еделникот "Македонско сонце" (број
424) уште нестигнат (по пошта) до своите редовни читатели, се појави на
екранот на бугарската телевизија "СКАТ". Во телевизиската емисија (од час и
половина) "Сите Бугари заедно" со водителот Никола Григоров, во цела
Бугарија слушнаа, видоа и разбраа дека наводно господинот Србаков ништо не
разбира од историја. Во познатиот стил (како и добро познатиот историчар -
Божидар Димитров) Григоров ветува крупни износи од долари, ако се докаже
дека познатите личности - преродбеници и револуционери од Македонија не се
Бугари.
И покрај тоа што бев засегнат од телевизиската емисија не реагирав, затоа
што не ми требаат доларите на господин Григоров, бидејќи не знам од каде ги
има, а сигурен сум дека нема да ги даде. Господинот Григоров тактички
одбегна да даде одговор на прашањата поставени во статијата на весникот "Македонско
сонце" зошто тој си дозволи да го краде македонскиот фолклор во денешно
време и зошто во македонските песни зборовите Македонец(ка) ги заменува со
Бугарин(ка) и Македонија со Бугарија? Зошто зборникот "Македонски народни
песни" на Иван Кјулев е преименуван во "Народни песни од Неврокопско"? Зошто
самоволно господинот Григоров ги менува фактите и податоците за македонските
револуционери и ги прави како Бугари? Повторно го поставувам прашањето: Нема
ли во Македонија закон за авторско право на текстовите на македонските песни
и господинот Григоров да биде изведен пред суд за да одговара за
плагијатство и за присвојување на туѓа интелектуална сопственост?
Реакциите од неговата (на господинот Григоров) телевизиска емисија и
статијата објавена во неделникот "Македонско сонце" се појавија во весникот
"Хроника" бр.40 во статијата "Читајте браќа, но не цитирајте!", каде
повторно се инсистира на доларите кои господинот Григоров ќе ги дадел ако
некој му докаже дека познатите личности - преродбеници и револуционери од
Македонија не се Бугари.
ШОВИНИЗАМ
Весникот "Хроника" со публикациите и размислувањата на добропознатиот
националшовинист од Благоевград, Сталју Сталев: "Како некои идиоти го читаат
весникот Хроника?" објавени во броевите 42 и 43, го покажува неговиот
големобугарски шовинистички карактер. Зошто тој весник оддели место за
гневните мисли на господинот Сталев? Нели весникот не се дистрибуира во
Благоевград? Одговорот е јасен. Затоа што весникот е шовинистички со
големобугарска ориентација и во него се прави обид да бидат изманипулирани
читателите на весникот.
Не сметам дека е неопходно да одговорам на навредувачките мисли и
квалификации на господинот Сталев. Нема да пишувам деманти во весникот "Хроника"
за да го издигам реномето и авторитетот на весникот, а против директорката
на изданието, Маргарита Енчева, уште на крајот на месец март оваа година
поведов судски процес за нанесена навреда и клевета. На осми ноември оваа
година чекам Окружниот суд во Благоевград да ја казни и таа да плати оштета
од 5.000 лева.

Мислам дека "Македонско сонце" требаше целосно да го објави мојот
материјал, а не тој да се прераскажува од новинарката Жаклина Митевска,
зашто сега заедно со моето име, наводно како непознавач на историјата, се
замешува и името на Жаклина Митевска и на Редакцијата "Македонско сонце".
Според господинот Сталев, "почитуваната Жаклина Митевска прави неколку
грешки". Прво, според Сталев, јас не сум бил "ваш редовен соработник", туку
обичен доушник. Второ, не сум Србаков, туку Сьрбаков, презиме кое, наводно,
ми го покажувало етничкото потекло, т.е бугарско. Знае ли господинот Сталев
дека моите родители се бегалци од Егејска Македонија и полуписмени луѓе кои
се потпишувале како Сарбакови? Бугарите во презимето ни ја ставија буквата
ь. Трето за што е обвинета Митевска е дека Пиринскиот крај го прогласува за
Пиринска Македонија (можеби од незнаење - според Сталев) и затоа господинот
Сталев решил "да го просвети незнаењето на новинарката Жаклина" за тоа дека
не е пронајден "писмен историски документ" од кој се гледа дека таа земја се
нарекувала "Пиринска Македонија" (а не "Пирински крај"). Според господинот
Сталев, сигурно и Вардарска Македонија и Егејска Македонија не се нарекуваат
така, туку соодветно "Вардарски крај" и "Егејски крај" на Бугарија?!
