| |
СВЕДОШТВА
Историјата не е само минато
АНТИЧКИ МОТИВИ ВО МАКЕДОНСКИТЕ НАРОДНИ ПРИКАЗНИ И ПЕСНИ (2)
Пишува: Александар ДОНСКИ
- Небесните тела биле персонализирани и во македонскиот фолклор и во
античката митологија!
- Ликот на ламјата во македонските народни творби целосно е пренесен од
античката митологија!
Д а го спомнеме и мотивот за
персонализација на небесните тела. За постоењето на овој мотив во
македонските народни умотворби запишани во 19 и 20 век, нашиот фолклорист
д-р Марко Китевски пишува:
"Во еден број митолошки песни присутни се и небеските тела, како и некои
природни појави: сонце, месечина, ѕвезди, потоа дожд, ветер, молња и сл.
Сите тие се јавуваат како одухотворени или антропоморфни суштества.
Стапуваат во меѓусебни контакти, се женат, имаат деца и т.н." (Марко
Китевски: "Прилози за македонскиот фолклор", Скопје, 1989, стр. 33).
Мислам дека нема потреба да пренесуваме извадоци од античката митологија
затоа што е сосема добро познато дека и таму небесните тела и природните
појави се персонализирани.
МОТИВОТ ЗА НАСТАНОКОТ НА ЧОВЕКОТ ОД КАЛ
Овој мотив е спомнат во приказната под наслов "Госпо коа и создаваше
луѓето" (Марко К. Цепенков: "Светот на приказните", Мисла,
Скопје, 1982, стр. 295). Во неа читаме:
"Откога создаде Господ небото и земљата, со се што имат на нив и во нив,
што гледаме и не гледаме, живо и умрено; и откоа виде Господ, сполај му, оти
се што напраил убао го напраил, му се посака да напраи и луѓе на земљава, да
живеат и да го слават него... Станал една утрина рано, засукал поли и ракаи,
зел мотиката в раце, ископал земља, напрајл кал, та почнал да праи луѓе како
грнчаро што праел грниња. Со прво му праел нозете, после трупот, после раце,
после глаа, коса, уши, очи, уста, нос и сите друзи алати му и редел".
Во продолжение читаме дека бог го создал човекот според својот лик.
И овој мотив го има во античката митологија. Тој е поврзан со приказната за
настанокот на човекот, поврзана со митолошкиот лик на Кјура ( Cura).
Во врска со овој мотив, во делото на Карлос Парада читаме:
"Се смета дека Кјура го направила човекот од кал и го замолила Зевс да
му даде живот" (Карлос Парада, цит. дело, наслов
Gaia).
Во продолжение читаме дека Зевс сакал да го нарече човекот според себе,
но на тоа се спротивставила божицата на земјата Гаја која сакала човекот да
биде наречен со нејзиното име затоа што произлегувал од нејзиното тело (земјата).
Тогаш таткото на Зевс, Кронос, нашол компромисно решение и решил по смртта
на човекот, Зевс да ја земе неговата душа, а Гаја неговото тело, додека за
време на животот за човекот требало да се грижи Кјура. Кронос одлучил
човекот да се вика Хомо, затоа што бил направен од хумус (Карлос
Парада, цит. дело, наслов Gaia).
Главен сегмент што го има и во античката и во македонската приказна е
токму правењето на човекот од кал и тоа според ликот на бог.
Инаку, и според Библијата човекот е создаден од Бога од земјиниот прав,
а подоцна Бог му го ја вдахнал душата (Книга на Постанокот 2,7).
Теолозите ова со право го сметаат како научна вистина ако се земе предвид
фактот дека сите состојки што ги содржи човековото тело се среќаваат и во
земјата.
МОТИВОТ ЗА ЛАМЈАТА
Не само ликот, туку и името на натприродното суштество ламја (кое
често е застапено во македонскиот фолклор) е наследено од античката
митологија. Станува збор за истоименото митолошкото суштество ламја ( lamia)
која се среќава во одделни содржини на оваа митологија.
Но, најнапред да кажеме нешто за ламјата во македонскиот фолклор. И
ламјата главно се среќава во македонските народни песни и приказни. Откако
прави анализа на нејзиното појавување во македонските народни умотворби,
нашиот фолклорист д-р Кирил Пенушлиски во врска со особините на ламјата
пишува:
"Ламјата спаѓа во лошите демони што се секогаш непријателски расположени
кон луѓето, за разлика од змејот. Во народната фантазија ламјата е замислена
како огромна змија со повеќе опашки и со три или девет глави. Во некои
верувања таа исто така има форма и на гуштер. И секогаш кога ќе и се отсече
една глава на местото израснува друга. Ламјата живее во тајни места, дупки и
пештери, во планини, потоа во длабочините на езера и мориња" (д-р Кирил
Пенушлиски, "Митот и фолклорот", Скопје, 1996).
Д-р Марко Китевски наведува и други особини за ламјата:
"Во народните приказни ламјата ја запира водата и за да ја пушти бара од
луѓето секој ден по еден човек. И најчесто кога ќе треба да ја изеде
царската ќерка, ќе се најде некој јунак кој ќе ја убие и ќе стане царски
зет" (Марко Китевски: "Прилози за македонскиот фолклор", Култура,
Скопје, 1989 год., стр. 23).
И понатаму:
"Во народното верување ламјата останала како опасност за посевите...
Марко Цепенков забележал дека 'Во време кога цутат житата ако падни некое
утро магла по поле, како што паѓа во зима, житото ќе го испиела и жудливо ќе
останело и многу малце ќе било. (Во таа магла имало една ламја што ќе го
испиела житото, велат старите)" (М. Китевски, исто како претходното).
