| |
Изложби
Дела на Чемерски
Скопје, 2 октомври.
Во Ликовниот салон на МАНУ беше отворена изложба на Глогор Чемерски.
Изложбата ја отвори академик Гане Тодоровски.
Преслекување
Скопје, 3 октомври.
Во Отвореното графичко студио при Музејот на град Скопје беше отворена
самостојна изложба на Вана Урошевиќ. Изложбата е насловена како "Преслекување",
а изложен е амбиент составен од делови на мебел, различни крзна и
фотографија.
Скулптури
Куманово, 3 октомври.
Во Центарот за култура "Трајко Прокопиев" беше отворена изложбата "Скулптури
на новото време". На изложбата со свои дела се претставија седумнаесет
скулптори од Македонија.
Во потрага по Балканија
Грац, Австрија, 4 октомври.
Во новата Галерија беше промовиран Проектот " In
Search
of
Balkania" (Во потрага по Балканија). Овој
Проект претставува еден комплексен пристап кон Балканот и неговата култура
согледан преку еден за музејско-галериските институции необичен пристап.
Беше отворена изложба на 65 уметници од Балканот, а од Македонија учествуваа
пет имиња.
Етника
Скопје, 5 октомври.
Во Куршумли-ан беа претставени стилизираните народни носии од
македонското поднебје на модната креаторка Пандора Апостоловска. Оваа прва
самостојна ревија на апсолвентката на Факултетот за ликовни уметности,
насловена како "Етника" ја врати на голема врата модата во Македонија, која
кај нас е во затишје.
Слики
Скопје, 8 октомври.
Во Музејот на град Скопје беше отворена изложба на слики од Петар Ѓорѓиев
- Пљум. Беа презентирани околу 30 дела, сите работени во последните пет
години, во техниката масло на платно. Изложбата ја отвори академик Георги
Старделов.
Цртежи, колажи и скици
Скопје, 8 октомври.
Во Галеријата на Младинскиот културен центар беше отворена изложба на
Лира Грабул, костимограф од Скопје. На изложбата беа презентирани цртежи,
колажи и скици кои покрај намената како идеи за костимографски решенија
имаат и свој самостоен ликовен живот со што чинат целина за себе.
Книги
Македонско-бугарски речник и...
Софија, 4 октомври.
По потпишувањето на Договорот за соработка меѓу Друштвото на писателите
на Македонија и Сојузот на бугарските писатели, во Софија двете асоцијации
покренаа заедничка иницијатива за подготовка и објавување на
Македонско-бугарски и Бугарско-македонски речник. Иницијативата произлегува
од практичната потреба за поинтензивно и поквалитетно преведување на
македонската литература во Бугарија и на бугарската во Македонија, на што
упатува и Договорот потпишан на македонски и на бугарски јазик.
Меѓународен саем
Франкфурт, 9 октомври.
Новата македонска издавачка продукција на најголемиот меѓународен саем на
книгата во Франкфурт, се претстави со 600 наслови од 45 книгоиздателства. На
саемски простор од 32 квадратни метра беа изложени монографски изданија,
речници и друг вид литература кои по завршувањето на саемот ќе и бидат
подарени на "Македонската куќа" во Франкфурт. На 12 октомври ќе биде
организиран и "Македонски ден" на саемот.
Театар
Фестивал на комедијата
Видини, Бугарија, 7 октомври.
Штипскиот театар со претставата "Долго доаѓање на петлите" од Трајче
Кацаров, во режија на Симеон Гаврилов, го отвори Вториот фестивал на
комедијата на Балканот во Видини, Бугарија. Фестивалот траеше до 11 октомври,
а учествуваа и театри од Југославија, Молдавија, Бугарија.....
Вечера за глупаци
Куманово, 8 октомври.
На Деновите на комедијата во Центарот за култура "Трајко Прокопиев" во
Куманово беше изведена претставата "Вечера за глупаци" на Френсис Вебер, во
режија на актерот Горан Илиќ, Проект на Кумановскиот театар.
"Вечера за глупаци" е современа урнебесна комедија во која низ заплети се
случуваат духовити, апсурдни ситуации.
Овде беше изведена и "Жената на полковникот" од Христо Бојчев, во режија
на Владо Цветановски. Претставата е продолжение на "Полковникот птица" што
исто така ја режираше Владо Цветановски, и со истата актерска екипа како
толкувачи на улогите.
Музика
Порги и Бес
Скопје, 4 октомври.
