ИСТОРИЈА
Петте страшни години - Егејска Македонија (23)
МАНИПУЛАЦИИ СО МАКЕДОНСКОТО ПРАШАЊЕ!
Пишува: д-р Ристо КИРЈАЗОВСКИ
- Во Северна Грција македонскиот (славомакедонскиот) народ даде се за
борбата и се бори со невиден хероизам и самопожртвување, што предизвикува
восхит.
- Илија Димовски - Гоце во 1941 година се отцепи од КПГ, формира посебна
македонска партиска организација со платформата: единствена окупација, на
цела Македонија, како услов за обединување на борбата и интегрално
ослободување и обединување на Македонија.
М акедонското национално прашање
беше манипулирано од сите фактори инволвирани во Граѓанската војна во Грција,
не со цел тоа да се реши, туку да им користи во нивните планови и интереси,
во меѓусебната пресметка и слично. Властите во Атина ги обвинуваа
Македонците за сепаратизам, автономизам и слично, со цел да го мотивираат и
го оправдаат терористичкиот поход против нив. Ги обвинуваа грчките комунисти
за предавање на егејскиот дел на Македонија на Југославија и Бугарија, за
поттикнување на македонскиот сепаратизам со цел да ги претстават пред
грчката јавност како одродници и со тоа полесно да се пресметаат со нив.
Велика Британија и Соединетите Американски Држави манипулираа со
македонското прашање за да ја оправдаат својата интервенција во Грција во
корист на десницата. Според заклучокот на американската Влада изнесен во
декември 1946 година, Советите и нивните балкански сатилети - Албанија,
Југославија и Бугарија, имаат за цел да ја отцепат Егејска Македонија од
Грција и да ја приклучат кон Југославија и Западна Тракија кон Бугарија со
цел Советскиот Сојуз да излезе на Егејското Море и да стекне што поповолна
позиција на Теснините од страна на Егејот. Генералниот став на американската
политика беше дека Советскиот Сојуз ќе ги оствари своите стратешки планови
за излез на Егејското Море на два начина: со советизација на Грција и со
создавањето на македонската држава во која ќе влезеше и егејскиот дел на
Македонија.
Во ноември 1946 година официјална Америка тврдеше дека пролетта 1947
година Македонците од егејскиот дел на Македонија ќе формираат своја влада и
ќе побараат да се обединат со Вардарска Македонија.
Централната известителна служба на Министерството за одбрана на САД во
својот извештај од 7 февруари 1947 година, меѓу другото, тврди дека "Денешната
дејност на партизаните и комунистичката пропаганда покажуваат дека Советите
се надеваат во формирањето на една независна Македонија која на крајот ќе
станеше составен дел на југословенската федерација, и приклучување на грчка
Тракија кон Бугарија. Во еден таков случај, Советскиот Сојуз ќе ја имаше
контролата врз пристаништата на Егеј, и така ќе ја имаше главната позиција
на Егејот и ќе ги осигураше Дарданелите".
Горенаведените и други слични тврдења на Американците не беа потврдени во
пракса од едноставна причина што не беа потврдени поради тоа што не постоеја
никакви услови за тоа. Тие беа искористени за разгорување на
антикомунистичките и антимакедонските страсти и интензивирањето на теророт.
МАКЕДОНСКО ОСЛОБОДИТЕЛНО ДВИЖЕЊЕ
Ј.Б.Тито во рамките на своите лидерски позиции и аспирации на Балканот од
есента 1944 година манифестира претензии врз егејскиот дел на Македонија.
Светозар Вукмановиќ - Темпо и други високи југословенски функционери таквите
аспирации, отворено ги обелоденија. Тито во своето интервју што му го даде
на американскиот дописник во Москва рече дека ако егејските Македонци
изразат желба да се обединат со НР Македонија, Југославија ќе ја почитува
оваа нивна желба. Неколку дена потоа, односно на 23 април 1945 година,
КПЈ-КПМ ја формираа организацијата НОФ, односно го ставија под своја
контрола македонското национално-ослободително движење за по неполни две
години да им го предадат на грчките комунисти.
