| |
КОМЕНТАР
Македонски плурализам
"ТАКАНАРЕЧЕНИТЕ" ВО ВРВОТ НА ХИЕРАРХИЈАТА
Пишува: Мишко ТАЛЕСКИ
- Срамно е што иднината ќе ни ја кројат луѓе кои посегнаа по темелите на
македонската држава, ги осакатија и разнишаа, а денеска зборуваат како ќе
доградат нови столбови за опстој на државноста.
- Основите за денешната состојба во која се наоѓа законодавната и
извршната власт во Македонија ги поставија заеднички, а не индивидуално.
"М еѓународната заедница во
наредниот период ќе биде соочена со многу бури. Затоа таа треба да биде
добро подготвена за да не биде поразена", ќе рече деновиве генералниот
секретар на Северноатлантската алијанса, Џорџ Робертсон. Во овој контекст се
поставува прашањето: Од кого ќе биде поразена меѓународната заедница ако во
нејзини рамки влегуваат сите земји-членки на светската организација, сите
државно-правни субјекти од сите континенти? Од кого ќе биде поразена? Од
вонземјаните? Или од Ирак, Либија, Саудиска Арабија, НР Кина, Северна Кореја,
Авганистан, Индија, Југославија, Палестина, Индонезија, Колумбија, Египет,
Иран, Алжир, Јордан, Судан... Зарем сите овие земји кои исто така и
припаѓаат на таа меѓународна заедница се обидуваат да го рушат светското
семејство на народите, да го претворат во хаос и безредие? Овие држави не
спаѓаат во новокомпонираната заедница на Буш, Робертсон, Солана и Пауел. Тие
си имаат своја т.н. меѓународна заедница составена само од три или четири
држави или две или три моќни институции преку која ќе доминираат и ќе ги
контролираат преостанатите 180 земји кои само на хартија и на спортските
терени се еднакви и рамноправни со нив. Никако поинаку.

Робертсон во горенаведената изјава му дава до знаење на светот дека
неговата меѓународна заедница треба добро да се подготви за да се одбрани од
другата меѓународна заедница која пак е помногубројна, но послаба како во
политичка така и во економска смисла на зборот. Глобалистичките стратези на
западните земји почнуваат длабоко од корен да ги менуваат односите во светот
предизвикувајќи нови поделби, заладени билатерални и мултилатерални односи
што на цена ја враќа студената војна од пред десетина години, но овојпат со
многу поопасни последици по светскиот мир и безбедност.
"УРЕДУВАЊЕ" НА ОДНОСИТЕ!?
Преземените методи на глобализмот кои имаат за цел радикално менување и
прекомпонирање на државните политики и нивна преориентираност кон западниот
свет не ја заобиколија ниту нашата земја. Иако мала, географски не толку
значајна барем по големина, сепак и таа влезе во големите сценарија за
преуредување на односите. Преку ноќ таа стана нестабилно место за живеење,
со влада која ги крши основните човекови права, иако додека беше потребна за
давање логистичка подршка некому и во определено време, беше почитувана како
уникат или прототип на солидна уреденост на меѓуетничките односи.
Но, и бродот "Титаник" на почетокот беше прототип на бродската индустрија,
ама на првиот тест го допре дното на океанската шир. Имаме ли право да се
споредуваме со "Титаник" или се уште за нас постојат надежите? Никако. Иако
живееме во една квазидржава со многу атрибути несвојствени за еден нормален
државноправен субјект, сепак не е се така изгубено. Пукнатината низ која се
гледа светлината на вистината и правдата навистина е мала, но вреди да се
направи обид да се пробие за да ги неутрализираме сите оние предизвици и
опасности кои ни стојат на патот како пречка за нашата иднина.
Деновиве ни се конституира новиот состав на законодавниот дом, ни се
правеа комбинациите за новите личности во извршната власт. Ги крпеа
искинатите рабови од минатогодишната криза. По малку срамно, по малку гордо
и надежно. Срамно - затоа што иднината ќе ни ја кројат луѓе кои посегнаа по
темелите на македонската држава, ги осакатија и разнишаа, а денеска
зборуваат како ќе доградат нови столбови за опстој на државноста. Нон-сенс
во меѓународните правила. Уште полошо што тој "нон-сенс" активно, јавно и
бесрамно беше наметнат од луѓето кои на ниту еден начин таквиот метод не би
го примениле во своите матични земји. Зошто Али Ахмети, Фазли Велиу и
нивните шизофренични соборци од т.н. ОНА не можат да бидат прифатливи не
како политичари, туку ни како граѓани во западните земји, па се ставаат на
некакви исфарбани црни листи на нивните администрации за плакнење на
валканиците, а ваму истите тие создавачи и потписници на црните листи ни ги
туркаат во институциите на системот како едноставна демократска алтернатива
за стабилизирање и развој на земјата? На ова аналитичарите од силен калибар
ќе додадат само еден одговор, досега многупати даден. Али Ахмети мора по
секоја цена да влезе во новата македонска власт за да се оправда улогата на
т.н. меѓународна заедница и за да не може утре никој да и најде раска во
матеницата.
КОСОВСКО СЦЕНАРИО?
