КУЛТУРА

На www.maccinema.org.mk времеплов за македонскиот филм и продукција

МАКЕДОНСКАТА ФИЛМСКА ИСТОРИЈА НА ИНТЕРНЕТ

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • Македонската кинематографија со своите повеќе од 500 филмски наслови, разновидноста на темите и перспективите, претставува документарна ризница на македонската држава и нејзините поединости.
  • Жанровскиот простор и творечките способности на македонските филмски дејци се развивале до оптимална мера.

Неодамна во предворјето на идната кинотечна сала во Куќата на УНЕСКО, Кинотеката на Македонија ја презентираше веб-страничката на Македонскиот информациски филмски центар. Веб-страницата содржи систематизирани податоци за сите сегменти на кинематографскиот живот на Македонија од неговите зачетоци до ден-денес.

Страницата е двојазична и на македонски и на англиски јазик, а сајтот опфаќа и хронологија на развојот на конематографијата во Македонија.

ПОЧЕТОЦИ

Воодушевувачки е фактот што оваа веб-страничка дава податоци за зародишот на филмот уште од далечната 1905 година. Токму во споменатата година (1905), Браќата Јанаки и Милтон Манаки ги направиле првите снимки на Балканот. Со тоа, тие ги удриле темелите на седмата уметност во овој дел од светот. Едниот од нив, Милтон Манаки - живеејќи и снимајќи во градот Битола и околината речиси сиот свој живот, своите филмски и фотографски материјали ги предал на чување и презервација на македонскиот Државен архив.

Филмското производство во Македонија започнало спонтано во почетокот на ХХ-тиот век, како индивидуални опити на поединци кои беа фасцинирани со новиот медиум на подвижните слики. Браќата Јанаки и Милтон Манаки во 1905 година, само една деценија по појавата на филмот, со нивната 35 мм филмска камера "Bioscope No. 300", производство на Charles Urban Trading Co., ги направиле првите филмски снимки не само во Македонија, туку и на Балканот, е наведено на сајтот.

Сцена од филмот "Црно семе" снимен во 1971 година

"Најдолгиот пат" од 1976 година уште еден успех на македонската продукција

"Збогум на 20-тиот век" од 1998 година

Понатаму на сајтот се објаснува дека пионерскиот подвиг на Манакиевци го продолжил Арсениј Јовков, снимајќи го во 1923 година филмот "Македонија". Филмското одделение на Хигиенскиот завод од Скопје во 1931 година ги направило првите обиди за филмската продукција со што се започнува со сопствена филмска продукција. Пред Втората светска војна во Македонија живнува и аматерското производство на филмови.

Веб-страничката говори и за појавата на "Вардар филм", прва продуцентска куќа во 1947 година, кога Македонија се здобила со своја национална кинематографија. Формирањето на претпријатието "Филмско Скопје" ја овозможува појавата на ова прво производствено претпријатие кое на почетокот започнува со реализација на серија филмски журнали наречени "Филмски преглед" и произведува документарни филмови. Со тек на времето се јавуваат и македонските филмски автори кои покрај неискуството, мошне бргу го совладуваат медиумот и ги осознаваат документарните жанровски можности.

РАЗВОЈ

Документарното филмско производство во Македонската кинематографија постојано се развива. Со своите повеќе од 500 филмски наслови, разновидноста на темите и перспективите, претставува документарна ризница на македонската држава и нејзините поединости. Иако со скромни кадровски и технички можности производството на филмови брзо се развивало. Со тек на времето доаѓа до зголемување на филмската продукција и до оспособување за производство на сите филмски видови и жанрови. Со филмот "Фросина" снимен 1952 година започнала и македонската играна филмска продукција. Од тогаш, па се до денес, снимени се вкупно 50 долгометражни играни филмови од кои седум се копродукции. Кусометражната играна продукција била искористена претежно како еден вид на едукативен полигон за македонските филмски дејци.

На веб-страницата во делот каде што се говори за времепловот односно појавата на филмот во Македонија како најзначајна појава за македонската кинематографија во седумдесеттите години е потенцирана појавата на анимираниот филм. Македонскиот анимиран филм со својата кратка, но бурна историја зазема значајно место во македонската кинематографија.

Во 1968 година како конкуренција на "Вардар филм" се формира Филмската работна заедница (ФРЗ) која беше последица од развитокот на филмската продукција во Македонија. Сето тоа е резултат од појавата на филмските творци кои кон средината на 60-тите можеле да имаат статус на слободни (самостојни) филмски работници. ФМЗ постоела само неколку месеци, но сепак продуцентските иницијативи ги продолжиле "Македонија филм" и "Градски кина - Скопје", покрај единствениот "државен" продуцент "Вардар филм". Со осамостојувањето на Македонија, во 1991 година се јаувува експанзија на приватните продуцентски активности, така што се оформени голем број приватни продуцентски куќи кои, со поголем или помал успех, работат и денес.

Содржината на веб-страницата е збогатена со неколку линкови: "Филмови", "За Македонија", "Продукција", "Автори и соработници", "Дистрибуција", "Институции", "Фестивали" и "Хронологија" кои навистина изобилуваат со исцрпни информации. 


За време на германската окупација со своите подвижни кина германската војска одржувала филмски проекции во Прилеп, во Велес како и во селата Лисолај (Битолско) и Рајца (Ресенско). Во тој период во Скопје проработило киното "Балкан" на скопскиот фотограф Силјан Караѓиновиќ, меѓутоа работело само неколку месеци. Во Прилеп во 1917 година започнало со работа киното "Прогрес". На првата проекција бил прикажан филмот "Дамата со камелии" и еден журнал од германско производство под наслов "Изгледот на Прилеп". Истата година се одржани и првите филмски проекции во Струмица, а во Штип повремени проекции одржувал Лазо Казанџиев во бавчата на кафеаната "Пролет". И во Битола почнале со работа две нови кина. Во еден од тенекиџиските дуќани на Тумбата е одржана првата филмска проекција и во Куманово. Од овој времеплов може да се констатира дека во Македонија "живеела" филмската култура.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"