Господинот Сталев го навредува моралниот кодекс на новинарката Жаклина
Митевска и весникот " Македонско сонце" и си поставува прашање "дали
пишувачите во 'Македонско сонце' се толку 'нестручни' или скапо платени да
ја 'шират српската пропаганда'".
На господинот Сталев "смешно" му звучат мислите на Србаков "дека во
Неврокопско шетале Филип и Александар Македонски" и бара стручни докази за
тоа. Докази има многу. Така, весникот "Хроника" објави соопштение дека "анонимен
граѓанин" се обратил во Редакцијата и изјавил дека "во Неврокопско каде и да
копаш секаде ќе пронајдеш монети од времето на Филип и Александар Македонски,
предмети и стручни докази од древномакедонската, средномакедонската и
најновата македонска историја". Нумизматичарите бараат од мене да напишам
специјален материјал за тоа какви монети на древни владетели во кои места и
села ги пронашле и да ги фотографирам монетите. Господинот Сталев нека ми
покаже барем една монета на бугарски владетел во таа земја за да докаже дека
тука некогаш било бугарско. Јас сум пишувал и по други поводи за крадењето
на се што е поврзано со древната македонска историја во Пиринско и Родопите,
во Софија и "преработувањето" во бугарско или тракиско. Сакав во тие "спорни"
подрачја ископувањата да се вршат со меѓународни набљудувачи. Напишав
статија за тоа прашање во весникот "Народна волја" од Благоевград, потпишана
под псевдонимот Кераца Мусомишка, препечатена во весникот "Нова Македонија"
- Скопје (без автор). Можеш да ја побараш и да ја прочиташ, господине Сталев.
ДОКАЗИ
А, за тоа дека апостол Павле последната зима од животот престојувал и се
капел на Огњановските минерални бањи, откритието не е мое. Требало
господинот Сталев да ја прочита во нему омилениот весник "Хроника", број
30/18-24.06. 2002 година статијата на д-р Димитар Фидошев "Апостол Павле
патувал низ нашите земји " на стр. 32. Во статијата се проследува патот на
апостол Павле: "Од светите места во Палестина тој оди во Солун, а од таму во
градот Филипи (до градот Кавала), а потоа во Никополис (Неврокоп)". Може да
се претпостави дека не само последната зима, туку апостол Павле повеќе време
престојувал во Неврокопско. При археолошките ископувања на Никополис ад
Неструм (Неврокоп на р. Места) се пронајдени многу споменици од
ранохристијанско време, остатоци од старохристијанските базилики и друго.
Тогаш (51 година од н.е.) Бугарите уште ги немало во таа земја, а
покрстувањето на бугарскиот народ се случува во текот на 865 година кога
владеел кнезот Борис. Затоа д-р Фидошев им се восхитува на Грците дека во
стариот град Филипи - Денешна Грција, направиле многу и се гордеат со
апостол Павле, а денешните власти на Неврокоп (град Гоце Делчев) - Пиринска
Македонија, денес во Р. Бугарија, немаат направено ништо да се овековечи
патувањето на апостол Павле во Неврокопско и предлагаат да се направи барем
еден голем крст. Господинот Сталев може да ја прочита и статијата "Уште
нешто за апостол Павле и неговото патување по нашите земји" од Илија Милев,
поранешен директор на Средното општообразовно училиште "Св. Кирил и Методиј"
во село Грмен (број 34 од 16 до 22 јули 2002 година, "Хроника"). Авторот на
статијата прецизира во кој од трите града со името Никопол на Балканскиот
Полуостров зимувал апостол Павле и убедувачки докажува дека тоа е Никополис
ад Неструм (на р. Места) град кој восхитувал со архитектурата и кој бил
поврзан со патот Виа Игнација, имал минерални извори и бил многу блиску до
градот Филипи (денешна Грција), каде што апостол Павле најчесто престојувал.
