ИСТОРИЈА

Васил Главинов, прв организатор на работничкото движење во Македонија - 133 години од раѓањето

ДА И ОТВОРИМЕ ПАТ НА ЧЕСНОСТА

Пишува: Анита ДИМОВА

  • Пред се, за да востане македонскиот народ, потребно е тој да биде подготвен и обучен. Потребна е систематска пропаганда, неуморна дејност од страна на сите дејци што го имаат при срце ослободителниот идеал. Ете зошто ние излегуваме со весникот "Револуција" кој ќе биде орган на сите млади револуционери кои неразделно се сврзани со угнетената маса и така најдостојно ќе можат да ги насочуваат бунтовничките движења меѓу неа. Тие млади сили, проникнати од принципите на револуционерниот социјализам, ќе внесат нови елементи во револуционерната борба... Нашата девиза ќе биде: Ослободувањето на Македонија е дело на самите Македонци.
  • Во систематски оцртаната борба, Ние ќе ја пропагираме и идејата за создавање на една независна Македонска република. Како интернационалисти, Ние ќе ги присоединиме своите усилби со тие на српските, хрватските и другите револуционери и на тој начин ќе парализираме секаква шовинистичка агитација и ќе подготвиме поволна основа за создавање на една слободна и независна држава. Од народното движење Ние ќе го образуваме оној револуционерен поток кој со својата силна брзина ќе го повлече сето старо и изгниено, за да му отвори пат на младото и чесното.

Во плејадата заслужни личности кои со својата општествено-политичка активност и борба оставија неизбришливи траги во националната историја на македонскиот народ, спаѓа и Васил Главинов, првиот организатор на социјалистичката пропаганда и работничкото движење во Македонија. Тој заедно со најсвесните претставници на младото македонско работничко движење и нивните приврзаници и истомисленици, правилно сфатија дека ќе работат за социјалниот прогрес и вистинските интереси на македонскиот народ, ако се впрегнат во систематска агитација и конкретна револуционерна активност во полза на делото за социјално и национално ослободување на својата поробена татковина.

Васил Главинов е роден во бедно велешко семејство околу 1869, а основното образование го доби во училиштето на својот сограѓанин, познатиот наш преродбеник Јордан Констатинов - Џинот. Немајќи средства да го продолжи школувањето, Главинов отиде на столарски занает и уште од најрана возраст ја почувствува на својот грб тежината од социјалната неправда и експлоатација. Поради раширената безработица во Велес тој беше принуден да го напушти родното место и да ја дели тешката судбина на голем број свои сонародници, печалбари и емигранти.

ПО ВРВИЦИТЕ НА СУДБИНАТА

По доаѓањето во Софија во 1887 година, Главинов работи во една тамошна фабрика за ќерамиди, а подоцна отвора своја дрводелска работилница. Во 1892 година останува без работилницата како што многумина други занаетчии во Македонија, и балканските земји тогаш осиромашуваа и се раслојуваа. Главинов по тоа се доближува и се слева со масата на наемното работништво, стремејќи се да ги запознае и усвои идеите на најнапредните работници. За таа цел, уште истата година стапи во софиското работничко друштво "Братство" и со голема жед започна да чита разни социјалитички брошури и изданија.

Во 1893 година, поточно неколку месеци пред формирањето на Македонската работничка социјалистичка група на чело со Главинов, во која влегле Веле Марков, Никола Петров - Русински, Никола Карев, Димитар Мирасчиев, Андон Шулев, Атанас Раздолов, Стојно Стојнов, Гиго Дандарот, Лазар Главинов, Димо Хаџи Димов и уште некои печалбари и револуционери. По обиколката на Македонија во 1894 година, Главинов во Велес го формира првото работничко друштво. Весникот "Револуција" што во 1895 година беше покренат од Главинов со Македонската работничка група во Софија, како прво македонско социјалистичко гласило, претставуваше реализација и манифестација на таквите нивни сфаќања.

"Пред се, за да востане македонскиот народ, потребно е тој да биде подготвен и обучен. Потребна е систематска пропаганда, неуморна дејност од страна на сите дејци што го имаат при срце ослободителниот идеал. Ете зошто ние излегуваме со весникот 'Револуција' кој ќе биде орган на сите млади револуционери кои неразделно се сврзани со угнетената маса и така најдостојно ќе можат да ги насочуваат бунтовничките движења меѓу неа. Тие млади сили, проникнати од принципите на револуционерниот социјализам, ќе внесат нови елементи во револуционерната борба... Нашата девиза ќе биде: Ослободувањето на Македонија е дело на самите Македонци".

Залагањето на Главинов и Македонската работничка група за организирана соработка и заедничка борба на обесправените народи против султанска Турција е потенцирано во весникот "Револуција". Главинов, од истите побуди, заедно со своите приврзаници и некои други македонски револуционери, зеде учество во организирањето и изведувањето на протестната демонстрација во Софија против турските насилства врз ерменското население.

Согледувајќи ги штетните последици од дотогашната работа на Бугарската егзархија во Македонија, Главинов на чело на својата група најрешително истапуваше и против оваа инситуција. Слично беа и ставовите кон тогашниот државен главар на Бугарија, кнезот Фердинанд Кобуршки.

