рвиот пат беше - фотелја... Мека,
пространа, конфорна, вистинска премиерска. Овој пат ќе биде "седло од камен",
каква што е за сите премиери во светот, и од медицината препорачана за
превентивна заштита од "механички и психички трауми".
Политичкиот реконвалесцент Бранко Црвенковски, очигледно "добро закрепнат"
во овие четири "санаториумски години" во опозиција, пред македонската
јавност излезе свеж, додуша со мали подочници од неспиење, но со јасна и
чиста политичка порака - да направиме држава каква што ни доликува.

И во свој стил, непоколебливо, најпрво им се заврти на своите, а потоа на
оние "другите". Им рече на лигавите од "нивните редови" да престанат со
мавтање и дефилирање на "сината роза" и да го сфатат правецот на движење кон
чесна, скромна и одговорна власт, да не сонуваат непотистички членства во
привлечните управни одбори и да се откажат од ламбеарнаудовскиот и
ѕинговскиот модел на владеење со спортот.
Зошто ова го прави идниот премиер на Македонија?
Кога го прашале едно врапче оти бега од трите кибритчиња на некогашниот
ЦК на СКМ, врапчето само мавнало со опавчето и направило: пуф, пуф, пуф...
Таму и воздухот смрди на корупција, на непотизам, на злоупотреби!
Врапчињата очигледно не живеат кај што смрди. Како тогаш да се проветрат
трите кибритчиња во седлото на власта, конечно да се почувствува попријатна
арома? Бранко Црвенковски антолошки се подготви за старт од новиот мандат
што му го даде народот. Тоа некогашно "момче комсомолче", на кое додека
чмаеше во опозицијата му направија триста проверки да му најдат нешто поцрно
од црните грешки што ги сторија другите околу него, прави се да ги избегне "слатките
замки" на власта.
А, тие замки не се лечат само со зборови, оти и самиот признава, какви се
луѓето: "... Едни пред да им дадеш власт, други кога ќе ја почувствуваат
моќта на власта!". Ништо ново - Меша Селимовиќ и Нуредин во "Дервишот и
смртта".
Некни го читам Петре Баке - умно, упорно и образовано човече - ама пис на
збор, без влакна на јазикот, па вели: "...Промените што ја заплискаа
државата на груб, на крајно вулгарен начин ме сотреа, ме треснаа од земја.
Се нафрлија јата завидливци, самоникнати фукари кои ме ставија на столбот за
отстрел. Ми токмеа свилен конец, ме кодошеа, ме понижуваа, ме
дисквалификуваа. Тоа беше мрежа ситно плетена од писатели, од луѓе кои
дотогаш ми се беа пикнале под кожа, ми се умилкувале и ме цицале, но
постојано ми ја подотворале, ми ја подметнувале стапицата. Кога ме начекаа
како мршојадци се струполија врз моето живо месо. Преживеав!".
Вакви луѓе за кои говори Баке има секаде во сите средини и во сите партии.
Кој за нив треба да зборува: само Премиерот и писателот, или сите ние смртни
што со нашите гревови и се доближуваме на "јамката за бесење?".
Ако се прашам јас, не би го "жртвувал" Бранко, како што самиот се
жртвуваше во 1997 кога од парламентарната говорница рече дека ќе тргне во
лов на октоподот. За новиот "кодекс на власта" требаше да зборуваат сите,
само не Бранко, оти време е пред јавноста да се испречат оние што се
потенцијални грешници.
Сега Бранко признава со кого бил опкружен пред четири години, како
Катарина со - Потемкин... Грешките на Бранко беа и грешки на Љубчо кој
допрва треба да излезе пред македонската јавност и да го каже тоа што
Црвенковски му го кажа на своето членство во неделата на 6 октомври 2002
година, девет дена пред инаугурацијата за премиер.
Историите на политичко-партиските болести на Македонија се и интересни и
- драматични. Почнува нова ера на владеење со народот, но не од преудобните
фотелји, туку од "седлата од камен", кај што е и тврдо, и студено, и
нерамно!