ПОЛИТИКА

Бесперспективноста на идните академски граѓани

КОЛКУ Е "ЛЕСНО" ДА СЕ БИДЕ СТУДЕНТ!

Пишува: Рената МАТЕСКА

  • Најголем дел од невработени со високо образование, поточно 5.043, се на возраст од 25-29 година, период кој се оценува како најпродуктивен за човекот. На возраст од 30-34 години имаме 2.558 лица, додека 1.335 лица се со старост 35-39 и исто така со статус невработени интелектуалци.
  • Според најновата неофицијална проценка, во Македонија имаме 360.000 невработени, од кои 150.000 се лица до 30 години.
  • По серијата скандали со фалсификувани дипломи загриженост изрази и ректорот на скопскиот Универзитет, Александар Анчевски, кој рече дека Универзитетот мора да ги заштити 30.000 студенти на скопскиот Универзитет. Студентите за високото образование одделуваат големи износи од паричникот на своите родители, од кои само за приватното сместување потребни се 150-200 евра месечно. Наспроти тоа, "некои" за малку пари и без труд се стекнуваат со лажна диплома.

Во новата академска 2002-2003 година на скопскиот Универзитет стартуваа 7.000 нови студенти со надеж дека како идни интелектуалци ги очекува убава перспектива и кариера, без оглед на реалната депресивна бесперспективност и невработеност и тоа на високообразованите личности.

Универзитетот годинава се збогати со 7.000 нови студенти кои ќе влезат во трката за добивање диплома

Поздравувајќи ги новите бруцоши, ректорот на Универзитетот "Кирил и Методиј" од Скопје потенцираше дека целта на Универзитетот е да создаде развиен европски тип универзитет кој секогаш ќе ги негува сопствените традиционални и национални обележја. Ректорот им посака успех на новите студенти и им порача достоинствено да го бранат ликот на студентот и да не дозволат да бидат манипулирани за дневнополитички цели, бидејќи само така ќе бидат активни учесници и креатори во создавањето на новите вредности и на својата сопствена иднина.

Навистина, на бруцошите им е потребен успех, но и многу среќа за нови времиња кога практичното вреднување на нивното знаење ќе биде брзо и лесно остварливо.

РЕАЛНОСТ

Неофицијално, повеќе од 5.600 млади Македонци од кои повеќето се со високо образование побарале "азил" на Запад, во развиените земји. Во агенциите кои посредуваат за визи за ветените земји се поголем и поголем е бројот на млади луѓе кои доставуваат документи.

Дали е толку тешко да се биде интелектуалец во Република Македонија? Според анализата на Државниот завод за статистика на Република Македонија, во октомври минатата година регистрирани се 263.196 невработени од кои со високо образование се 12.584, а со више 8.067 лица. Најголем дел од невработените со високо образование, поточно 5.043, се на возраст од 25-29 година, период кој се оценува како најпродуктивен за човекот. На возраст од 30-34 години имаме 2.558 лица, додека 1.335 лица се со старост 35-39 години и исто така со статус невработени интелектуалци.

Според најновата неофицијална проценка имаме 360.000 невработени од кои 150.000 се лица до 30 години.

На 70.000 вработени платата хронично им доцни. Повеќе од 100.000 лица работат на диво. Околу 71.000 домаќинства живеат од социјална помош од 75 евра. За нормален живот на едно четиричлено семејство месечно се потребни најмалку 500 евра, а просечната плата изнесува околу 150 евра.

За "само" 150-200 евра студентите можат да обезбедат сместување во студентскиот дом "Кузман Јосифовски - Питу"

Се поголем е бројот на оние кои стануваат стечајци или технолошки вишок. Се поголем е бројот на оние кои се прехрануваат трагајќи по остатоци од контејнерите или питајќи на крстосниците. Но, на сето ова има и исклучоци. Некои возат луксузни автомобили, живеат во гламурозни станови, патуваат на монденски места. Меѓутоа, тие се само игли во сноп сено.

Можеби вредностите на луѓето тотално се сменија. Порано родителите ги учеа своите деца да завршат факултет и да станат доктори и адвокати, а денес попаметен би бил советот децата да учат некој занает. Според новите услови, иднината е во занаетите и тоа од типот на фризери, шнајдери, столари, пекари и најразлични мајстори за електрика, парно греење, водовод и така натаму.

ЗАНАЕТ

Неделниот приход на една маалска фризерка изнесува колку платата на една учителка во основното образование. Додека, дневниот приход на "популарните" таканаречени стилисти некогаш е повисок од просечната плата на еден лекар од општа пракса. За стилинг на една невеста, таквите физери и шминкери наплатуваат над 3.000 денари, а за викендот имаат повеќе од пет такви муштерии.