Бугарскиот лидер, Георги Димитров, во својот дневник на 10 јануари 1945
година обелоденува: "Југословените сакаат да ја заземат грчка Македонија.
Исто така сакаат да ја заземат Албанија, дури и делови на Унгарија и
Австрија. Тоа е нелогично. Не ми се бендисува нивниот однос. Хебрант изгледа
дека е умен човек и го сфати тоа што му го кажав, а другите во Белград не
разбираат".
Комунистичката партија на Грција во својот петти пленум од јануари 1949
година го напушти ставот по македонското национално прашање од декември 1935
со кој на македонското малцинство му признаваше полна рамноправност и
прифати став со кој на Македонците им го признава правото на
самоопределување.
Петтиот пленум врз основа на рефератот на генералниот секретар на ЦК на
КПГ, Никос Захаријадис, го усвои следниот став по македонското прашање: "Во
Северна Грција македонскиот (славомакедонскиот) народ даде се за борбата и
се бори со невиден хероизам и самопожртвување, што предизвикува восхит. Не
треба да постои никакво сомневање дека ако резултат на победата на ДАГ на
народната револуција, македонскиот народ ќе го најде своето национално
решение, онака како што сака самиот тој, давајќи ја денеска својата крв за
неговото остварување...".
Веднаш по пленумот на КПГ, на 3 февруари 1949 година по сценарио на
Захаријадис е одржан вториот ( II)
пленум на Главниот одбор на организацијата НОФ на Македонците од егејскиот
дел на Македонија. Пленумот се занимаваше со следниве теми:
1) Отчет за извршената работа на организацијата на НОФ од првиот пленум и
2) Свикување на вториот конгрес на НОФ.
Пленумот на крајот усвои резолуција, во која меѓу другото, се вели: "...
Вториот конгрес ќе биде конгрес за прокламирање на новите програмски
принципи на НОФ, кои се вековен стремеж на нашиот народ, ќе го прокламира
обединувањето на Македонија во една единствена, независна, рамноправна
федерација на балканските народи, што ќе биде реализација од неговите
многубројни крвави борби".
На крајот од работата на Пленумот зборуваше и генералниот секретар на КПГ
Никос Захаријадис. Тој меѓу другото, рече: "... за да можеме на Вториот
конгрес на НОФ да го истакнеме големиот придонес на македонскиот народ во
оваа борба, од една страна, а од друга да ја согледаме политичката работа на
раководството на македонскиот народ, треба да признаеме тука дека
секретаријатот на НОФ не одговори на својата задача".
Зборувајќи за значењето на претстојниот конгрес на НОФ, Никос Захаријадис
рече: "...На конгресот треба да се изјасни националното прашање на
македонскиот народ во оваа борба кој со неговото учество во денешната борба
оди кон создавање на независна македонска држава во рамките на Балканската
федерација".
Гореспоменатиот говор на грчкиот партиски лидер на конгресот на НОФ и
други негови јавни настапи во форуми и во печатот, ги демантираат и ги
прават смешни и тенденциозни тврдењата на авторите од редовите на КПГ. На
трудовите "Историја на КПГ" и "Тригодишната епопеја на ДАГ" појавени во
Грција во 1998 година дека издигнатата парола формирање на македонска држава
во Балканската Федерација било дело, односно провокација на Македонците.
На горната парола остро реагираше КПЈ тврдејќи дека со неа македонското
национално прашање стана составен дел на Информбировската антијугословенска
кампања и слично. Кај грчките комунисти и приврзаници на левицата
предизвикаа збрка и резерва. Грчката власт ја искористи паролата за
интензивирање на теророт. Повеќе од 2.000 Грци и Македонци беа осудени на
смрт и повеќе илјади затворени и интернирани. Остро реагираше и
претседателот на САД, Труман. Поради тоа, КПГ паролата "независна македонска
држава..." брзо ја откажа, а ставот за самоопределувањето го прифати на
петтиот пленум, го напушти на (шестиот) VI
свој пленум одржан во октомрви 1949 година кога го поврати поранешниот став
за целосна рамноправност на македонското малцинство во рамките на грчката
држава. Со овие потези КПГ се претстави како несериозна и брзоплета.
