Македонија без западниот дел
Нова меѓународна конференција и прекројување на границите на Балканот,
предлага професорот Стивен Мајер, доглогодишен аналитичар во ЦИА, кој
работел и на Балканот. Во интервјуто за "Дневник", тој вели дека е можно
Македонија на таква конференција да остане без западниот дел, кој би се
припоил кон Албанија. Сепак, Мајер не ја исклучува и можноста македонското
малцинство во соседните земји да побара да се приклучи кон матичната држава.
Албанските терористи во Хаг
Хашкиот трибунал упати формално барање до македонската Влада да му ги
отстапи сите пет досега поведени случаи во врска со минатогодишниот конфликт.
Станува збор за случаите што се однесуваат на обвинението против десеттемина
од т.н "раководство на ОНА", меѓу кои втор на листата е Али Ахмети, избран
пратеник во Собранието. Вториот случај се однесува на обвинението познато
како "Липковски водовод", во кој познат сторител среде летна жега неколку
недели измачуваше со жед 100.000 жители на Куманово. Третиот случај се
однесува на обвинението и истражните дејствија за малтретирањето на групата
работници на ГП " Маврово" кај Групчин. Истрагата во врска со наводните
масовни гробници кај Љуботен и Непроштено, исто така се сели во Хаг.
Функционери од МВР уништувале досиеја?!
Од Секторот за аналитика и истражување и од Управата за безбедност и
контраразузнување во МВР, според извори на "Утрински весник", подолго време
исчезнале и не биле достапни за дообработка за оперативците неколку строго
доверливи документи - досиеја врз кои се работело со шифрирани кодови и врз
кои работеле оперативци под шифра. За овие документи, како што се тврди во "Утрински
весник", знаеле најмногу тројца во МВР, меѓу кои бил и досегашниот министер
за внатрешни работи на РМ, Љубе Бошкоски. Се претпоставува дека исчезнатите
документи - досиеја биле добро обработувани или од нив биле уништувани некои
документи, а подоцна биле враќани во истите сефови.
Садула Дураку на слобода
Садула Дураку, поранешен член на т.н. ОНА и висок партиски функционер на
ДУИ, кој во саботата беше притворен од страна на МВР, на седми октомври, по
барање на Основното јавно обинителство е пуштен на слобода. Засега е
неизвесно дали Дураку, кој како што изјави полицискиот портпарол Воислав
Зафировски се товари за тешки дела на велепредавство и загрозување на
државниот интегритет на Република Македонија, како и за воени злосторства
против цивилно население, ќе се брани од слобода.
Во изминатите неколку дена беше извршен силен притисок од ДУИ и од
меѓународните претставници за ослободување на Дураку.
Потпретседателката на ДУИ, Теута Арифи, на Трајковски му го пренесе
партискиот став според кој нема основи Дураку да биде задржан во притвор,
бидејќи делата за кои се товари се под јурисдикција на Хашкиот трибунал, а
не на македонското судство. Зафировски го обвини Трајковски дека вршел
притисок врз него за ослободување на Дураку, за што следеше демант од
Кабинетот на Трајковски.
Црвенковски против криминалот
Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз и иден Премиер, Бранко Црвенковски,
истакна дека од своите соработници и од самиот себе си ќе бара да бидат:
чесна, скромна и одговорна власт и најави дека за сите оние кои ќе го
прекршат законот, особено ако се на раководни позиции во СДСМ, ќе следуваат
најригорозни мерки.
Ако, додал Црвенковски, почнеме да попуштаме уште на почетокот,
тоа ќе биде нашиот крај не за четири години, туку порано, бидејќи како што
се собраа на 13 септември луѓе на плоштадот, другпат ќе се соберат многу
повеќе и на клоци ќе не избркаат од владата. Се уверив дека луѓето се
едни пред да им дадеш власт, а други кога ќе ја почувствуваат моќта.
По добивање на мандатот од страна на Трајковски, Црвенковски потенцира
дека битката против криминалот ќе ја водат преку институциите на правната
држава и дека тоа ќе биде еден нов морален кодекс на однесување за сите оние
што ќе бидат носители на државни функции.
Се надевам дека ќе работиме поразлично отколку минатиот пат кога ја
имавме власта. Се надевам дека некои од грешките што тогаш ги правевме нема
да ги повториме, а ако ги повториме не заслужуваме да бидеме во владата,
изјави Црвенковски.
МПЦ ги прекинува разговорите со СПЦ
Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква на својата
редовна седница одржана на трети октомври, како услов за продолжување на
разговорите со Српската црква побара повлекување на сите одлуки на СПЦ со
кои се назначувани администратори и раководители со епархиите на МПЦ. Во
спротивно, во ваква ситуација се прекинуваат разговорите со СПЦ. Одлуките и
ставовите на Светиот сабор на СПЦ донесени на вонредното заседание, одржано
на 23 и 24 септември 2002 година, (на кое СПЦ го именува поранешниот владика
Јован за српски егзарх во Македонија), според Синодот, се ништожни,
неважечки, противканонски и тој ги отфрла со индигнација.
|