Поделба на депозитите од СФРЈ
На редовниот состанок на финансискиот комитет за сукцесија на поранешната
СФРЈ, што на 7 октомври се одржа во Сараево, делегациите на петте земји
наследнички ја отвориле расправата за депозитите на Народна банка на
поранешната СФРЈ во комерцијалните банки, меѓу нив и оние на САД. На
сараевската сукцесиска рунда сите претставници ја потпишале одлуката за
поделба на преостанатото монетарно злато. Тоа тежи 271 милион унци, а според
сегашната цена на златото неговата вредност изнесува 77 милиони долари.
Според извори од македонската делегација, оваа тема била само начната и
бидејќи има многу отворени прашања, посебно во делот на депозитите во
мешовитите банки, таа е оставена за следниот состанок на комитетот кој ќе се
одржи во Загреб во ноември.
Помош за рударите од "Саса" и "Злетово"
Рударите од рудниците за олово и цинк "Саса" од Македонска Каменица и од
"Злетово" од Пробиштип на трети октомври во Скопје одржаа мирен протест пред
Владата на Македонија, уште еднаш обидувајќи се да издејствуваат реализација
на одлуката од претпоследната владина седница за обезбедување средства за
исплата на плати и набавка на репроматеријали,
изјави синдикалниот лидер на "Саса", Димче
Стојменовски.
По неуспешниот обид за разговори со владините претставници, синдикалното
раководство на рудниците се сретна со Тито Петковски од Коалицијата "За" кој
им вети дека барањата на рударите ќе бидат разгледани веднаш по формирањето
на новата влада.
Во меѓувреме рударите одбиваат да слезат во јамите и бараат да се
спроведе владината одлука за еднократна помош за плати и
репроматеријали.
Штрајк на конфекционерите од "Вера Јоциќ"
Околу 300 вработени од Конфекцијата "Вера Јоциќ" од Македонска Каменица
во својот неколкудневен штрајк побараа редовна исплата на личниот доход во
согласност со критериумите на државно ниво, исплата на заостанатиот и
тековниот долг за придонеси во траење од пет години и дополнителна проценка
на новиот машински парк кој не влегол во проценката. Конфекционерките бараат
да се покрене постапка за претходно приватизираниот дел, бидејќи се
сомневаат дека 61 процент од фирмата не се продадени по реална цена.
Граѓаните се посиромашни
Додека нашите пратеници на власта гледаат како на високопрофитабилен
бизнис во кој до државните институции се испорачуваат надувани фактури, а
државниот имот се расподава и подарува, сметката на крајот мора да се плати.
А таа стига до граѓаните кои стануваа се посиромашни.
Оваа состојба ја потврдуваат и податоците од годишниот економски извештај
на Министерството за финансии. Според нив, бројот на сиромашни домаќинства
што примаат социјална помош од 1994 до 2001 година пораснал за 60 проценти.
Пад на индустриското производство
Падот на индустриското производство не запира. Овој тренд го потврдуваат
и последните статистички податоци. Во август индустриското производство
паднало во однос на минатогодишниот просек за цели 20 проценти. Како
последица на континуираниот пад на производството не е исклучено Македонија
и годинава да ја заврши со пад на бруто домашниот производ.
Иако поради воениот конфликт 2001 се смета за економски најлошата година
од осамостојувањето на Македонија, индустриското производство годинава опаѓа
и во однос на минатогодишниот просек. Месечниот пад се движи од половина до
25 проценти.
Големи побарувања од даночните обврзници
Управата за јавни приходи има натрупано големи побарувања од даночните
обврзници по основа на Данокот на додадена вредност. Тоа треба да се толкува
како голема грешка на оваа Институција, бидејќи не ги следела овие компании
и си дозволила тие навреме да не го уплатат ДДВ, така што за овој износ на
средства е оштетена државата. Ова за "Утрински весник" го тврдат извори од
Министерството за финансии. Според нив, голем дел од фирмите што немаат
платено ДДВ веќе се неликвидни, а врз многу од нив е поведена и стечајна или
ликвидациска постапка. Наместо да си дозволи да се доведе во оваа ситуација,
Управата за јавни приходи требало континуирано да ја следи состојбата на
даночните обврзници, како и навреме да го симне од нивната сметка износот на
Данокот кој тие и го должат на државата.
Фирмата на Анушев под стечај
Фирмата на екс-пратеникот Љупчо Анушев, "Термо Скопје", отиде во стечај
откако остана должна околу 300 илјади евра, главно на неколку деловни банки
во државава.
