о програмската декларација на
Македонската антифашистичка организација (МАО) што се појави во април 1942
година во Воденско се потенцира дека нејзина цел и задача е да ја организира
и да ја раководи борбата на македонскиот народ од тој крај на Македонија, за
прогонување на окупаторот и за извојување на свои национални права и слободи.
Во писмото на Лазо Димовски - Ошенски до Обласниот комитет на КПГ за
Македонија од 21 јануари 1947 година меѓу другото се вели: "...Оправдано е
што Славјаномакедонците кои дадоа толку крв во востанието од 1903 година,
пред и по него, кои денес повторно се борат против германско-бугарскиот
окупатор и даваат свои жртви и крв, сакаат да добијат своја слобода...".
Славјаномакедонците што се наоѓаат во грчкиот дел, Лерин - Костур, каде што
мнозинството 65-70 отсто го сочинуваат тие, имаат или немаат право кога веќе
здружени со грчкиот народ се борат, по истерувањето на германо-бугарските
окупатори и врз база на осумте точки на Атлантската повелба за
самоопределување на народите, да посакаат заедно со другите два дела под
Србија и Бугарија да образуваат своја славјаномакедонска република. Тие
економски и географски прават една целина. Треба да се истакне дека горниот
став го завземаше целиот Окружен комитет на НОФ за Костурско.
По неколку дена од горното писмо на Ошенски, на заедничкиот состанок на
окружните комитети на СНОФ за Костурско и Леринско, што се одржа на 28
јануари 1944 година, членови на Окружниот комитет на СНОФ од Костурско
изнесоа и бранеа гледишта дека Грција, според примерот на Југославија, треба
да се организира на Федеративен принцип, составена од две републики: од НР
Грција и од НР Егејска Македонија. Тоа може да се оствари, истакнаа тие, ако
раководството на СНОФ официјално го побара тоа".
Наум Пејов во своето писмо до Ѓорѓис Ѓанулис од 31 мај 1944 година, меѓу
другото, наведува:
1. Еден народ за да се издигне во револуција треба да гледа исполнување
на своите цели, идеали и интереси, да му се задоволат желбите на
национално-ослободително движење, пред се, неговите национални желби.
Согласно со принципите на народоно-ослободителните движења и согласно со
Атлантската повелба, секој народ ќе се бори во рамките на старите граници, и
по истерувањето на окупаторот. Секој народ има право на самоопределување.
Значи, положбата дека нашиот народ ќе живее во рамките на Грција, ќе беше
можеби привремена, затоа што самиот славјаномакедонски народ ќе решаваше за
својата судбина.
Политичката комисија на Македонците под Грција во своето писмо до
Македонското биро на КПГ од 29 ноември, потенцира: "... Ние сме една идеја,
една желба, израз на еден народ, на една многу напатена татковина која од
пепелта на стотици години ропство сака да се прероди. Нашата борба е јасна:
национална слобода на нашиот народ, негово национално обединување...".
НАРОДНООСЛОБОДИТЕЛЕН ФРОНТ
Народноослободителниот фронт (НОФ) на Македонците од Егејскиот дел на
Македонија во директно писмо на главното раководство од април 1945 година
до окружните раководства на НОФ ја обелоденува програмската цел на
организацијата: "... заедно со сите сили на земјата што се борат против
фашизмот се бориме за осуетување на монархофашистичкиот пуч, за
рамноправност, за национални прави, за самоопределување, што претставува
статутарен принцип на сојузничката борба и плод на сојузничката победа на
фашизмот...".
И покрај тоа што горенаведените и други опции и програми, поради недостиг
на внатрешни, балкански и светски услови не беа и ниту можеа да се
материјализираат, во никој случај не треба да се отфрлат и да се осудат како
идеја. Се додека постои народ неслободен, разделен, неминовно е да се
појавуваат такви идеи и практика.
Во текот на Втората светска војна, како што приведовме, се појавија
повеќе идеи, политики и платформи во врска со прашањето на Македонија.
Победи онаа политика, и тоа само во еден дел на Македонија која водеше
сметка за стремежите и желбите на Македонците и за објективните услови што
резултираше со создавањето на македонската република во вардарскиот дел на
Македонија. Доколку грчките комунисти ги почитуваа аспирациите на
Македонците од тој дел на Македонија, веројатно исходот на борбата што ја
водеа помалку ќе беше катастрофален. Водејќи сметка за желбите и стремежите
на Македонците ќе ги мотивираше и ќе ги поттикнеше уште помасовно да се
вклучат во ЕЛАС и ќе претставува значаен фактор на страната на оние сили на
КПГ кои се спротивставуваа на политиката на раководството на КПГ за
недозволени отстапки во корист на противникот. Тоа не значи дека Македонците
ќе им обезбедеа победа на комунистите. Но, ќе придонесеа за еден поволен
договор во Варкиза.
