ИНТЕРВЈУ

Мајор Зоран Секуловски, портпарол на Армијата на Република Македонија

СЕКОЈ ДА ПРИДОНЕСЕ ЗА МИРОТ

Разговарала: Рената МАТЕСКА

  • Западниот и северозападниот граничен појас е зголемен за пет до десет километри. Овој дел е под целосна контрола на АРМ. Армијата дури ја зголеми контролата долж граничниот појас. Се е со цел обезбедување на државната граница. Во рамките на овој граничен појас Армијата имаше добра соработка со силите на НАТО: со командата на НАТО-Скопје, со наменските сили "Лисица" и со КФОР на Косово. Соработката е на сите нивоа од најниско, од командири на караули, па до команданти на гранични единици, па и Генералштаб со команда на КФОР. Можеме да констатираме дека е значително унапредено обезбедувањето на државната граница, особено на делот со граничниот појас со Косово.
  • Моменталната безбедносна состојба според проценките на Армијата е релативно мирна. Но, сепак постои можност за појава на одредени вооружени криминогени групи коишто не можат да ја загрозат безбедноста во кризните региони. Во содејство со МВР успешно можеме да се соочиме и со ваквите групации. Ваквите групации не би можеле да предизвикаат проблеми. АРМ има формирано посебни сили за борба против тероризмот и доколку затреба можат да бидат употребени.

МС: Господине Секуловски, Армијата на Република Македонија повлече дел од силите од кризните региони без да биде консултиран Советот за безбедност - тело што ги обединува државниот и воениот врв во земјава по прашањата за националната безбедност. На што се должи повлекувањето?

СЕКУЛОВСКИ: Повлекувањето што го реализираше АРМ во изминативе неколку дена се должи на одлуката на Претседателот на Република Македонија, воедно и врховен командант на Армијата, а врз основа на предлог на Генералштаботот на АРМ. Станува збор за повлекување на сосема мал дел од позициите на АРМ коишто повеќе не беа во функција на извршувањето на постоечката задача којашто Армијата ја извршува. Целта на ова повлекување беше првенствено рационализација на постоечките ресурси со кои располага АРМ: материјалните, човечките и финансиските. Како втора цел што беше во врска со повлекувањето е изградбата на мерките на доверба што треба АРМ да ги гради со месното население. Да напоменам дека АРМ и понатаму останува на стратешките позиции. Посебно кога станува збор за обезбедувањето на граничниот појас, одлуката на Владата на Република Македонија за зголемувањето на граничниот појас кон западната граница и дел од северната граница кон Косово, зголемен е појасот каде што својата улога и задача за чување на државната граница ја извршува АРМ. Во граничниот појас кој опфаќа пет до десет километри, АРМ останува комплетно со сите сили како што и досега беа распоредени во овој граничен појас. Воопшто не станува збор за никакво намалување на безбедносните сили..

МС: Премиерот на заминување, Георгиевски, изјави дека со ваквата постапка на Генералштабот на АРМ сериозно се нарушува Уставот. Дали е донесена одлука која е спротивна на нашиот Устав?

СЕКУЛОВСКИ: Прво, не би сакал да ја коментирам изјавата на премиерот, господинот Георгиевски. Мислам дека беше во прашање едно недоразбирање на релацијата Влада - Генералштаб. Со Уставот и со Законот за одбрана строго се дефинирани надлежностите на органите на власта почнувајќи од Претседателот на Република Македонија и врховен командант на безбедносните сили, па преку Собранието, Владата, Министерството и Генералштабот на АРМ. Воопшто не станува збор за противуставно и своеволно донесување на одлука од страна на Генералштабот. Одлуката за повлекување на дел од безбедносните сили е донесена со одлуката на врховниот командант на Армијата.

МС: Исто така, беше потенцирана забелешката дека намерата на ГШ не била координирана ниту со припадниците на МВР?

