ЕКОНОМИЈА

Гостиварскиот "Жито Шар" во колапс

ЛЕБ ПРАВЕВМЕ, ЗА ЛЕБ ПЕКАМЕ

Пишува: Рената МАТЕСКА

  • Пропаста на "Жито Шар" се должи на подолгиот процес на обезвреднување на фирмата, несоодветно раководење, земање на кредити. Фирмата има 4 милиони евра загуба, а 7 милиони евра е долгот кон банките и доверителите, потенцираше претседателот на синдикатот при "Жито Шар" од Гостивар и член на Штрајкувачкиот одбор, Велибор Ефрески.
  • Мислиме дека ова што ни се случува вештачки ни е наметнато. Не е можно до вчера успешно да работиме, со добри приходи и без проблеми, а потоа преку ноќ да паднеме во колапс. Некој сака од ова да профитира и за без пари да го купи нашиот мелничко-пекарски гигант, вели еден од вработените крајно разочаран од новата состојба.
  • Неофицијално, најголем дел од долговите се од кредити, но се нема увид зошто се земени, со оглед дека правно-финансиските служби не ја прикажуваат реалната состојба. Останува и нејасно, според некои од вработените, тоа што никој досега не се јавува да ги наплати долговите, што им дава за право на вработените да се посомневаат дека станува збор за фиктивни долгови.

Мелничко-пекарскиот комбинат "Жито Шар" од Гостивар веќе четири месеци не произведува леб, а 150 вработени скоро една година не земаат плата и немаат платени придонеси за 16 месеци, што беше причина за стапување во штрајк на поголемиот дел од вработените.

Вработените од "Жито Шар" својот насобран револт го искажуваат во кругот на Комбинатот од десетти септември оваа година со барање да се испита финансиското работење на раководството кое направило долг од 10,5 милиони евра и начинот на трансформацијата на капиталот, како и исплаќање на неисплатените плати и придонеси.

Својот потпис за преминување во активен штрајк го ставија 120 вработени, додека околу дваесетина луѓе од минатото и сегашното раководство на Комбинатот не се приклучиле кон штрајкот, ни објаснија од Штрајкувачкиот одбор.

До пред извесно време целиот град се снабдуваше со леб главно од Мелничко-пекарскиот комбинат, а денес единствено приватните производители на леб и бели пецива го снабдуваат Гостивар со неопходниот производ.

ШТРАЈК

Неофицијално, најголем дел од долговите се од кредити, но се нема увид зошто се земени, со оглед дека правно-финансиските служби не ја прикажуваат реалната состојба. Останува и нејасно, според некои од вработените, што никој досега не се јавува да ги наплати долговите, што им дава за право на вработените да се посомневаат дека станува збор за фиктивни долгови.

Нашиот Комбинат има долг од 2,5 милиони евра кон "Стопанска банка" и 1,5 милиони евра кон "Охис", а никој не знае зошто се тие долгови, нити некој се јавува да ги наплати истите. Од раководството ни велат дека тие кредити се земени божем за плати, но не можеме да веруваме на такво нешто, ни изјави Велибор Ефрески, член на Штрајкувачкиот одбор и претседател на Синдикатот на "Жито Шар".

Штрајкувачите најавуваат и поригорозен штрајк

Трагедијата да биде уште поголема, 150 вработени се во состојба "ни на небо ни на земја". Односно, тие немаат никаков статус - ниту се отпуштени, ниту се стечајци, ниту имаат право да земаат помош од Заводот за вработување.

Мислиме дека ова што ни се случува вештачки ни е наметнато. Не е можно до вчера успешно да работиме, со добри приходи и без проблеми, а потоа преку ноќ да паднеме во колапс. Некој сака од ова да профитира и за без пари да го купи нашиот Мелничко-пекарски гигант, вели еден од вработените, крајно разочаран од новата состојба.

Некои од вработените се закануваат и со поригорозни мерки.

Нашиот проблем ќе го пренесеме и на гостиварските улици доколку надлежните и понатаму се прават "на тошо" за нашите маки. Ние немаме леб да им дадеме на нашите деца. Мора да се стави крај на сето ова, вели една изреволтирана работничка.

КАПАЦИТЕТ

Мелничко-пекарскиот гигант "Жито Шар" од Гостивар е втор по капацитет во Република Македонија. Комбинатот располага со силоси за 30.000 тони жито, мелница што може да сомеле 80 тони житни култури за еден ден и пекарница со две ленти што печат по 2.600 парчиња леб за еден час и посебен погон за бели печива и лиснато тесто. "Жито Шар" знае и за такви времиња кога се произведувале по 25.000 парчиња леб. Располага со четири колонијални продавници во Гостивар и во три села во околината, како и со возен парк од осум возила за потребите при доставување на лебот. Од десетте бараки за продажба на леб низ градот сега се останати само две. Вработените велат дека преостанатите се продадени за смешни цени. Комбинатот располага и со откупни станици, но годинава ништо од откупот, бидејќи им должеле на земјоделците уште за ланскиот род.

ПРИВАТИЗАЦИЈА

Проблемот со управувањето, двојната структура на капиталот и двете основни главници се клучните моменти кои доведоа до денешниве крајно влошени состојби во фирмата, вели Велибор Ефрески.

Односно, уште во 1994 година е направена проценка на претпријатието, а од 1996 година Комбинатот со 51,88 отсто акции од вработените се преструктуира кака акционерско друштво. Но, сепак, двојната структура на капиталот и двете основни главници ги наметнуваат проблемите.

Кој сака да го расконачи овој видно богат имот и да си го присвои на нечесен начин, оставајќи многу луѓе на улица без основна егзистенција е мошне интересно да се претпостави и да се види?

Дотогаш вработените во "Жито Шар" а.д. се оставени да се снаоѓаат како што знаат и умеат за да преживеат тие и нивните семејства.

РЕВОЛТ

Во "Жито Шар" веќе долго време не може да се почувствува мирисот на тазе печен леб. Некогаш преполните силоси на "Жито Шар" од Гостивар, денес не се ни на сон како во минатите времиња, велат вработените. Производствените хали се празни и пусти. На лицата на вработените може да се забележи само гнев и очај од засега безизлезната состојба во која се наоѓаат.

Од седми октомври оваа година пристапуваме кон поинаков начин на штрајкување. Со четири возила од Комбинатот, на кои ќе бидат залепени напишани плакати, во утринските часови од 9-10 часот ќе кружиме низ гостиварските улици. На овој начин ќе го искажеме својот револт, а за понатаму можно е да преземеме и поригорозни мерки, ни изјави Ефрески.

Засега никој не најде за сходно да им се обрати на штрајкувачите и да им понуди некакво соодветно решение. Чекајќи го решавањето на проблемите, вработените и нивните семејства мака мачат да состават крај со крај за да преживеат, бидејќи немаат ни за леб.


Мелничко-пекарскиот гигант "Жито Шар" има такви капацитети што не е логично да се најде во ваква лоша финансиска состојба. Комбинатот располага со силос за 30.000 тони жито, мелница што може да сомеле 80 тони житни култури за еден ден и пекарница со две ленти што печат по 2.600 парчиња леб за еден час и посебен погон за бели печива и лиснато тесто. "Жито Шар" знае и за такви времиња кога се произведувале по 25.000 парчиња леб. Располага со четири колонијални продавници во Гостивар и во три села во околината, како и со возен парк од осум возила за потребите при доставување на лебот. Од десетте бараки за продажба на леб низ градот сега се останати само две.

Очигледно "некој" напорно работи за расконачување на богатиот имот на Комбинатот.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"