| |
ПОЛИТИКА
Новиот парламентарен состав пред тешки политички предизвици
ПО ЌЕФОТ НА ДУИ И НА АХМЕТИ!?
Пишува: Кокан СТОЈЧЕВ
- Албанските политичари се во предност. Тие не наседнаа на играта со
слушалките, туку го искористија правото за говорење на сопствениот мајчин
јазик. Така, наместо свечената седница да се претвори во прослава на
победата на Коалицијата "За Македонија заедно", таа всушност беше
политички дебакл. Скандалот укажува дека македонската демократија се уште
е нестабилна.
- Албанците ќе продолжат да ја свират својата композиција што во
континуитет последниве десетина години наназад ја слушаме. Тие одамна
направија "гаргара". Ги расплакнаа грлата, ги наштимаа ораторските
инструменти, а пак разединетите македонски политичари, вовлечени во
мудрата игра што самите ја прифатија, ќе мораат да се навикнат на
албанскиот јазик. Тие го изгласаа, па сега нека се навикнат на албанскиот
вокабулар.
Н овиот парламентарен состав на
Република Македонија, четврти по ред по осамостојувањето, конечно се
конституира. Но, сепак, во воздухот можеше да се почувствува напнатоста која
се забележуваше со зголеменото присуство на полицијата и луѓето од
обезбедувањето на Парламентот, кои ги следеа новинарите до собраниската сала.
Тие не дозволуваа новинарската фела да се "распиштоли", бидејќи се
стравуваше од инциденти и напади врз поранешните команданти на ОНА кои сега
се пратеници.

Сепак, свечената седница започна со провокации и скандали. На неа не
учествуваа пратениците на Демократската партија на Албанците, кои поставија
услов на седницата да се појават сите поранешни команданти на ОНА, како
доказ дека во Македонија функционира Законот за амнестија.
Покрај нив, на седницата не дојдоа уште двајца пратеници од ПДП и еден од
НДП. Другите пратенички групи беа во комплетен состав. Лидерите на
поранешната ОНА, Али Ахмети, Г’зим Острени и Фазли Велиу, не дојдоа на
собраниската седница. Како причина беше наведено дека се зафатени со други
обврски. Другите 13 пратеници на ДУИ седнаа на пратеничките клупи. Во
Парламентот се појавија вкупно шест поранешни команданти на ОНА - Хисни
Шаќири, Хазби Лика, Назми Беќири, Рафиз Алити и Талат Џафери од ДУИ и Ружди
Матоши од ДПА. На седницата, иако беше најавено дека ќе присуствува, сепак
не се појави Џезаир Шаќири, попознат како командант Хоџа. Еден од водачите
во контроверзниот воен случај - Арачиново.
СЛУШАЛКИТЕ
Потпретседателот на Демократската партија на Албанците, Мендух Тачи, пред
започнувањето на седницата најави дека неговите колеги нема да влезат во
собраниска сала се додека не дојдат сите пратеници на ДУИ.
ДПА нема да учествува во работата на Парламентот се додека не се појават
сите поранешни команданти на ОНА. Ние не сакаме уште во почетокот да правиме
компромис со демократските норми во земјава. Ако направиме компромис денеска
во највисоката институција на државата, што ќе се случи во пониските
институции на системот? Сакаме да видиме на дело како функционира Законот за
амнестија, рече Тачи. Тој не знаеше зошто поранешните членови на ОНА не
дошле на седницата, но смета дека не се работи за технички, туку за
политички проблем.
Тие треба да кажат зошто не дошле. Тоа не го правиме во договор со
ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи тие ги оспоруваат мандатите на поранешните членови на
ОНА, а ДПА бара тие да присуствуваат. Ако тие ги оспоруваат нивните мандати,
ние ќе ги оспориме мандатите на врховниот командант на државата, Борис
Трајковски, и мандатите на министрите за внатрешни работи и за одбрана, Љубе
Бошковски и Владо Поповски, истакна Тачи. Потпретседателот на ДПА,
Илијаз Халими, при првата официјална употреба на албанскиот јазик во
Собранието, во согласност со охридскиот Договор, рече дека не се создадени
услови за присуство на пратениците од ДУИ, а со тоа не се прифаќа волјата на
албанскиот електорат.
Пратеникот и потпретседател на ДУИ, Агрон Буџаку, во репликата рече дека
Али Ахмети, Фазли Велиу и Г'зим Острени не се во можност да присуствуваат на
седницата.
ДПА нема што да се грижи за безбедноста на нашите пратеници. Тие ќе
учествуваат на наредните седници. Ние сме решени да учествуваме тука и да
придонесеме за новиот почеток на Парламентот, рече Буџаку обраќајќи се
на албански јазик. Пратеникот Никола Поповски од СДСМ, коментирајќи ги
најавите од ДПА и ВМРО-ДПМНЕ за неприсуство на седницата изјави:
Тоа се нивни политички одлуки, а јас не гледам причина да не се
присуствува. Сепак, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во комплетен состав
влезе во салата. Специјалниот претставник на Европската унија, Ален ле Роа,
кој како гостин присуствуваше на конститутивната седница на Собранието,
изјави:
Ова е многу важен ден за Македонија. Отсуството на ДПА е нивна политичка
одлука. Целиот дипломатски кор е тука за да ја поддржи Македонија и новиот
парламентарен состав, потенцираше Ле Роа. Чедомир Кралевски од
ВМРО-ДПМНЕ, честитајќи го изборот на сите пратеници, освен на највисоките
раководители од ДУИ, рече дека Али Ахмети, Фазли Велиу и Г'зим Острени
покажале крајно непочитување на државните симболи и имале нихилистички однос.