Направениот есап говори дека е повеќе од умно децата да се советуваат да го одберат токму овој бизнис за своја идна професија. Ем нема да го полнат мозокот со фотокопирани материјали, да го трпат разноразниот карактер на професорите, ем ќе ги заштедат парите на родителите за во просек четиригодишното високо образование. Уште е поголем и покомплициран проблемот доколку студентот е од внатрешноста на државава, па мора да бара и да плаќа сместување, плус за книгите, плус за образовните "папирологии", плус за основните потреби на студентот.

Звучи песимистички, но е чист реализам констатацијата дека тој утре дипломиран студент ќе заврши пред бирото за невработени чекајќи ја својата шанса. За жал, чекањето во наши услови некогаш знае толку да се одолговлечи што не ќе знаете дали е вработување, дали е пензионирање.

ФАЛСИФИКАТИ

Додека студентите мака мачат со сместување, прехрана и "бубање" за една оценка над петка во нивниот индекс, се нашле некои паметни па решиле да ја скратат постапката за добивање диплома. Односно, некои "бистри мозоци" немајќи мозок да дојдат до "пемпеле" и до повисока директорска или слична функција, се сетиле да си купат една таква диплома. Без мака, без труд, но со пари, па и тоа според нив е валидно во борбата за моќ.

Така ни се случи скандалот со лажните уверенија од високообразовните институции. Повеќе од двеста фалсификувани дипломи, а се погласни беа шпекулациите дека повеќето од нив им припаѓаат на државни службеници, а засега е сигурно дека еден службеник е вработен во органите на управата со една ваква диплома која ја добил од некој факултет во Бугарија. Со серијата фалсификувани дипломи беа поврзани многу "видни" луѓе од ВМРО-ДПМНЕ. Потеклото на ваквите уверенија е најчесто од Србија, Албанија и Бугарија. Неофицијално таквото парче хартија чини околу 2.000 евра. Споредено со трошковите за школување, тоа е "ситна риба". Со други зборови, само "високо умните" луѓе можат да се сетат на ваков добар бизнис и на ваква паметна работа.

Душко Сековски, секретар на Универзитетот "Св. Кирил и Методиј", изјави дека Универзитетот ќе донесе правилник во кој се третираат лажните дипломи, но кој ќе се однесува само на домашните, а не на странските дипломи. Според Сековски, за дипломите стекнати во странство, а за кои ќе се утврди дека се лажни, треба да се известат надлежните институции, како што се Министерството за образование и наука, Министерството за внатрешни работи и јавниот обвинител кои преку посебна постапка треба да ја утврдат нивната валидност. Покрај другото, Наставно-научниот совет реши да направи целосна ревизија на дипломите стекнати во странство уште во 1990 година.

"СТУДЕНТАРИЈА"

Секоја година за кревет конкурираат над 6.000 студенти од внатрешноста, но само половина од нив можат да се сместат во студентските домови. Врските и партиската определба се клучните фактори кои влијаат врз "среќата" да се добие кревет, често знаат да искоментираат студентите.

Министерството за образование оваа година подели 2.500 кревети за студенти и остави сомнително голем број кревети за бруцошите.

Со почетокот на академската година почнува и продажбата на креветите на студентските домови. Голем број кревети секоја година се чуваат божем за бруцошите кои доаѓаат еден месец подоцна, а што е вистината зад тие малверзации, најмногу знаат добитниците на бруцошките кревети кои истите ги препродаваат и остваруваат добра заработувачка.

Така отсекогаш било, така и продолжува традицијата со бизнисот на студентските кревети, вели еден студент.

Од друга страна, за приватното сместување, родителите на студентите треба да издвојат 150-200 евра за пристојно сместување.

Згора на сите овие маки околу сместувањето, покрај вообичаените трошоци за храна и облека, за лист фотокопирање се наплатува 2,50 денари, а обемот на материјалите во просек е над 200 страници. Освен тоа, некои професори ги уценуваат студентите да ги купат "нивните" учебници.

Со добивањето на дипломата, потрошените околу 20.000 евра за студирање, изгубените нерви, зголемените бразди во мозокот, академскиот граѓанин е пред големото прашање: "Каде со добиеното парче хартија?".


 

Студентите тврдат дека скоро 40 отсто од студентските легла се препродаваат. Најскапо се плаќа за сместување во Студентскиот дом "Гоце Делчев". Најскапи се креветите за апсолвенти во Студенсткиот дом "Гоце Делчев", чија цена изнесува 250-300 евра, додека сместувањето во "Кузман Јосифовски - Питу" изнесува 150-200 евра. Најевтини се, според традицијата, "Стив Наумов" и "Медицинар" каде за студентско легло се плаќа 50-100 евра.

Или фати врска или извади членска книшка на ВМРО-ДПМНЕ, ако сакаш да добиеш сместување кое нема финансиски да те докрајчи, вели една студентка.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"