На Стејт-департментот му пречи Крстот

Американскиот Стејт-департмент во Меѓународниот извештај за верските слободи констатира дека македонската Влада ја користела религијата во политички цели, а поставувањето на крстот на Водно од етничките Албанци е видена како "провокација". Во истиот документ политизацијата на религијата се поткрепува со примерот кога на специјалните полициски сили им се врачувани верски плочки како и присуството на претставници на МПЦ за благословување на спортски и други настани.

Во употреба автопатот Скопје - Тетово

По четири години од почетокот на изградбата, досегашниот потпретседател на Владата, сегашен пратеник Џевдет Насуфи, го предаде во употреба автопатот Скопје - Тетово. Предавањето беше означено со почетокот на работата на наплатната рампа кај селото Желино.

Бомбај се жали на притисок од СДСМ

Томислав Стојановски - Бомбај, претседател на Демократската партија на Македонија, апелираше што е можно поскоро да се реши проблемот со "Даме Груев" во тетовското село Шемшево, во чиј двор е истакната биста на Албанецот Јумни Јонузи. Бомбај покрај другото ќе го напуштел Тетово поради, како што истакна, "притисокот од СДСМ".

Јован украл 120.000 евра

Поранешниот владика Јован за само седумнаесетмесечно управување со Повардарската епархија, за лични потреби од парите на локалните цркви и манастири присвоил околу 120.000 евра, тврдат црковни извори. Официјална полициска потврда нема, но Пописната комисија формирана по разрешувањето на владиката Јован записнички констатирала дека во зградата на Епархијата недостигаат многу предмети меѓу кои и моторни возила, компјутери и друго.

Истрагата за Божиновски тапка во место

Петнаесет дена по ноќниот упад во студиото на "Радио Тумба" и претепувањето на новинарот Зоран Божиновски од, како што изјави Божиновски, припадници на специјалната единица "Лавови", во СВР Куманово нема други позначајни резултати околу откривањето на сторителите. Познат е само фактот дека е приведен и веќе процесуиран за натамошна истрага во Истражниот затвор во Шутка главниот осомничен Горан Трајковски - Тајто кому му е изречена мерка притвор во траење од 30 дена. Истрагата најмногу "се влечка" околу потрагата по фамозниот бел голф без регистерски таблички.

По 15 милиони денари за изборите

Политичките партии што влегоа во Парламентот ќе си поделат по 15 милиони денари, сметано на еден милион гласови и 15 денари од добиен глас. ДИК доби 110 милиони денари, но тој износ ќе биде ребалансиран за една третина повеќе. Според некои проценки, кампањата на поголема политичка партија чинела 500.000 евра, а само еден голем митинг 15.000 евра.

Веронаука во училиштата

Веронауката и официјално стана дел од наставната програма на основците од трето одделение, кои доброволно избрале да го учат овој предмет. И во Македонската православна црква и во Исламската заедница веруваат дека веронауката ќе ги зближи децата од различни конфесии.

Екологистите за Велес

Аце Коцевски, градоначалник на Општина Велес, се закити со "Зелено јаболко" кое му го додели Друштвото на екологистите на Македонија, а велешката Топилница го доби "Гнилото јаболко". Коцевски благодарение на подршката на екологистите го доби признанието, а Топилницата поради индиферентноста се закити со "црната титула".


Сеќавање

Нијази Лиманоски

11-ти Октомври е голем празник за Македонија. Но, 11-ти Октомври 1997 година беше ден на голема загуба не само за семејството Лиманоски, туку и за цела Македонија. Тој ден меѓу вечните замина Нијази Лиманоски и како ѕвезда засвети на небото. Денес по пет години од неговата загуба се прашуваме што изгубивме? Изгубивме голем борец, голем познавач на етносот и фолклорот, познат и признат општествен работник на полето на културата, науката, просветата и образованието.

Го изгубивме најголемиот познавач на исламизацијата и етничките промени во Македонија и основоположникот на движењето на културно-научните манифестации на Македонците-муслимани.

Многумина ќе се сетат на тоа мало борбено човече кое со голема жестокост и познавање ги бранеше и штитеше интересите на Македонците-муслимани и го развиваше националното чувство на Македонците-муслимани кон својата македонска национална припадност.

И по пет години од неговата смрт ние сме и треба да бидеме горди што оваа земја имаше голем човек како Нијази Лиманоски.

С.И.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"