ВЕРАТА НАША РИСЈАНСКА

Црквата како заедница на Бога со луѓето и на луѓето меѓу себе

ЦРКОВНА ТРПЕЗА - ТРПЕЗА НА ЉУБОВТА

Пишува: Драган ЗАФИРОВ

  • Луѓето не треба да одат на Трпезата за да се прејадат и да се препиваат, туку да заедничарат. Таа трпеза треба да биде пред се за сиромашните, за оние кои немаат парче леб, за сакатите, за слепите, а потоа и за секој што е присутен.

Секој христијанин размислува и се запрашува која е и каква е вистината и суштинското значење на црковната трпеза, односно за трпезата што се поставува во манастирите и црквите по завршувањето на Светата Божествена литургија. Дали е тоа само обично закрепнување или, покрај тоа, бараме и друга, уште подлабока, смисла на оваа традиција.

Коренот на оваа благословена традиција треба да го побараме малку подлабоко во минатото. Самата божествена литургија претставува заедница. Самата Црква која не може да се замисли без служење Божествена литургија исто така претставува заедница. Никогаш не смееме да го прифатиме размислувањето на некои луѓе кои одењето во црква го сведуваат на некој формален чин, па дури и на нешто што е обврска и кои велат - ете мора едвај да се направи празник и треба да се појде во црква.

ЛИТУРГИЈА

Црквата е заедница на Бога со луѓето и на луѓето меѓу себе. Во неа на Светата литургија небото и земјата се соединуваат и се сплотуваат во една заедница собрани на едно место да го слават Бога. Тука нема граници помеѓу небото и земјата, тука нема паралелни светови, тука се е едно и сплотено во заедница од Христа Бога и осветено од Светиот Дух. Ако ова ни стане јасно, не можеме подобро и да го разбереме ни Светото Евангелие, односно целиот Нов Завет. Ќе прочитаме во Делата на апостолите како првите христијани се собирале заедно на вечерата Господова која уште се нарекува и Трпеза на љубовта, односно се собирале на прекршувањето на лебот. Што тоа означува? Служење на првата божествена литургија, односно на исполнувањето на словото Христово...

Ова правете го во мој спомен - вели Христос. Тоа е продолжување на Тајната вечера на која Господ Исус Христос ја востанови најголемата света тајна - Причестувањето. И ден денес литургијата се служи во православните цркви и манастири онака како што заповедал Господ Исус Христос. На литургијата свештеникот принесува принос (леб и вино) од сите и за се и потоа Господ го претвора тој леб и тоа вино во Тело и Крв Христова и пак ни се раздава нам преку свештеникот на причестувањето и за живот вечен. Со ова се потврдуваат зборовите на Светата литургија: "Твое од твоите Тебе ти принесуваме, од сите и за сите се, затоа што ние ништо немаме, туку се е дар Божји". И пченицата од која е измесена просфората и лозјето од чии плодови е виното - сето тоа е дар Божји. Тој дар ние од благодарност го принесуваме на Бога. Бог го осветува, претвора во Тело и Крв и пак ни го раздава нам за причестување. Причестувајќи се сите од путирот со Телото и Крвта Христови ние стануваме заедничари во Царството Небеско, односно преку ова најсилно се изразува нашата заедница со Бога и со луѓето. Така на Светата литургија ние духовно сме се нахраниле за живот вечен.

ЗАЕДНИЦА

Но, нашата христијанска заедница не завршува и не смее да завршува само со Светата литургија, туку таа заедница треба да продолжи и по неа, односно благословот даден од Бога на Светата литургија да го задржиме што подолго и да продолжиме да живееме во љубов и во заедница. Токму заедничката трпеза што се поставува по завршувањето на Светата литургија во храмовите кои слават во тие денови на некои празници претставуваат продолжување на животот на верниците во заедница, односно на една таква трпеза кога ќе се прочита молитва и кога ќе се благослови трпезата верниците треба најтопло да ја чувствуваат таа од Бога благословена заедница.

Не важно каква и колку ќе биде богата таа трпеза. Може да биде и најмало парченце леб и чаша вода. Најважен е благословот што се излева од неа на верниците. Луѓето не треба да одат на неа за да се прејадат и да се препиваат, туку да заедничарат. Таа трпеза треба да биде пред се за сиромашните, за оние кои немаат парче леб, за сакатите, за слепите, а потоа и за секој што е присутен.

За жал, денеска не е така. Имаме многу злоупотреби на тие трпези. На многу места како од луѓето што ја организираат, така и од луѓето што доаѓаат на неа се прави неред. Ние денес сме сведоци на тоа. Така, во некои цркви ако сакаме да дојдеме до трпезата заради благослов, треба да се помине преку тежок непреодлив пат, па честопати и не се стигнува до неа. Луѓето што ја организираат забораваат дека таа е од народот и за народот.

Трпезата се поставува од луѓето за луѓето. На неа нема претпоставени и запоставени, нема поголеми и помали. Пред Бога сите луѓе се исти. Пред него нема цареви, кралеви, слуги и господари. Оваа трпеза е за да се нахранат сиромашните, оние кои страдаат за парче леб. Моќниците од овој свет ги отфрлиле и не им е грижа за нив, а тие моќниците се токму оние кои ги спомнавме - комунисти, анархисти, атеисти... Оваа трпеза е од сите и за сите, од Бога за народот, за верните, за оние кои го љубат Бога, за христијаните, за сите сиромашни, за сите отфрлени... Оваа трпеза е трпеза на љубовта. Да не се случи на Страшниот Христов суд Господ да ни проговори преку устата на сиромашниот кој бил отфрлен од некоја трпеза и да ни рече: Гладен бев и не ме нахранивте, жеден бев и не ме напоивте. Господ да не вразуми, да не благослови и да правиме се што му е нему угодно и да го придобиеме Царството Небесно преку служење со љубов. Амин.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"