ПОЛИТИКА

Карикатуристот Мирослав Георгиевски отворено за.....

ПОСТОИ ЛИ МАКЕДОНСКО СЛОБОДНО НОВИНАРСТВО?!

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • Од 1991 година до сега ние имаме секакво новинарство, само немаме такво новинарство какво што и треба на државата и на народот, вели Мирослав Георгиевски.
  • Слободниот новинар треба да расчисти со оние кои некогаш беа пример, а сега се длабоко заглибени во бизнис-новинарството.

Темата на Интернационалниот фестивал "HumoDAEVA2002" (Романија), насловена како "Слобода и новинарство" за македонскиот карикатурист Мирослав Георгиевски беше инспирација повеќе отворено да говори за новинарската слобода кај нас. Како дел од учесниците на овој Фестивал, карикатуристот Георгиевски имал можност да дознае и да направи една паралела за тоа колкава е слободата на новинарството во Македонија во споредба со повеќе земји од светот. Неговиот став е дека за Македонија како и за повеќе други земји темата "Слобода и новинарство" претставува голем проблем.

Инаку, карикатуристот Мирослав Георгиевски бил еден од учесниците на овој Интернационален фестивал во Романија на покана од "Светското здружение на карикатуристи" каде што ја освоил специјалната награда во конкуренција од 90 земји.

НЕКОГАШ И СЕГА

Светско здружение на карикатуристи како и минатата така и оваа година има еден новинарски проблем, а тоа е "Слобода и новинарство", вели карикатуристот Георгиевски. Заради тој проблем Светското здружение има решено да направи еден фестивал или конкурс којшто би се одржувал во некоја од земјите која ќе понуди најдобри услови, а темата би била токму таа - "Слободата и новинарството". Овој конкурс веќе втора година се одржува, на исто место Плоети, некаде педесетина километри од Букурешт, Романија на кој карикатуристите работат на споменатата тема. По добивањето на поканата, испратив неколку мои дела од кои едно беше наградено.

Меѓутоа, она што карикатуристот Георгиевски сака да го потенцира е тоа што овој Фестивал предизвика кај него едно прашање "Каде сме ние во рамките на темата 'Слободата и новинарството' во однос на другите земји?!".

Можам да го следам и го следам доволно долго овој проблем "Слободата и новинарството" така што можам да направам споредба помеѓу она што беше кон крајот на 80-тите години, со одењето на социјализмот или едноумието како што ние последниве 12-13 години го нарекуваме и она што сега го имаме во новинарството, додава карикатуристот Георгиевски. Веднаш да ја кажам констатацијата дека мислам оти во тој поглед работите не ги направивме да одат нанапред, туку направивме да одат наназад. Слободата во новинарството највисокиот стадиум го постигна кон крајот на 80-тите години. Тие три-четири години од 1987 до 1991 година уште се неповторливи во македонското новинарство. Следните години, по 1991 година, се изгуби се она што се имаше тогаш (просторот, луѓето, начинот), дури и климата за да се прифати она што значи слободно новинарство, критика кон власта. Во 80-тите години имавме можности државата да го плаќа медиумот (конкретно "Млад борец") каде што се собраа луѓе коишто умееја критички да и кажат на власта што и фали. Притоа државата не беше репресивна кон тие критики, но сепак извлече една поука оти ако сака мирно да владее, треба таквото новинарство да го уништи и никогаш повеќе да го нема. Тоа и се направи. Од 1991 година до сега ние имаме секакво новинарство, само немаме такво новинарство, какво и треба на државата и на народот. Меѓутоа власта така сакаше. Таа увиде дека не смее и не сака да плаќа некого за да и кажува што треба да прави, туку треба да плаќа некого којшто ќе ја велича славата на власта.

УНИШТЕНО НОВИНАРСТВО

Според карикатуристот Георгиевски, на овој начин се одеше наназад, не се одеше кон освојување на слободите на новинарството, туку се дојде до појава на бизнис-новинарство, па дури и рекет-новинарство. Сето ова го упропасти новинарството, односно новинарите коишто изгубија верба во кој било што вложува капитал во новинарството.

Луѓето се страшно дезориентирани, исплашени, не знаат воопшто што треба да пишуваат, вели карикатуристот Георгиевски. Според мене, новинарите ако сакаат нешто да подобрат, треба многу да работат. Прво, треба да расчистат со оние коишто беа, кои го водеа новинарството затоа што тие сега даваат лош пример. Токму тие за да заработат полесно заглавија длабоко така што почнаа да се продаваат. Тие ја изгубија вербата и од оние кои учеа од нив и од читателите.

Една од карикатурите на Миро создадени за Фестивалот во Романија

За карикатуристот Георгиевски, сепак, постои начин за надминување на овој проблем кој не е само македонски, туку и светски. Како пример ги наведува Данска и Шведска каде што покрај оние државните, платените, има списанија коишто се финансирани од народот. И во Македонија треба да се работи на тоа да се има таков медиум. Сознанијата на карикатуристот Георгиевски се дека некои земји од Балканот веќе успеале да се одлепат од таа шема каква што владее кај нас. Типичен пример се Словенците кои веќе направиле неколку добри списанија за кои може да се каже дека се слободни.


Македонија според бројот на жители е многу богата со карикатуристи, меѓутоа сега проблемот е во медиумите, во новинарските куќи. Карикатурата ја разбирам како новинарска категорија каде што може преку цртежот да се каже она што може и преку зборот или текстот. Можеби карикатуристот е малку послободен во тој поглед, тој е новинар, но има една жичка на уметник што не дозволува да биде шаблонизиран и да биде ставен во некоиси цврсти рамки, вели карикатуристот Георгиевски.

По одржувањето на овој Фестивал, некаде на почетокот на ноември планирана е изложба каде колегите-карикатуристи имаат можност повторно да се сретнат, да поразговараат и да разменат мислења токму на актуелната тема на која ги создаваа нивните дела.


Слободата во новинарството највисокиот стадиум го освои кон крајот на 80-тите години. Тие три-четири години, од 1987 до 1991 година уште се неповторливи во македонското новинарство. Следните години, по 1991 година, се изгуби се она што се имаше тогаш (просторот, луѓето, начинот), дури и климата за да се прифати она што значи слободно новинарство, критика кон власта.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"