Сакале или не, мораме да признаеме дека тоа беше само полесна варијанта
на една садомазохистичка предигра на македонските и албанските политичари.
Тие ги употребија пионите, а сега е време за мат. Треба да се матира
Република Македонија. Коњската завршница започна да се прекршува преку грбот
на децата, поточно учениците и нивното образование. Затоа конечно гледаме
дека картите се отворени. Република Македонија, малку по малку, се
разградува.
ЛОГОРИ И КВАРТОВИ
Битката ја започнаа екстремните Албанци во тетовското село Шемшево кои и
натаму со главата низ ѕид водат своја војна со државата, со Македонците од
Општина Јегуновце, последната оаза каде што живее компактно македонско
население. Провокацијата е доброосмислена и одбрана. Со инволвирањето на
децата во политиката се доведува во прашање функционирањето и примената на
Рамковниот договор, а истовремено се вжештува сцената и се урива кревката
демократија. Некому ова му оди во прилог, бидејќи го губи тлото, ја губи
стекнатата апашка позиција.
Во оваа заткулисна игра се вмешани многи страни, како домашни така и
странски фактори. Очигледно, членките на Европската унија и САД имаат
различен аршин за Балканот. Немаат решение, немаат искреност во
комуникацијата и во однос на стратешките прашања во надворешната политика.
Домашните екстремисти, било да се албански или македонски, се марионети,
односни пиони на нивната подмолна геостратешка политичка игра.
Поларизацијата што ја направија албанските и македонските политичари е толку
длабока што националистичките страсти се распламтуваат.
Расте тензијата кај македонските ученици и нивните родители во село
Шемшево, Општина Јегуновце, во Тетовско. Нешто слично се случува со
средношколците Албанци кои се обидуваат просторниот проблем во "Зеф Љуш
Марку", да го издигнат како политички и меѓународен проблем. Сценарио што се
примени на Косово, во Мала Речица и во гимназијата во Куманово. Зошто децата
треба да се изолираат? Зошто треба да се градат бедеми и огради преку кои
скришно ќе се гледаме, ама и не треба да се сакаме? Кому му треба
американскиот стил на живеење: Црнците во Бронкс, Кубанците во предградијата
на Мајами, Порториканците во својот дел, а другите во преостанатите "логори
и квартови"? Зарем логорите не умреа со Хитлер? Зарем оваа срамна историска
филозофија на животот не згасна?! Очигледно некој сака да го наметне својот
стил на живеење. Свој начин на изградување на општеството. Свој протекторат.
Зарем во овој момент Македонците се срамат што се Македонци? Зарем
Македонците треба да бидат се освен Македонци?!
ЕТНИЧКО ЧИСТЕЊЕ
Децата повторно длабоко се инволвираат во политиката. Тие се истопоруваат,
се туркаат напред, а "јунаците" си го кријат лицето. Нели овој начин е
сличен на работата на "дамите на ноќта". Повторно некој сака нивното
безгрижно детство да го претвори во пекол од кој нема враќање. Тие се
предмет на политички манипулации што деновиве се интензивираат во тетовското
село Шемшево. Во ова исклучително геостратешко село започнува, односно
можеби завршува битката за етничкото чистење на преостанатото македонско
население кое на овие простори е најкомпактно. Зошто најекстремните елементи
на Албанците се решиле на оваа акција? Затоа што имаат грб, имаат моќ да
дигаат џева. А кога има услови, зошто да не се направи науменото!? Власта се
менува, а државата не регира.
Полицијата го префрла проблемот на Министерството за образование, а пак
тие под око гледаат на Министерството за култура, или за транспорт и врски.
И се така се врти во круг. Клопчето се замотува и се замрсува цели десет
години. Нели имавме разноразни горчливи примери во Македонија? Од божемното
труење во Тетово, до надуваните проблеми на Педагошката академија и
натурените конфронтации и тепачки по средните училишта во Скопје. Ако
албанските средношколци во Куманово се заложници на сопствената политика за
чиста нација и своја територија, тогаш чии се проблемите на македонските
ученици во село Шемшево? На политичарите или на државата? Ако имавме "асална
држава" досега ќе се решеше проблемот. Вака тој ескалира. Се продлабочува.
Одборот на родители на македонските деца што ја бојкотираат наставата во
училиштето "Даме Груев" во село Шемшево, ја повика власта во Македонија,
како што знае и умее, а и меѓународната заедница, да го спречат хаосот што
го прават екстремните Албанци од ова село врз 200 деца од македонска
националност во овој реон.
Ги повикуваме амбасадорите и власта во Македонија да не дозволат
проблемот да ескалира. Ние сакаме нашите деца да учат во Шемшево и во ниедно
друго училиште и место, предупредуваат родителите.