Во Салонот на Македонскиот народен театар, Балетот ја отвори сезоната со
премиерата на познатото дело на Џорџ Гершвин "Порги и Бес". Претставата е во
режија на Грузиецот Нугзар Магалашвили, кој сега работи во Националниот
театар во Анкара.
Музичка сезона
Скопје, 7 октомври.
Во Домот на АРМ, воедно и дом на Македонската филхармонија, започна
новата музичка сезона. Концертната вечер претставуваше чуден сплет на
композитори и дела - Вагнер, Манчев, Јонуши, Такемицу, и на крајот Дебиси.
Сето тоа под вештата диригентска палка на Јапонецот со романска школа
Даисука Сога.
Цивил
Тетово, 7 октомври.
Во тетовскиот Дом на културата е отворен третиот по ред "Цивил",
мировниот неограничен Фестивал кој е дел од долгорочниот проект за мир и
помирување во Македонија. Фестивалот во Тетово го отвори " Peace
Unlimited
etno" ансамблот, по што се
претставија "Peace
Unlimited
Fusion", џез бендот, па
рок групата "Метроном", и рок алтернативците "The
Noise
Makers", за крај.
Сајт на Калиопи
Скопје, 8 октомври.
Како и многу наши музички ѕвезди, така и Калиопи од неодамна има свој
веб-сајт. На оваа страница обожавателите на Калиопи ќе можат да ги најдат
сите информации за неа и за нејзината работа, ќе бидат содржани различни
фотографии, нејзината биографија, аудио галерија, дискографија, а наскоро ќе
се најдат и податоци за "Калиопи мјузик продакшн". Сајтот на Калиопи го
изработи агенција "Некст сенс", ќе биде промовиран заедно со албумот, но
сите нејзини обожаватели може да го посетат уште од сега. Адресата е:
www.kaliopi.com.mk Моќта на судбината Софија, 9 октомври. Операта на
Македонскиот народен театар гостуваше на сцената на Софиската национална
опера и балет. Операта ја изведе спектакуларната оперска претстава "Моќта на
судбината".
"Како убив светец"
Деновиве со забрзано темпо привршуваат подготовките на новиот филм на
Теона Митевска "Како убив светец", нејзиниот долгометражен првенец. Филмот
ќе се снима во Скопје, а првата клапа се очекува во втората половина на
октомври. "Како убив светец" е македонско-словенечко-француско-американска
копродукција со британска поддршка. Сценариото на филмот, чиј автор исто
така е Теона Митевска, е една урбана семејна драма во чиј центар се брат и
сестра. Целата приказна претставува еден вид опсервација и осуда на
насилството и на западното влијание во последниве две години. Приказната ги
рефлектира и минатогодишните настани во Македонија и чувството на
безизлезност во еден вакум-простор. Во долгометражниот првенец на Митевска
играат: Лабина Митевска, Милан Тоциновски, Леа Липша, Силвија Стојановска,
Кирил Коруновски, Џефред Јашари, Ристо Стефановски, Петар Мирчевски, Тони
Михајловски и други. Директор на фотографијата е Белгиецот Ален Маркоен, кој
својот потпис го има ставено на врвни остварувања меѓу кои и канскиот
победник од 1999 година, "Розета". Автор на музиката за филмот е Оливие
Самојон во соработка со Проект Злуст.
"М2" постои за младите таленти
Минатата недела во хотелот "Холидеј ин" менаџерот Иво Јанковски и Дарко
Димитров ја промовираа новата рекорд-компанија "М2"- (Мацедониан музиц)
Македонска музика. Тие го презентираа Проектот чија цел е откривање на млади
таленти во Македонија, но и грижа за веќе етаблираните пејачи кај нас.
Првиот чекор во реализацијата на Проектот ќе биде т.н "Плеј" - потрага по
ѕвезди. Тоа ќе биде јавна аудиција во шест македонски града од каде ќе се
селектираат 100 кандидати. Од нив ќе се одвојат десет полуфиналисти за кои
ќе се изработат десетина нови песни кои ќе се изведат во Универзалната сала
во Скопје. Најдобрите тројца ќе добијат шанса да снимат нивни ЦД-а,
финансиски поддржани од "М2". Рекорд-компанијата ќе се грижи и за нивната
понатамошна музичка кариера.
Целиот Проект е поддржан од мобилниот оператор "Мобимак" кој и досега ја
помагаше македонската музика.
|