СПОРТ

БОРЕЊЕ: Каде застана македонската боречка дисциплина?

ИМА ЛИ СПАС ЗА МАКЕДОНСКИТЕ "БОРЦИ"!?

Пишува: Дејан СТОЈАНОСКИ

  • Македонското борење беше нашата гордост која освојуваше многу трофеи на европско и светско ниво.
  • Не смееме повеќе да изгубиме таленти од типот на Влатко Соколов или пак Љулзим Вранези. Не смееме повеќе да застанеме само на инцидентни натпревари и инцидентни успеси.

Од врвот на светското борење, па се до самото дно и тотален анонимус! Вака нај-едноставно може да се опише подемот, падот и воопшто моменталната состојба на македонското борење.

Само да потсетиме - борењето е најтрофејниот спорт во Македонија, спорт кој на Македонија и го даде еден Шабан Трстена, олимписки шампион од Лос Анѓелес во 1984 година, потоа првиот олимписки медал за самостојна Македонија, бронзата вредна како злато на олимписките игри во Сиднеј 2000 година освоена од Могамед Ибрагимов, па европскиот клупски шампион Бучим Јака Радовиш кој потоа стана и најдобар клуб во светот откако победи на интерконтиненталниот клубски натпревар, одржан токму во Македонија.

ОЛИМПИСКИ ВЕЛИКАНИ

Златното време на македонското борење беше се до 1998 година кога како и во многу други сојузи беше извршена не спортска, туку политичка смена на позициите во Боречкиот сојуз на македонија. Се до 1998 година македонското борење беше нашата гордост која освојуваше многу трофеи на европско и светско ниво, Македонија ја имаше честа да биде домаќин на многу реномирани натпревари каде што вљубениците на борењето имаа задоволство да ги следат великаните на светското борење и, што е најважно, во златното време на македонското борење се појавуваа таленти кои потоа израснуваа во вистински великани кои значеа нешто и во светски рамки (Шабан Трстена - олимписки шампион).

Македонската боречка школа беше ценета и поставена на рамниште на руската. Натпреварувањето "Македонски бисер" беше еден вид услов за исполнување на олимписка норма, односно натпревар на кој се собираа борачи кои ја имаа исполнето олимписката норма и токму во "Македонски бисер" имаа шанса да проверат какви им се шансите на Олимпијадата. Боречкиот сојуз на Македонија прерасна во одлично организирана организација која беше современо опремена и, што е најважно, работеше со луѓе кои го сакаат борењето и кои правеа се за да го промовираат борењето, а со тоа и Македонија како држава.

ПРОМЕНИ КОН ПОЛОШО

Но, со доаѓањето на промените во политиката дојдоа и промените во борењето и во боречкиот сојуз како и во комплетната политика која се водеше. На местото на дотогаш по сите мерила успешниот Ванчо Чифлиганец кој на некој начин беше организатор и стоеше зад сите успеси на македонското борење, дојде Сашко Станинов кој најблаго кажано успеа сето она што беше претходно остварено да го донесе на најниски гранки. Сашко Станинов успеа за време на своето претседателствување со Сојузот да ја замре сета работа на Сојузот, натпреварите и Лигата да ги доведе до едно навистина ниско ниво, па дури се добија и закани од страна на светската боречка организација дека ќе забранат да се одржува "Македонски бисер" поради неплатени долгови кон ФИЛА. Борењто се сведе само на неколку ентузијасти, а во клубовите кои настапуваат во Лигата можат да се видат само деца кои подоцна поради тоа што не се вложува во нив се откажуваат и не успеваат да го искажат својот талент.

НОВА НАДЕЖ

Малку надеж влева фактот дека тешката состојба и лошото работење се навреме забележани, па е извршена смена во Сојузот и на местото на Станинов за претседател е поставен Аце Миленковски. Со неговото доаѓање на власт во борењето почнаа да се стабилизираат состојбите и полека да го зема оној замав кој и го заслужува, затоа што оваа земја отсекогаш била расадник на таленти.

Со малку вложување во борењето и со чесно работење на луѓето кои се таму ангажирани може да се направи многу и борењето да ги заземе оние позиции на најтрофеен спорт во Македонија. Не смееме повеќе да изгубиме таленти од типот на Влатко Соколов или пак Љулзим Вранези. Не смееме повеќе да застанеме само на инцидентни натпревари и инцидентни успеси. Македонското борење мора да изнајде начин и можност повторно да игра забележителна улога на светските, европските и олимписките натпреварувања. Олимпијадата во Атина 2004 година не е толку блиску и навистина треба сите да се подготвиме за веќе таму да покажеме дека вредиме, односно дека отсекогаш сме вределе. 

ФУДБАЛ

Собрание во ФСМ

КОЈ ЌЕ БИДЕ НОВИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ?

Само што се појавија шпекулациите дека ќе се настојува во што пократок рок да се изврши промена на раководството во ФСМ и дека ќе се оди на уривање на сегашната фудбалска влада, Ламбе Арнаудов го возврати ударот. Тој сосема неочекувано закажа собрание на ФСМ на кое се очекува да биде поставена и точката за доверба на досегашниот претседател и евентуално избирање на нов.

Но, дека свикувањето на собранието е смислен потег на сегашното раководство, зборува и фактот дека веднаш по неговото свикување се појавија шпекулации дека ќе биде зголемен и бројот на делегатите што на директен начин ќе се оневозможи и смената на Ламбе Арнаудов. Ваквиот развој на настаните како да ги фати неподготвени таканаречените пучисти, па сега се прават напори да се минира собранието преку неприсуствување на него, а ако таквиот обид пропадне, тогаш ќе се оди на тоа прво да се освојат општинските сојузи, па потоа да се оди на освојување и на претседателското место.

Како најсериозни кандидати за функцијата претседател на ФСМ се исфрлени имињата на Димитар Бузлевски и Тихомир Илиевски.

Како ќе заврши ова надитрување помеѓу претставниците на минатата власт и новата власт, останува да видиме. Нам ни преостанува само да се надеваме дека сето ова ќе биде за подобро утре на мак-фудбалот.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"