Истиот модел на делумна разградба на институциите претходно беше применет
во српскиот протекторат Косово каде за еден од раководните личности беше
поставен најзакрвавениот косовски терорист Хашим Тачи за потоа истото да се
ископира и во јужниот дел на Србија каде западните администрации на српските
власти им ги втурнаа командантите од типот на Муслиу. Е, потоа на ред
дојдовме ние како млада "демократска" администрација која мораше да го
прифати таквиот рецепт на западната хемисфера. И денеска ние го имаме Али
Ахмети кој како "параноичен шизофреничар" (цитат од швајцарскиот текст) го
седнаа во пратеничките клупи за да ја гради и крои нашата иднина. Не вредат
повеќе обвинувањето меѓу двете најголеми политички сили во земјава од
македонскиот блок, бидејќи одамна се излитени и избледени. Не веројатно,
туку сигурно последиците ќе мора заедно да ги сносат без разлика кој е сега
власт, а кој опозиција, кој коалицирал со Ахмети, а кој не. Основите за
денешната состојба во која се наоѓа законодавната и извршната власт во
Македонија ги поставија заеднички, а не индивидуално, Георгиевски и
Црвенковски во коалиционата влада од минатата година и со своите потписи за
поддршка на на наметнатиот и во секоја смисла на зборот правно неиздржлив
охридски мировен Договор. Сега ниту Кралевски, ниту Караџоски како
опозициони партнери во новиот собраниски состав немаат право на атак врз она
што го прави Црвенковски и неговите коалициони партнери со составувањето на
новото парламентарно мнозинство. Тоа е логичната и очекуваната последица од
настанот кој се случи минатата година на 13 август - потпишувањето на
Договорот од Охрид. Улогата на опозиција на вербално порадикално крило на
ВМРО-ДПМНЕ во Собранието ќе внесува нови турбуленции во односите меѓу
македонскиот народ и албанската етничка заедница во Република Македонија, и
со таквата нова улога која ќе значи продолжување на реториката на
Георгиевски и Бошковски од последните неколку месеци, повторно ќе се соколат
воинствените групи од двете страни кои ќе треба да му ги расипат сметките на
староновиот премиер Црвенковски во стабилизирањето на безбедосната состојба
во државата.
Новата власт е свесна за таквото практицирање на опозиционата улога на
поранешниот премиер и министер за внатрешни работи, но треба да се земе
предвид и фактот што овојпат тие остануваат осамени како политичка сила во
тој поглед и покрај респектабилната бројка од 33 пратеници. Неколкугодишниот
мајстор за правење добри сценарија од кои се тресеа и европските дипломати,
Арбен Џафери, како нивни џокер за опстој на власта, повеќе им го нема или
подобро речено не ја прифати играта да биде опозиционен помошник на своите
довчерашни крими-партнери. Колку ќе биде способна тројката Георгиевски -
Бошковски - Андов во обидите да го смени актуелното расположение кај
македонската и албанската јавност која им ја даде довербата на
левоориентираните сили, ќе покаже времето.
И уште едно интересно прашање. Дали местото на софистицираниот Џафери
овојпат ќе го заземе конфликт-мајсторот Мендух Тачи како најсериозен
кандидат за водач на довчера најмоќната албанска политичка партија во
Република Македонија? Дали дружбата меѓу него и партијата на Георгиевски ќе
продолжи и на кое ниво? Многу е веројатно од проста причина што досега на
ниту еден начин, со ниту еден збор не се препираа меѓу себе. Ниту Бошковски
за Тачи кажал досега лош збор, ниту обратно. Бројката од седум пратеници на
страната на ДПА е сосема доволна како опозиција за развивање нови страсти во
реториката, а би била надополнување на она што ВМРО-ДПМНЕ ќе го прави од
свој агол. Четириесетина радикали во улога на опозиционери многу брзо, во
зависност од квалитетот на понудените факти и аргументи, можат да ја сменат
сликата на привидната хармонизираност на одностите во државата. Коалицијата
на власт ќе мора од првиот ден од преземањето на власта да биде имуна на
секојдневните атаци кои неминовно ќе следат како од македонската така и од
албанската опозиција. Четириесетината опозиционери ќе играат на картата на
растурање на развлечената и преобемна коалиција на Црвенковски со обиди таа
добро да се растресе поради несродните и на моменти различни погледи. Нешто
слично по урнекот на српската ДОС која по две години внатрешно се распаѓа
поради неединствените и различни ставови за државните проблеми со кои се
соочува нашиот северен сосед. Се разбира, голема улога за таквата разградба
имаше и опозицијата предводена од Милошевиќ и Шешељ. Во нашиот случај
говориме само за претпоставки и нешто што би можело да се случи во наредниот
период доколку партнерите собрани во јатото на социјалдемократските опции од
двете заедници не ги постават и не ги разрешат проблемите онака како што
треба да се решат.
Меѓу другото, треба да се има предвид фактот што овојпат како и во 98-та
на власт доаѓа непринципиелна и неприродна коалиција. Ако пред четири години
тоа беа силите кои меѓусебно ќе си ги сечеа канџите на орлите и ќе ги
поткинуваа опашките на лавовите, сега тоа се силите кои во последните две
години едните во улога на глобални терористи пукаа, убиваа и масакрираа по
селата низ Шар Планина, а другите целата своја сила ја насочуваа кон
издејствување предвремени парламентарни избори - потег несвојствен во услови
на војна. Оттука, што ќе ни гарантира дека во наредните четири години ќе
биде подобро од претходните четири? Вербалните предизборни ветувања повеќе
не поминуваат кај јавноста. Тоа најдобро го покажа и последниот изборен
циклус. Отсега ќе мораме, сакале ние или не, да го прифатиме фактот, да ја
прифатиме реалноста дека дел од државните работи ќе ни ги водат "таканаречените"
применувачи на силата од минатата година и ќе се пресликуваат во
интерпретатори на демократијата. Подбивно, омаловажувачки, но важно е што
т.н. меѓународна заедница ни вели дека е демократски. Довчерашните рушители
на институциите стануваат кремот на институциите. "Таканаречените" ќе ни ја
водат државата. Се плашам само да не станеме "таканаречена" држава.
|