И двата автори (д-р Димитар Фидошев и Илија Милев) тврдат дека Никополис ад
Неструм (Неврокоп) станува седиште на епископи, а епархијата била зависна од
Цариградската патријаршија и е првата христијанска епархија во денешните
бугарски краишта.
Не сметам дека со господинот Сталев треба да влезам во полемичен спор и
да дискитурам. Чудно ми е зошто тој се појавува како адвокат и застапник на
фалсификаторот Никола Григоров. Во два последователни броја со помош на
многу слабата историска, фолклорна и општа култура на господинот Сталев,
весникот "Хроника" манипулира со јавното мислење.
Сталев ги укорува за незнаење Д. Србаков, Жаклина Митевска и "Македонско
сонце". Украдените македонски песни и стихозбирки на господинот Григоров се
пред мене. Развиореното шеснаесетзрачно знаме на ОМО "Илинден" - ПИРИН во
село Делчево од Илија Буржозалиев го гледаме и јас и селаните, господине
Сталев, а не пак вие од Благоевград. И зошто го нарекувате "знаме на туѓа
држава"? За поголем ефект и страв на оние кои се определиле како Македонци.
Зошто во Бугарија многу луѓе го веат американското државно знаме? Тоа не ве
нервира? Не ме советувајте, господине Сталев, како да си ја најдам книгата
на Крсте Мисирков "За македонцките работи". Јас сум ја пронашол и сум ја
прочитал во оригинал (на македонски јазик). Од вас научив дека во т.н.
Македонски научен институт во Софија на ул. "Пиротска" бр. 5 ќе ми биде
бесплатно дадена таа книга која наскоро ќе биде издадена на чист бугарски
јазик. Ви благодарам. Ми стана јасно со што се занимава Македонскиот научен
институт во Софија, Историскиот музеј на Божидар Димитров, поетите и
тв-водителите како Никола Григоров и други.
Како тоа господинот Сталев констатира дека сум бил дете на 5-6 години
кога се уништени македонските книги во библиотеката "Просвета"? Како младо
момче од тој период помнам се, дури и палењето на книгите. За "научниот"
спор во врска со прашањето зошто песните кои ги собирал и ги издал Иван
Кјулев и кои ги насловил како "Македонски народни песни", сегашните издавачи
ги преименуваат во "Народни песни од Неврокопско", господинот Сталев ми
објаснува и мене и на читателите на весникот "Хроника" дека "на ова идиотско
прашање одговорот е краток": "Затоа што песните не биле воопшто од
Македонија, туку од неврокопскиот крај кој никогаш не бил дел на
непостоечката држава". Секому му станува јасно дека директорот на
неврокопската гимназија, Иван Кјулев, бил неписмен и не знаел дека во
неврокопскиот крај не се "Македонски народни песни" и сега "учени" како
господинот Сталев посмртно го коригираат.
На крај би му кажал на господинот Сталев дека тој е задоен со
големобугарски шовинизам и антимакедонизам. Тој во текот на животот не
прочитал ниту еден ред странска литература, освен големобугарска -
шовинистичка. Нека ги остави луѓето и читателите на весникот "Хроника" во
почетокот на 21 век сами да си ја определат својата национална припадност -
дали се Македонци или се Бугари. Не е етички луѓето кои мислат различно од
тебе да ги нарекуваш доушници и предавници, да советуваш разни новинари што
и како да пишуваат. И не употребувај навредувачки зборови за оние кои
размислуваат поинаку од тебе. Не ти се виновни ниту Жаклина Митевска, ниту
"Македонско сонце" кои пишуваа за текстот на господинот Григоров под наслов
"Сите Бугари заедно" и за моите размислувања во врска со тој текст. Добро ќе
биде да читаш и за многу други нешта за кои "Македонско сонце" пишува, а не
да ги нарекуваш уредниците "српски агенти".