СЕКУЛОВСКИ: АРМ и МВР отсекогаш имале добра координација на сите нивоа на раководење и командување. Координирањето за повлекување на дел од силите, АРМ сметаше дека не се во функција каде што се заедно АРМ и МВР. Воопшто немаше потреба МВР посебно да биде информирано. Соработката меѓу АРМ и МВР и понатаму останува на теренот каде ги исполнуваат задачите и обврските во врска со справувањето со кризата.

ПОВЛЕКУВАЊЕ

МС: До кога е планирано силите на АРМ целосно да се повлечат од Тетовско, Кумановско и Гостиварско?

СЕКУЛОВСКИ: Целта на АРМ е доследна реализација и спроведување на планот на врховниот командант за справување со кризата, а од неа произлегува и повлекувањето на дел од силите. Самиот процес на повлекување на дел од силите не е започнат од вчера. Тоа е според претходно направен план кој подразбира повеќе фази кои ќе се одвиваат постепено и е во согласност со безбедносната состојба и постојаните проценки. Кога во потполност ќе бидат повлечени силите на АРМ од поранешните кризни региони зависи од тоа како ќе се развиваат состојбите во поранешните кризни региони и со одлука на Претседателот на Република Македонија и врховен командант на АРМ.

МС: Каква е последната проценка на безбедносната состојба во кризните региони според Генералштабот на АРМ?

СЕКУЛОВСКИ: Како што напоменав, ГШ редовно ја следи состојбата во поранешните кризни региони. Со таквата секојдневна состојба се информираат не само Министерот за одбрана, туку и врховниот командант. Моменталната безбедносна состојба според проценките на Армијата е релативно мирна. Но, сепак постои можност за појава на одредени вооружени криминогени групи коишто не можат да ја загрозат безбедноста во кризните региони. Во содејство со МВР успешно можеме да се соочиме и со ваквите групации. Ваквите групации не би можеле да предизвикаат проблеми. АРМ има формирано посебни сили за борба против тероризмот и доколку затреба можат да бидат употребени.

МС: Според премиерот Георгиевски, соопштението на Генералштабот е неприфатливо, затоа што Армијата не може да дава проценки што се чисто "политички". Ваш коментар?

СЕКУЛОВСКИ: Не би сакал да коментирам дали проценките се политички или не. Напоменав дека станува збор за недоразбирање, а не за нарушување на Уставот.

РЕФОРМА

МС: Се одбележаа 10 години од формирањето на АРМ. Може ли да направиме кратко резиме на досегашната работа?

СЕКУЛОВСКИ: На самиот почеток на осамостојувањето на Република Македонија бевме затекнати со повлекувањето на поранешните сили на ЈНА. Останаа само опремата и техниката што беа во составот на територијалната одбрана, само лесното вооружување. Ги наследивме само касарните и караулите коишто беа целосно испразнети. Започнавме буквално од нула. Со текот на настаните во поранешна Југославија, земјите на екс Југославија беа под едно ембарго во опремување првенстевно со борбена и воена техника. Под такво ембарго за опремување, во една незавидна положба се најде и Македонија, така што не можеше да го планира вооружувањето и модернизацијата на опремата и техниката. Благодарение на постоечките билатерални програми кои ги има Република Македонија со членките на НАТО и Партнерството за мир донекаде е извршено пополнување на единиците со материјални средства добиени од донации. Морам да напоменам дека станува збор за неборбена опрема. Потоа дојде помошта од некои пријателски земји, од Република Бугарија, од каде што е добиена и борбена опрема. Станува збор за тенковите Т-55, како донација од Бугарија, а потоа во текот на воената криза од Украина се набавени и тенковите Т-72, како и борбени авиони и хеликоптери и одредени системи за противвоздушна одбрана. Според тоа, денес можеме да констатираме дека АРМ располага со современо оружје, добро е опремена, оспособена и подготвана да одговори на можните закани по нејзиниот суверенитет и интегритет.

МС: Македонија во наредните пет години ќе потроши 152 милиони долари за имплементирање на програмата за реформа на Армијата. Што впрочем подразбира таа програма за реформа на АРМ?

