
битолскиот Фестивал на филмската камера "Браќа Манаки". Втората награда,
односно "Сребрената камера 300", отиде во рацете на италијанскиот директор
на фотографија Лука Бигази за филмот "Оган во ветрот", а трета, "Бронзена
камера 300" ја доби директорот на фотографија Габор Медвиѓи од Унгарија, за
филмот "Искушенија". Жирито додели и специјална награда за камера на Силвија
Каје, за фотографијата во францускиот филм "Уште повисоко".
Креативна средба на уметници
Неодамна во древното македонско светилиште манастирот "Свети Јоаким
Осоговски" кај Крива Паланка се одржа 16. сесија на Меѓународната ликовна
колонија "Св. Јоаким Осоговски 2002". Креативната средба на уметници од два
континента (Европа и Австралија) и осум држави (Австрија, Холандија,
Германија, Србија и Црна Гора, Турција, Бугарија, Австрија и Македонија)
преку техниките масло на платно, комбинирана техника, колаж, цртежи и
акварелна техника, уметниците создадоа над 100 уметнички дела, од кои 85
експонати беа изложени во древните конаци на манастирот "Св. Јоаким
Осоговски".
Сликарите работејќи по слободен тематски пристап, инспирирани од древното
македонско светилиште и богатото библиско поднебје оставија по две дела во
манастирската збирка. Со отвореното студио и сесијата "Мал формат",
Меѓународната ликовна колонија "Св. Јоаким Осоговски" се профилира во
целогодишна ликовна и културна манифестација како дел од големиот духовен и
културен Проект: "Манастирот Свети Јоаким Осоговски - културен и духовен
центар".
|