Јавните истапувања на Македонската работничка група и појавата на нејзиниот орган предизвикаа силна реакција од страна на бугарските властодршци. Преку софискиот весник "Мир" започнаа нападите против ова движење. Кон нападите се придружија и припадниците на Врховниот комитет кои преку весникот "Воен лист" изнесуваа разни клевети против Македонската работничка група. Како последица на оваа кампања, зад која стоеше самата власт, се поведе судски процес против редакцијата на весникот "Револуција", а како повод послужи неговата статија "Тиранинот Стамболов убиен". Бугарските управувачи се обидоа да ја парализираат дејноста на Главинов и на сета негова група, а за таа цел почнаа да интернираат и да апсат поодделни членови на групата, но без успех. Васил Главинов и другите македонски социјалсти во Софија од 1898 година па натаму, настапуваа уште поорганизирано како оформена Македонска револуционерна социјалистичка група со своја подобро определена и поопфатна идеја - политичка платформа и засилена пропагандистичка дејност.

МАКЕДОНСКИТЕ СОЦИЈАЛИСТИ

Во "Програмата на македонските револуционери-социјалисти" објавена во новиот весник "Политическа свобода", што започна да го издава групата во 1898 година, како "орган на македонските револуционери-социјалисти", беа содржани низа нови елеменит кои најдобро ја илустрираат еволуцијата во разбирањата на ослободителната борба на македонскиот народ и ширењето на социјалистичките идеи. Македонските социјалисти и во програмата од 1898 година гледаа во револуцијата најпогодно средство за постигање на ослободителните цели на македонското движење. Сепак, тие ги потенцираат задачите за "морално и умствено воспитување на работничката маса" и нејзино "воспитување во духот на независноста и цивилизацијата". Ваквите сфаќања и погледи беа разработени во "Отвореното писмо до македонските револуционери" во кое се укажуваше дека политичката автономија на Македонија под суверенството на турскиот султан би го претворила "народниот суверенитет" во обична фикција, па поради тоа се бараше "полно одделување на Македонија од Турција во политички, административен, финансиски и воопшто во секој однос". Паралелно со тоа во сите печатени материјали се истакнуваше неопходната потреба да се зачува самостојноста на македонското ослободително движење, со што најдобро ќе се придобијат симпатиите и поддршката од вистинските револуционери на Балканот и во светот.

Главинов зема учество во организирањето на социјалистите во Софија на први јануари 1898 година на кое се протестираше против турските насилства и злосторствата и беше еден од потписниците на резолуцијата што се усвои на споменатото собрание.

Васил Главинов им препорачуваше на своите истомисленици во Македонија тесна координација и соработка со раководството на локалните организации на ВМРО. Социјалистичките кружоци и групи во Велес, Битола, Скопје и други места стапуваа во контакт со теренските функционери и комитети на ВМРО и спроведуваа разни заеднички акции. Настојувањата на поистакнатите социјалисти во Македонија, главно членови и блиски луѓе на групата околу Главинов, за соработка со месните организации на ВМРО се конкретизираа во заклучоците на првата Социјалистичка конференција во самата Македонија одржана на 3 јуни 1900 година во Крушево. Со заклучоците и предлозите од конференцијата во Крушево веднаш беше запознат Главинов кој стапи во врска со Гоце Делчев, заеднички да пронајдат најпогодни начини за нивното реализирање.

Благодарение на сесрдното залагање на Делчев, на Главинов му беше олеснато испраќањето на социјалистичката и друга револуционерна литература во Македонија преку каналите на ВМРО.

По крвавото задушување на Илинденското востание и по префрлувањето на многу македонски револуционери во Бугарија, дојде до обиди за поцврсто организирање на македонските социјалисти во Софија. Во зимата 1904 година се формира македонско-одринска социјалдемократска револуционерна група во која влегоа многу истакнати револуционери.

Со извршената промена на власта во Турција по Младотурската буржоаско-демократска револуција од јули 1908 година се создадоа услови за легално дејствување на најразлични организации и партии во отоманската држава. Тоа е период во кој Главинов е многу активен. Во почетокот на 1909 година станува одговорен уредник на новопокренатиот весник "Работническа искра", која претставуваше еден вид заштитник на работничките интереси во Турција. Како редактор на весникот, Главинов будно го следеше развојот на настаните во и околу Македонија и реагираше на разни појави во врска со политичкиот живот во Македонија и Турција. Весникот "Работническа искра" заземаше правилни ставови кон завојувачките аспирации на балканските држави во однос на Македонија, разоткривајќи ја нивната демагогија, заслепеност и егоизам.

Кон крајот на 1909 година Главинов замина за Цариград и во поголемите градови во Македонија и Одринско за да се запознае одблиску со проблемите на работничкото движење и да ги изврши подготовките за испраќање делегати на Првата балканска социјалдемократска конференција во Белград, која се одржа од 25-27 декември 1909 година.

И покрај грешките и слабостите што ги имаше, Главинов зазема истакнато место во историјата на македонското работничко движење како прв пропагатор на овие идеи.

Васил Главинов умре во 1929 година, пред победата на Народната социјалистичка револуција и не дочека остварување на идеалите во кои ја наоѓаше смислата на својот живот.


Во "Програмата на македонските револуционери-социјалисти" објавена во новиот весник "Политическа свобода", што започна да го издава групата во 1898 година, како "орган на македонските револуционери-социјалисти", беа содржани низа нови елементи кои најдобро ја илустрираат еволуцијата во разбирањата на ослободителната борба на македонскиот народ и ширењето на социјалистичките идеи. Македонските социјалисти и во програмата од 1898 година гледаа во револуцијата најпогодно средство за постигање на ослободителните цели на македонското движење.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"