Црвенковски за името

Во интервјуто за атинскиот весник "Катимерини" лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, се изјаснил дека за прашањето на името и понатаму ќе се разговара. Потоа во весникот истакнал дека грчките инвеститори не треба да се грижат за своите инвестиции, иако потенцирал дека можно е да се преиспита договорот за "Окта". Црвенковски навестил дека договорот за купопродажба на "Окта" би можел да биде тема на расправа во Парламентот поради тоа што одредени анекси и параграфи од тој договор, и по ратификација во Парламентот, останале непознати.

УНМИК го притвори Халили

Поранешниот лидер на Партијата за демократски просперитет, Невзат Халили, кој беше уапсен на Косово бил префрлен од затворот во воената база Бонстил во притвор на УНМИК. Тој заедно со Исмет Круезиу бил уапсен во август додека двајцата се подготвувале да преземат поголемо количество оружје од албански екстремистички групи.

Уапсени илегалци

Патролата на Армијата на Република Македонија ги уапсила Фадиљ Асани, македонски државјанин и Љатифе Уксмељи, југословенска државјанка од Урошевац при нивниот обид илегално да ја преминат југословенско-македонската граница, кај месноста Барди Маала. При претресот кај нив се откриени пиштоли и легитимации на терористичката ОНА.

Мандатот на мировните сили продолжен

На состанокот на министрите за одбрана на Европската унија на грчкиот остров Крит беше констатирано дека е потребна зголемена будност поради состојбата на Балканот и покрај знаците на нормализација.

Што се однесува до Македонија, министрите се согласиле мандатот на сегашните меѓународни сили во Македонија да биде продолжен до крајот на годинава, а потоа во зависност од состојбата да се разгледа можноста за продолжување на военото присуство на иницијатива на ЕУ. Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Хавиер Солана, рекол дека Унијата е подготвена и сака да ја преземе одговорноста во Македонија.

Турнеја на Барнс по земјите - аспиранти за НАТО

На неодамнешната посета, амбасадорот на САД во НАТО, Николас Барнс, изјавил дека во Алијансата има расположение за воспоставување специјални односи со Македонија по самитот во Прага. На барањето на претседателот Борис Трајковски за продолжување на мандатот на "Килибарните лисици" до 15 декември со истиот состав и мандат, амасадорот Барнс ја оставил отворена можноста по декември мисијата на "Лисиците" да биде заменета со некоја друга.

Посетата на амбасадорот Барнс на Македонија е дел од неговата турнеја по земјите-аспиранти за членство во НАТО. Пред да дојде во Македонија, амбасадорот допатува од Бугарија, а следната земја која тој ја посети е Албанија.

Нешто невидено на Балканот

Американскиот амбасадор во Македонија, Лоренс Батлер, на средбата со претседателот Борис Трајковски на која присуствуваше и амбасадорот на САД во НАТО, Николас Барнс, изјавил дека лидерот на ДУИ и сега пратеник во Собранието, Али Ахмети се уште е на "црната листа на претседателот Буш". Поради црната листа, на американските компании им се "забранети финансиските трансакции со него".

Од друга страна, амбасадорот Батлер истакнал дека ситуацијата од собраниска седница кога поранешните противници седнаа заедно со цел да ги остварат политичките цели на демократски начин е нешто што не е видено на Балканот.

Балкански комитет за металургија

Македонскиот "Макстил" , српскиот "Мин холдинг" и бугарските компании за производство на метали и метални производи "Макметал" и "Кремиковци" се согласија да основаат заеднички комитет чија цел е забрзување на развојот на металургијата на Балканот. Една од главните идеи која има големо влијание кај членовите на новооснованиот комитет е дека секоја балканска земја треба да се специјализира во различно поле на индустријата.

Покрај ова, комитетот ќе ги застапува своите членови пред телата на Европската унија која ги отстрани даноците за увоз на челик од балканските земји и постави дополнителна опција посебно за Македонија, Србија и Бугарија. Опцијата предвидува ослободување од царините доколку земјите ги реструктуираат своите индустрии за обработка на метали.

Македонско-грчка соработка

Деновиве, Грчкиот центар за карпеста уметност преку директорот д-р Димитријадис упати порака до Македонскиот центар за карпеста уметност за воспоставување балканска соработка за проучување на шематските фигури во карпестата уметност.

Тоа е уште едно меѓународно признание за Македонскиот центар за карпеста уметност и уште еден значаен елемент во прилог на тезата дека без детално проучување на карпестата уметност не може правилно да се дефинира духовното наследство на ниту една држава во светот.

Калинки во Романија и Бугарија

Приватната валандовска фирма "Пак-горди" започна да извезува калинки во Романија и во Бугарија. Според началникот на Подрачната единица при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Крсто Лазов, на подрачјето на Општината се регистрирани околу 20.000 дрва калинки чија родност изнесува 30 килограми по стебло.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"