Тие под итно бараат да се врати името на револуционерот "Даме Груев" и да
се отстрани бистата на контроверзниот албански учител Јумни Јонузи од
училишниот двор. Родителите и жителите на селата Ратае, Жилче, Сиричино,
Прељубиште, Студенце и Шемшево, на деветти овој месец, кај наплатната рампа
кај селото Желино го блокораа регионалниот пат Тетово - Гостивар и велат
дека тоа ќе го прават се додека Владата не одговори на нивните барања. За
нереагирањето на власта велат дека е порака до албанските групи - "Правете
што сакате".
Одборот на родители бара од Владата да го врати името на училиштето на
револуционерот Даме Груев и да ја отстрани бистата на "поранешниот учител"
Јумни Јонузи. Тие за таа цел имале средби со претставници во МВР и во
Министерството за транспорт и врски, но службениците кревале раменици и се
уште немаат конкретен одговор. На овој настан реагираше и ОБСЕ, оценувајќи
дека целиот случај во кој има незаконитост е спротивен на духот на
Рамковниот договор и не придонесува за меѓусебно разбирање и соживот. ОБСЕ
предлага бистата да се тргне и на нејзино место да се постави нова,
посветена на правата на децата, но Албанците од Шемшево не го прифаќаат овој
предлог.
ПОРАКА ДО МАКЕДОНЦИТЕ
Ако не бидат отстранети бистата и плочата со кои е сменето името на
училиштето, подготвени сме да го блокираме дури и селото Шемшево. Нема да
дозволиме тој регион да биде етнички исчистен, ниту пак нашите деца да учат
во услови на закани, притисоци и на загрозена безбедност. Ние сме за соживот
на сите етнички групи и за спроведување на охридскиот Договор, изјави
неодамна господинот Кировски, претседател на Иницијативниот одбор на
родителите Македонци.
Нема да отстапиме. Ќе одиме до крај. Се сретнавме со претставници на
министерствата за внатрешни работи и за образование. Во МВР ни рекоа да
продолжиме со легалните притисоци оти тие не можеле да ни помогнат, а во
Министерството за образование ни нагласија дека ќе го затворат училиштето
ако Албанците продолжат со самоволието, потенцира Кировски. Според
родителите, проблемот во Шемшево трае подолго време, а со тоа Албанците им
испраќаат порака на Македонците: Тука нема место за вас. Тие информираа дека
Албанците насилно ја протерале секретарката на училиштето, ги избркале сите
медицински сестри - Македонки од амбулантата, а со закани ги протерале и
директорот на поштата и поштарот, кои исто така биле Македонци. Родителите
велат дека Албанците ги одбиле сите компромиси за училишниот споменик, дури
и предлогот поддржан од ОБСЕ - плочата да биде испишана на три јазици: на
македонски, албански и на англиски.
Властите не поддржуваат само со зборови, а со прст не мрднаа за да го
спречат етничкото чистење на Македонците, обвинуваат родителите на
учениците Македонци од тетовската Општина Јегуновце.
Според Петре Антовски, градоначалник на Јегуновце, проблемот во Шемшево е
многу сериозен.
Одржавме безброј состаноци со претставници на локалните Албанци за да
најдеме компромис. Бадијала. На маса ветуваат едно, а прават сосема друго.
Без дозвола од властите го менуваат името на училиштето, вели Антовски.
Според него, Министерството за образование начелно ги поддржувало
барањата на Македонците, но ништо не презело за да им помогне.
Со нас се само на зборови, а ништо не преземаат за да ни помогнат,
вели градоначалникот на Јегуновце.
Над влезната врата од училиштето, наместо таблата со името на истакнатиот
македонски револуционер Даме Груев, виси натпис на албански јазик во слава
на Јумни Јонузи, за кого Македонците од Општината Јегуновце велат дека е
контроверзна личност и соработник на балистичките банди по Втората светска
војна. Познат е и како организатор на албански националистички протести од
1968 година.
Во Општината Јегуновце има 11 села со околу 7.500 жители. Само Шемшево,
Копанце и Прељубишта имаат мешан етнички состав. Другите осум села - Жилче,
Ратае, Сиричино, Туденци, Подбрежје, Ротинце, Јанчиште и Јегуновце - се
населени само со Македонци. Во Општината живеат 69 проценти Македонци, 19
отсто Албанци и два отсто се водат како "останати".

Протестот на децата Македонци и нивните родители од тетовските села:
Ратае, Жилче, Сиричино, Прељубиште, Студенце и Шемшево го поддржаа учениците
од Тетово, од Скопје, Битола, и од други места. Средношколците од Скопје
својата солидарност ја покажаа пред Собранието на Република Македонија.