И понатаму:
"Во околината на Гевгелија ламјата ја замислувале со голема уста, јазик и
заби, со крила, четири нозе и долга опашка, што јаде луѓе, а особено деца."
(Марко Китевски: "Прилози за македонскиот фолклор", Култура, Скопје,
1989 год., стр. 24).
Одделни особини на ламјата се претставени и во приказната под наслов "Четириесетте
царски синои и четириесетте снаи, големата змија, ламјата, Арапо, царо и
дервишот" (Цепенков, цит. дело стр. 91). Овде е даден следниот опис на
ламјата:
"Туку беше излегла една ламја од под една пештера, голема колку еден вил
со четириесет глаи. Големо страшило, брате мое! Саде да ја погледнеш, ќе
умриш од страв, а не да се бориш со неа! Едни нозе што имала како некои
најголеми лопати, едни нокти како од некој канџи од најголем кантар; од
стредната глаа огон и пламен е излегуало од устата и од очите!".
Ламјата се среќава и во умотворбата во која Мирче војвода се биел со
кучката-ламја (Душко Наневски: "Раѓање на метафората", Скопје, 1982,
стр. 84).
Ламјата се среќава и во приказната "Кучка-ламја" (д-р Стојан
Ристески "Преспа под Албанија", цит. дело, стр. 109). Во оваа
приказна Дете-голомеше ја победува кучката-ламја.
Овде е и приказната "Човеко со рипчето" во која е застапен мотивот
кога кучката-ламја не им пуштала на луѓето од еден град вода за пиење, ако
не и давале по една девојка на ден да ја јаде. Подоцна некое момче со итрина
ја отепало ламјата и и го отсекло јазикот (д-р Стојан Ристески "Преспа
под Албанија", цит. дело, с. 91).
Кај Кузман Шапкарев се среќава умотворба во која Крали Марко убива морска
ламја (Шапкарев 21, цит. според Душко Наневски, цит. дело, стр. 84). Оваа
ламја дошла од морето во Солунско Поле за да го проголта машкото дете на
Марко и да оди на Маркови кули. Ламјата го голтнала детето на Марко, а Марко
пошол по неа, ја стигнал и и го распорил срцето, по што го извадил своето
машко дете оттаму.
Рековме дека ова натприродно суштество е наследено од античката
митологија. Во врска со описот на античкото чудовиште ламја ( lamia),
во делото на Карлос Парада читаме:
Ламјата била чудовиште кое ја тероризирало земјата на Делфијаните. На ова
чудовиште тие морале да му го жртвуваат младиот Алкион
(Alcyones). Ламјата била
убиена од Еврибат (Eurybatus)."
(Карлос Парада, цит. дело, наслов: Lamia 2).
Мислам дека нема што да се додаде во констатацијата дека името и некои од
карактеристиките на ламјата во македонскиот фолклор се наследени од
античката митологија. Впрочем ова го констатира и д-р Марко Китевски, кој
вели:
"Ламјата од нашите верувања има многу сличности со митолошкото суштество
Ламија... Ламија е суштество авет кое на луѓето им ја цица крвта и се храни
со нивните срца. Грдотијата на Ламија е пословична; таа живее длабоко во
земјата или во шуми и провалии. Ламија е ќерка на Бел и Либија; најпрвин
била исклучително убава девојка, која ја сакал Зевс, но љубоморната Хера ја
казнила со лудило во кое таа ги истепала своите деца. После овој страшен
настан Ламија од болка огрдела и животот го минувала без сон, а единствено
задоволство и било на мајките да им ги зема децата... Од сево ова може да се
види дека митскиот лик на ламјата не можел во целина да биде пренесен од
словенската прататковина. Тој лик израснал со мешање на верувањата што
Словените ги донесле со себе со оние верувања што ги имале староседелците."
(Марко Китевски, "Прилози за македонскиот фолклор", цит. дело, стр.
25 и 26).
Одделни особини на ламјата во македонскиот фолклор се преземени и од
митолошкото чудовиште хидра. Со ова суштество борба водел Херакле кој добил
задача да ја уништи хидрата. Карлос Парада вака ја опишува хидрата:
"Некои велат дека хидрата имала огромно тело со девет глави... Некои,
пак, велеле дека таа имала стотици, па дури и безброј, змиски глави"
(Карлос Парада, цит. дело, наслов: Heracles).
Парада дава опис на хидрата и за време на нејзината борба со Херакле, па
вели:
"Херакле почнал да ги сече нејзините глави, но кога пресекувал една,
изникнувале две нови" (Карлос Парада, цит. дело, наслов:
Heracles).
Ако се спореди овој опис на хидрата со претходно наведениот опис на
ламјата од македонските народни умотворби, ќе се видат забележителни
поклопувања. Овде најнапред е поголемиот број глави. Видовме дека ламјата се
среќава како чудовиште со девет глави, а исто било и со хидрата. Понатаму и
кај ламјата и кај хидрата, отсечената глава се заменувала со друга, која
растела на нејзино место. Заеднички сегмент е и местото на живеење. Хидрата
живеела во водените длабочини, а исто било и со ламјата (во некои умотворби
и таа живеела во водени длабочини). Понатаму и хидрата и ламјата биле налик
на змии (хидрата имала змиски глави). На крајот и хидрата и ламјата биле
убиени од јунак.
Од ова може да се заклучи дека ламјата во македонскиот фолклор содржи
елементи од античките митолошки чудовишта ламја и хидра.
Значи, еве уште еден мотив наследен од културата на античките Македонци.
(Продолжува)
|