Нема веќе работа, нема ниту пари, го објаснува Анушев стечајот на "Термо
Скопје", фирма која најголемите бизниси ги имаше во време на пратеникувањето
на Анушев, кога неговата Демократска алтернатива беше во власта.
Тогаш "Термо Скопје" изработи Проект за новото парно греење на Собранието
вреден еден милион германски марки, а истата година работеше и за Јавното
претпријатие за аеродромски услуги и за Градскиот трговски центар. Сепак, за
необјасниво кусо време од успешна фирма, "Термо Скопје" оди во стечај, а
како стечаен управник се јавува контроверзниот Владислав Тамбурковски.
"ИСО 9001" за "Мултикрем"
Фабриката за кондиторски производи "Мултикрем" од Штип неодамна се здоби
со престижниот сертификат во светот на бизнисот "ИСО 9001". "Мултикрем" кој
со работа почна пред шест години е првиот штипски стопански субјект кој може
да се пофали со сертификатот што е еден вид гаранција за квалитетот на овој
вид прехранбени производи. Сертификатот на штипскиот производител на
кондиторски производи му ги отвора портите низ светот за пласман на
пробирливиот светски пазар.
Сопственикот на "Мултикрем", Санде Давчев, објаснува дека Институтот "Ес-Ги-Ес"
од Лондон, во соработка со "Макконтрол" од Скопје, осум месеци го
анализирале и го контролирале процесот на производство, но и организацијата
на работа и стручниот потенцијал, пред да се донесе одлуката дали колективот
го заслужува сертификатот или не.
Удвоено производството на мастика
Годинава во струмички "Грозд", една од најстарите фирми во регионот за
производство на алкохолни и безалкохолни пијалаци, според првиот човек и
доминантен сопственик на капиталот, Васил Митев, во споредба со минатата
година, производството е зголемено за сто проценти. Годишното производство
на струмичката мастика изнесува речиси половина милион литри, што се пласира
на домашниот пазар и во Србија, Словенија, Америка и во Канада.
Нашиот пијалак, додава Митев, и понатаму се произведува од чисти и
високопроверени вински дестилати, збогатени со мед, анасон и сакс, додаток
што го увезуваме од островот Иос, Грција, каде што ова растение единствено
успева во Европа.
Балканска банка купи уште осум отсто од НПК
Македонска и Балканска банка на седми октомври го заокружија
управувачкиот пакет-акции во "Национална платежна картичка". Со берзанска
трансакција, во која Балканска банка откупи осум отсто од капиталот на НПК,
двете банки заедно станаа сопственици на 58,7 отсто од ова акционерско
друштво. Попрецизно, Балканска банка во моментов располага со 34,7 отсто,
додека пак Македонска банка поседува 24 проценти од акциите на НПК. Акциите
на НПК на Берзата беа откупени со конвертибилните сертификати, чија вредност
изнесуваше 40 отсто од номиналата. Ова значи дека капитал на НПК проценет на
600.000 евра беше откупен за 240.000 евра, односно со попуст од 60 проценти.
Проект за реформа на статистичкиот систем
Во Скопје на седми октомври беше презентиран Проектот за техничка
поддршка на реформите во статистичкиот систем во Република Македонија,
финансиран од Европската комисија. Со Проектот, чија намена е поддршка на
економската транзиција на земјата и на реформите во јавната администрација и
чини1,84 милиони евра, раководеше Европската агенција за реконструкција, а
го имплементираше ИКОН-институтот од Келн. Корисници на Проектот се
Државниот завод за статистика и Заводот за здравствена заштита на Република
Македонија.
Здружение на грчки инвеститори во Македонија
Новоформираниот Меѓународен совет на инвеститори, непрофитно Здружение на
грчките инвеститори во Македонија, го избра својот прв Одбор со кој ќе
претседава Аристидис Влахос од Компанијата "Прајм инфо". Покрај оваа
Компанија, членови на Здружението се и други фирми со седиште во Македонија,
финансирани претежно од грчки капитал, како што се синџирот супермаркети
"Веропулос", Стопанска банка - Скопје и рафинеријата ОКТА.
Меѓународниот совет на инвеститори ќе се залага за унапредување на
интересите на своите членки, но и "за развој на економската, социјалната и
културната средина во Македонија и за промоција на приватната иницијатива на
отворениот пазар".
Подготвила: Жаклина МИТЕВСКА
|