Притоа, саркастично им посака среќа во работата на новата Коалиција "За
Македонија заедно" и на ДУИ.
Првата конститутивна седница на Парламентот, во нов состав, почна со
доцнење од половина час, за веднаш потоа да се случат опструкции, искри за
потврдување на пратеничките мандати, па дури и три паузи што по многу нешта
потсети на моментите од работата на заседанијата од претходните
парламентарни состави. Првата пречка со која се соочија пратениците беше
отсуството на симултан превод. Имено, во собраниската сала немаше ниту
преведувачи, а на пратеничките клупи немаше слушалки. Прв пратеник од
албанската етничка заедница кој го искористи деловничкото право да се обрати
на мајчин јазик беше Илијаз Халими од ДПА. Во ситуација кога, освен
пратениците Албанци, никој друг не разбираше што говори Халими,
претседавачот Стојан Андов рече дека ова било свечена седница, но "штом се
инсистира, тогаш нека донесат слушалки", прекинувајќи ја седницата со пауза
од петнаесетина минути.
Иако се шпекулираше дека на оваа прва седница нема да се говори на
албански затоа што тоа било договорено со координација на политичките партии
ден претходно, таквата информација ја демантираше портпаролот на СДСМ, Јани
Макрадули, кој рече дека такво нешто не било договорено. Поранешниот
секретарот на Собранието (во оставка) Каролина Чукалиева, појасни дека не
постоел претходен договор, но добиле укажувања од дипломатите дека партиите
од албанскиот блок нема да го искористат правото да говорат на албански. На
конститутивна седница присуствуваше и шефот на државата, Борис Трајковски,
владата во заминување, експретседателот на Македонија, Киро Глигоров,
претседателката на Државната изборна комисија Мирјана Лазарова-Трајковска,
претставници од судството, од универзитетите, црковни великодостоинственици,
како и членови на дипломатскиот кор во земјава.
ДЕБАКЛ
Ако денот се познава по утрото, тогаш новиот парламентарен состав ќе се
соочува со многу исклучителни тешки политички предизвици. Ова пред се се
темели врз нарушените и вжештени меѓунационални односи меѓу Албанците и
Македонците. Тие ќе ја усложнуваат работата на Парламентот, а новостариот
мандатар, Бранко Црвенковски, нема така лесно да ги прескокнува препреките.
Албанските политичари се во предност. Тие не наседнаа на играта со
слушалките, туку го искористија правото за говорење на сопствениот мајчин
јазик. Така, наместо свечената седница да се претвори во прослава на
победата на Коалицијата "За Македонија заедно", таа всушност беше политички
дебакл. Скандалот укажува дека македонската демократија се уште е нестабилна.
Албанците ќе продолжат да ја свират својата композиција што во
континуитет последниве десетина години наназад ја слушаме. Тие одамна
направија "гаргара". Ги расплакнаа грлата, ги наштимаа ораторските
инструменти, а пак разединетите македонски политичари вовлечени во мудрата
игра што самите ја прифатија ќе мораат да се навикнат на албанскиот јазик.
Тие го изгласаа, па сега нека се навикнат на албанскиот вокабулар. Можеби
нивните уши се уште не се навикнати на албанскиот јазик кој има
експанзионистички тоналитет. Но, затоа пак новото правило ги диктира
условите за однесување во македонскиот Парламент.
Сепак, како ќе функционира Парламентот ќе видиме на дело. Претстојат низа
важни закони коишто произлегуваат од најновите уставни промени. Позначајните
закони во Република Македонија ќе треба да се донесат со двотретинска волја
на албанските пратеници. Ако таквата, досега никаде неприменета, демократија
не профункционира, кого треба да го обвиниме за застојот на парламентарната
демократија? Кого ќе треба да го обвиниме за нараснатиот албански
милитаризам и експанзионизам? Можеби оние политичари, односно пратеници, кои
како искубани кокошки се однесуваа за време на кризата и го прифатија
Рамковниот договор, без да го прашаат македонскиот народ и граѓаните.
Јаремот со отворени раце го прифатија и го одобрија реформираните комунисти,
односно сегашните победници. "Викторијанците" - СДСМ, многу лесно се фатија
на јадецот и ги прескокнаа македонските национални интереси, бидејќи многу
им беше битно да се вратат на власт. Но, за враќањето од мртвите пред се
треба да му заблагодарат на својот лут противник ВМРО-ДПМНЕ кој не успеа да
научи нешто од нивните грешки. Затоа иднината ни е неизвесна.
Првиот предизвик доаѓа со Пописот, но и со обврските што следат од
Рамковниот договор, а тоа се претстојните реформи во локалната самоуправа и
намалувањето на општините во земјава. Тие можат да донесат опасност од
федерализација на Македонија. Идеите за локалното и регионално здружување се
чекор до реализацијата на идејата за "Голема Албанија" или "Големо Косово".
Како во лавиринтот ќе се снајде Бранко Црвенковски ќе зависи од разумот и
политичката проценка на теренот. Едно е да се води државата од кабинетот во
бившата зграда на ЦЕ-КА, а друго е да се намалат албанските националистички
испади. Факт е дека од терористи не можеш веднаш да направиш демократи, а
уште помалку цивилизирани луѓе. Ако Црвенковски израсна во ерата на Џафери,
сега предвреме ќе остари. За Ахмети кој ја надмудри една прецизна и точна
Швајцарија, Црвенковски може да биде само обична марионета која реагира на
дневни настани. Од спомените на гостиварските настани не се живее! Се живее
од соодветна прецизна и храбра лидерска реакција.
|