СЕКУЛОВСКИ: Точно е тоа дека АРМ планираше одредени буџетски средства за остварувањето на реформите кои се во тек. Целта на реформите е да се создаде една поефикасна сила која ќе одговори на потребите. АРМ го напушти поранешниот корпусен концепт на командување и контрола и новата структура подразбира бригаден модел. Процесот на трансформација ќе се одвива во три фази до 2007 година. Веќе со првата фаза започнува имплементацијата на новата структура која е веќе заокружена. Истата се состои од силите за брзи реакции, резервните сили и силите за поддршка. Армијата во иднина треба да брои 12.000 персонал од кои 60 отсто треба да бидат професионални офицери, во согласност со планот. Средствата кои се потребни за наредниот период првенствено се наменети за опремување на единците од активниот состав. Станува збор за втората пешадиска бригада како активен состав, чија потполна готовност треба да биде заокружена заклучно со 2003 година. Голем напредок е постигнат во поглед на интероправилноста според стандардите на НАТО. Дел е на одржувањето на постоечките системи и дел за обуката која треба да биде според стандардите на НАТО.

МС: До 2007 година се планира да се обликува и операционализира и новата командна структура на АРМ. Нешто поконкретно за плановите?

СЕКУЛОВСКИ: Веќе започнавме со процесот на операционализација на новата структура на АРМ. Во некои единици тоа е веќе заживеано. Оваа слика треба да заживее и во резервниот состав која ќе се одвива во втората и во третата фаза. Очекуваме дека до крајот на 2007 година ќе биде заокружен процесот во активните и резервните сили. Командите веќе се дефинирани од кои само една е нова, а тоа е командата на специјалните сили под чија капа се ставени силите за борба против тероризмот, односно силите за специјална намена.

КОНТРОЛА

МС: Пред околу два месеца Армијата потврди дека има сознанија за постоење на вооружени, но формациски неповрзани групи, чија вкупна бројка не надминува 200 лица, а кои не претставуваат сериозна закана за безбедноста во државата. Дали се уште е забележливо присуството на такви вооружени формации?

СЕКУЛОВСКИ: Со самата проценка што ја дадовме за моменталната безбедносна состојба е констатирано дека вакви формации не се забележани во поранешните кризни подрачја. Меѓутоа, оставен е простор за нивно можно јавување. Пред се се мисли на мали криминогени групи кои не може да ја загрозат безбедноста, но не и формации од 200 лица.

МС: Под чија контрола е западниот, или ако сакате северозападниот дел на Република Македонија?

СЕКУЛОВСКИ: Веќе ви кажав дека западниот и северозападниот граничен појас е зголемен за пет до десет километри. Овој дел е под целосна контрола на АРМ. Армијата дури ја зголеми контролата долж граничниот појас. Се е со цел обезбедување на државната граница. Во рамките на овој граничен појас Армијата имаше добра соработка со силите на НАТО: со командата на НАТО-Скопје, со наменските сили "Лисица" и со КФОР на Косово. Соработката е на сите нивоа од најниско, од командири на караули, па до команданти на гранични единици, па и Генералштаб со команда на КФОР. Можеме да констатираме дека е значително унапредено обезбедувањето на државната граница, особено на делот со граничниот појас со Косово.

МС: Дали наредните години дефинитивно ќе бидат години на мир во Македонија?

СЕКУЛОВСКИ: Ако немам надеж дека нема да бидат години на мир сигурно не би бил на оваа позиција на која сум сега. Меѓутоа, за мирот треба да придонесат сите поединци во Република Македонија. Од граѓанинот во Тетово, Куманово, Гостивар, па и жителите на селата кои гравитираат во поранешните кризни региони, па преку органите на локалната власт, сите политички субјекти, секако и органите на власта - секој треба да го даде својот придонес за мирот.

МС: Како го коментирате влегувањето на терористите во македонскиот Парламент? Има ли некоја друга земја во светот со вакво искуство?

СЕКУЛОВСКИ: Тоа е политичко прашање и не би сакал да го коментирам. Тоа е во рамките на Рамковниот договор и Армијата нема право да ги коментира одлуките на политичарите.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"