"НЕЗАВИСНА МАКЕДОНСКА ДРЖАВА"!?
Промената на ставот за македонското прашање од страна на КПГ е извршена
во крајно негативни внатрешни и меѓунардони услови. Тоа беше направено без
да се води сметка дека во еден дел на Македонија егзистираше македонската
држава и без да се консултираат Македонците од другите два дела на
Македонија. КП на Југославија и КП на Бугарија остро реагираа против
паролата "независна македонска држава во рамките на балканската федерација".
Негативен став кон паролата имаше и советското партиско раководство.
Захаријадис со новиот став и парола се обиде македонското национално прашање
да стане составен дела на пресметката меѓу Сталин и Тито. Од оваа нова
политика на Захаријадис Македонците не само што ништо не добија, туку
напротив претрпеа огромни штети. По издигањето на паролата, против нив беше
преземен еден без преседан физички и правен терор и тоа не само од атинските
власти, туку и од самата КПГ. Захаријадис, за да ја симне одговорноста од
себе, тврдеше дека една од причините за да го стори тоа беше притисокот на
Македонците поттикнти од Југословените. Грчките власти, и покрај тоа што
добро им беше познато дека Македонците не беа прашани и ниту учествуваа во
донесувањето на одлуката за прифаќање на нов став за македонското национално
прашање, главната вина ја префрлија на нив преземајќи мерки во функција на
јасно дефинирана и изградена политика и стратегија за дефинитивна пресметка
со нив.
Одговарајќи на критиките, Захаријадис тврдеше дека промената на ставот по
македонското национално прашање на петтиот пленум го направи со цел масовно
да ги вклучи Македонците во претстојните решавачки битки со непријателот и
да ја неутрализираат пропагандата на КПЈ во редовите на Македонците со која
ја обвинуваше КПГ за недозволување на аспирациите на Македонците.
Неспорен е фактот дека основна цел на Захаријадис беше со прокламирање на
новиот став да ги придобие Македонците. Што значи, независно од тоа што
новата национална политика на грчкиот лидер не одговараше на времето и
условите, таа покажува и докажува еден многу значаен факт. А тоа е дека кај
Македонците од егејскот дел на Македонија постоеја желби, стремежи и
аспирации да се обединат и да формираат своја национална држава. Лидерот на
КПГ свесен за тоа се обиде преку декларативни акти и ветувања да ги задоволи
таквите аспирации на Македонците со што ги мотивира да се одзват на негов
повик "Сите на оружје - се за победата", да го извлечат од многу тешката
ситуација со која се соочи ДАГ во почетокот на 1949 година. Но, за тоа беше
многу доцна. Ништо не можеше да ја спаси ДАГ од поразот. Во една прилика
лидерот на КПГ полемизирајќи со тврдењата на членот на ПБ на ЦК на КПГ,
Мичос Парцалидис, дека новиот став за македонското прашање и нанесе големи
штети на партијата, ќе рече доколку успеевме со новиот став да ги придобиеме
Македонците и со тоа да победевме на Вичо, добивките ќе беа многу поголеми
од штетите.
Желби и стремежи за обединување и формирање на своја национална држава не
се појавија само во 1949 година, туку како што е познато многу порано. Тие
особено се актуелизираа во текот и по Втората светска војна што резултираше
со појава на бројни македонски национални програми и опции за обединување.
Еве некои од тие програми и идеи: Илија Димовски - Гоце во 1941 се отцепи од
КПГ, формира посебна македонска партиска организација со платформата:
единствена окупација, на цела Македонија, како услов за обединување на
борбата и интегрално ослободување и обединување на Македонија.
(Продолжува)
|