АРХЕОЛОГИЈА

Златната маска од Самуиловата тврдина - епохално откритие за Македонија

ДРЕВНАТА МАКЕДОНСКА УБАВИНА НЕ МОЖАТ ДА НИ ЈА УКРАДАТ

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • По 30-тина години стагнирање на истражувањата, откривањето на златната маска во Самуиловата тврдина веројатно ќе предизвика поголемо интересирање на археолозите за понатамошни археолошки истражувања кои и натаму ќе ги откриваат тајните на Охрид.
  • Откритието на златната маска е со огромно значење и сигурно ќе одекне многу силно во светот.

Минатата недела сензационалното откритие на Самуи-ловата тврдина предизвика воодушевување и кај археолозите и кај пошироката јавност. Станува збор за златна посмртна маска и златна ракавица со златен прстен најдени во гробница со уште седумдесетина гробни прилози од разновиден материјал: керамика, килибар, стаклени предмети, железо, бронза, сребро и злато. Маската и златната ракавица со златен прстен при археолошките истражувања на Самуиловата тврдина во Охрид претставува големо откритие за македонската, балканската и за европската археологија. Маската, всушност, е дел од семејството на светски познатите "Требенишки маски" од кои, за жал, две се наоѓаат во Белград, а две во Софија.

Во моментов, златната маска и златната ракавица, се наоѓаат на специјален третман заради хемиска анализа на гарежот и земјата кои беа залепени на извесни делови од нивните површини. Заводот Музеј во Охрид е преполнет со пронајдоци од Тврдината кои се на дополнителни истражувања за конкретизирање на идентификацијата.

ПРОЧУЕНА НЕКРОПОЛА

Со ова најново откритие само се потврдува она што Паско Кузман, директор на Охридскиот музеј, го навести уште при почетните археолошки ископувања на Самуиловата тврдина дека допрва ќе се види какво се богатство се крие во неа.

Ова е епохално откритие за македонската, балканската и европската археологија, бидејќи фрла дополнителна научна светлина во разјаснувањето на надалеку прочуената некропола "Требеништа" која се наоѓа кај село Горенци во близината на Охрид и каде што пред сто и пред седумдесет години се откриени, исто така, надалеку прочуените четири златни маски. Временската припадност на оваа гробница и на сите наоди во неа е V век пред нашата ера, што значи најстаро погребување во рамките на лихнидската некропола, вели Паско Кузман, директор на Завод Музеј во Охрид, како и раководител на археолошките ископувања.

При големиот зафат на систематски археолошки ископувања, конзервација и реставрација на Самуиловата тврдина во Охрид, покрај северниот бедем откриени се поголем број гробови и гробници со различни гробни конструкции кои припаѓале на жителите од античкиот Лихнидос - денешен Охрид. Хронолошкиот распон на овие погребувања е од V век пред нашата ера до V век од нашата ера. Најголемиот број гробови припаѓаат на македонско-хеленистичкиот период и се богати со разновиден археолошки материјал: украсени керамички садови, железни, бронзени, сребрени и златни предмети кои, според карактеристиките, исклучително припаѓале на најстариот древномакедонски етнос.

Новооткриената "Требенишка маска"

Една од двете златни маски која се наоѓа во Софија

Петтата златна посмртна маска, откриена десетина километри од Требенишката некропола, допрва ќе биде предизвик за археолозите.
Златната маска и златната ракавица со прстен добива во значење не само кај археолозите, туку и кај пошироката јавност, бидејќи засега таа е единствена што се наоѓа во Македонија. Другите четири златни маски и други вредни предмети се во Белград и во Софија, а нивното место треба да биде во Охрид, таму каде што се пронајдени. Сепак, за жал, мора да се каже дека највредните примероци, меѓу кои се четирите златни посмртни маски, се надвор од Македонија. Меѓу нив се и двата бронзени масивни кратера, сребрените пехари и ритони, златни ракавици, сандали и украсни плочки, како и голем број примероци од златен и сребрен накит. Според податоците на Паско Кузман од книгата "Уметноста на Требеништа" во движниот фонд од некрополата "Требеништа" се евидентирани 825 археолошки предмети, од кои 258 се чуваат во Археолошкиот музеј во Софија, 187 во Народниот музеј во Белград и 380 во Народниот музеј во Охрид.

МИСТЕРИОЗНОТО ТРЕБЕНИШТА

Откривањето на златната маска во Самуиловата тврдина во Охрид, најверојатно ќе ги актуелизира недоразбирањата и контроверзиите околу некрополата "Требеништа" која и натаму е мистериозна, единствен ваков пример во рамките на археолошката наука.

Во научниот свет некрополата "Требеништа" е третирана главно како архајска, но и железновременска и македонско-хелинистичка со доволно елементи кои се карактеристични или завлегуваат во сите овие три праисториско-историски времиња, вели во својата книга директорот Кузман. Жителите од требенишкиот круг не се спомнуваат во ниеден историски извор, за нив нема пишувани документи, за нив нема легенда ниту предание.

Нивната припадност, говор, духовниот живот, творештвото се уште претставува завиткана тајна која бара откривање на вистината.

Откривањето на вистината на Требенишката некропола почнало уште во далечната 1918 година кога случајно при изградбата на патот Охрид - Кичево се појавила гробница со многу богати наоди. Први ја истражувале археолози од Софија, а потоа од 1930 до 1934 година била проучувана од белградски археолози. Следеле уште две истражувања во 1953/54 година и во 1972 година. Досега се ископани 56 гроба и гробници од кои 13 се "кнежевски" со богати гробни прилози, а другите се со поскромен археолошки материјал. По 30-тина години стагнирање на истражувањата, откривањето на златната маска во Самуиловата тврдина веројатно ќе предизвика поголемо интересирање на археолозите за понатамошни археолошки истражувања кои и натаму ќе ги откриваат тајните на Охрид и ќе обелоденат уште многу откритија битни за древноста на нашите простори.

Откриената маска ќе остане кај нас, а е од големо значење затоа што важи за една од многу ретките пронајдоци кои досега, освен во Македонија, се откриени и во Микена и во Синдус во Грција, локалитети што влегуваат во т.н. требенишка група. Ова значи дека ареалот на сознанијата за погребувањето на владетелите од тој период се проширува, значи дека тие не биле погребувани само во Требеништа, туку и пошироко. Ова е потврда дека земјава е многу богата со археолошки наоди за кои е потребно време тие да бидат целосно истражени.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"