Појавата и прифаќањето на резолуцијата на Информбирото од 28 јуни 1948
година против југословенските комунисти многу негативно се одрази врз
вооружената борба што ја водеше ДАГ. Југославија, како што предвидовме,
решавачки ја помагаше ДАГ. Тито беше еден од комунистичките лидери што не
само ја поддржуваше, туку ја поттикнуваше определбата на КПГ за вооружена
пресметка со десницата. Во рамките на меѓународното комунистичко движење ја
презема обврската сестрано да ја помага ДАГ. Југославија претставуваше
главен центар од каде минуваше целокупната меѓународна помош кон партизаните
и беше основната посредна станица на врска на КПГ и ДАГ со меѓународното
комунистичко движење на ЕЛАС и активисти на КПГ-ЕАМ кои ја одигра улогата на
јадро на ДАГ. Во подрачјето на Југославија беа организирани и функционираа
болници за ранети и болни борци на ДАГ. Безрезервно на КПГ и го предаде
македонското национално-ослободително движење предводено од НОФ, и дозволи
слободно да врши регрутација и присилна мобилизација на борци за ДАГ од
редовите на Македонците кои како политички бегалци престојуваа во
Југославија. Го организира прифаќањето и транспортирањето на повеќе од десет
илјади деца во источноевропските земји и уште толку згрижени во земјата. Во
Белград од август 1946 до октомври престојуваше дел од ПБ на ЦК на КПГ од
каде раководеа со движењето. Во Белград се наоѓаше радио-станицата "Слободна
Грција" која функционираше од 16 јуни 1947 до октомври 1948 година. Со
објавувањето и прифаќањето на резолуцијата на Информбирото од страна на КПГ,
состојбата коренито се промени. Со заострувањето на односите помеѓу КПЈ и
другите комунистички партии, Југославија ниту сакаше, ниту можеше да ја игра
горната улога, односно да функционира како центар за транспорт на
меѓународната помош за ДАГ. Но, и КПГ, од причини што ќе ги приведеме во
продолжение, не сакаше преку Југославија да одржува врска со странство и да
бара нови патишта за обезбедување на помош. Неспорно е дека судирот и
прекинувањето на односите меѓу КПЈ и КПГ негативно се одрази врз борбата што
ја водеше ДАГ. Но, тоа не одигра решавачка улога за поразот на ДАГ, како што
тврдеше грчкото партиско раководство.
ТИТОВОТО ПРЕДАВСТВО
И покрај тоа што минаа повеќе од педесет години од судирот меѓу КПЈ и
Информбирото, оценките на КПГ за улогата на Југославија за исходот на
борбата на ДАГ не се идентични и дефинитивни. Во политичката резолуција на
шестиот пленум на ЦК на КПГ одржан на 9 октомври 1949 година во Албанија, се
вели: "Неспорно е дека титовото предавство го влоши соодносот на силите на
штета на Демократската армија и ја обвини Југославија и за удар од грб со
нејзини сили во тешките битки на Вичо" на Кајмакчалан. Во уводниот реферат
на пленумот, Захаријадис, меѓу другото, рече: "...И треба тука да кажеме
јасно дека, ако од 1946 година беше позната гадната улога на провокаторот
Тито, тогаш КПГ немаше да донесе одлука повторно да се фати за оружје. Ќе
следеше друг пат, понастојчив, мачен, долг, бидејќи многу е јасно дека не
можевме да тргнеме во една нова пресметка без да е обезбедена заднината, во
моментот кога монархофашизмот располагаше со неограничена и сестрана
англоамериканска помош".
На шестиот пленум на КПГ одржан во 1956 година по суспендирањето на
Захаријадисовото раководство, оценките на КПГ за улогата на Југославија, за
исходот на борбата на ДАГ, радикално се променети. Централниот комитет на
КПГ со своја резолуција од мај 1956 година тврди дека: "Прекинот на односите
меѓу КПЈ и КПГ, во 1948 година, се должи на откриената провокативна дејност
на Берија, кој им нанесе штета на двата народа како и на делото на светскиот
лидер на мирот, на демократијата и на социјализмот". ЦК и КПГ за директен
одговорен за прекинот на односите меѓу двете партии го обвини Захаријадис
кој се обиде со клевети за "удар од грб" вината за поразот на ДАГ од себе да
ја префли врз КПЈ и слично.
Во трудовите "Историја на КПГ" и "Тригодишната епопеја на ДАГ 1946-1949"
што се појави во 1998 година чии автори се од редовите на КПГ, се тврди дека
отцепувањето на Тито од социјалистичкиот лагер многу ја оштети вооружената
борба што ја водеше ДАГ.
Секако од судирот меѓу КПЈ и КПГ што резултираше од резолуцијата на
Информбирото, најтешки последици имаа Македонците од Егејскиот дел на
Македонија. Тие се соочија со уште еден, исто така, страшен
морално-политички, психолошки, физички и правен терор спроведен од грчките
комунисти од кој настрадаа повеќе Македонци и Македонки.
Двете основни причини поради кои Захаријадис ја прифати резолуцијата на
Информбирото се:
1. Да се солидаризира со "вождот" на светското комунистичко движење, и
2. Што е најважно, да подготви терен вината за поразот на ДАГ што се
наѕираше од себе да ја префрли врз Југославија и Македонците како нејзина
агентура во Грција.
Поволна клима за успех на еден таков добро подготвен и подмолен план, што
беше во функција на генералниот план на Сталин во пресметката со Тито,
создаде како што веќе приведовме, дејноста на југословенските известителни
служби во Егејскиот дел на Македонија. Во реализацијата на планот беа
употребени методите и средствата што ги употребуваше полицијата на Мањадакис,
на НКВД, на Гестапо и на Кинезите од пред три илјади години. Ќе се обидеме
да ги опишеме.
Разногласијата меѓу КПСС и КПЈ изразени во меѓусебната пресметка се
појавија непосредно пред започнувањето на големата и судбоносна битка меѓу
владините сили и силите на ДАГ на Грамос. Раководството на КПГ плашејќи се
дека заострувањето на односите меѓу Југославија и СССР ќе се одрази врз
снабдувањето на ДАГ со оружје, муниција и други материјали од страна на
Југославија, нешто што беше договорено на средба на делегација на КПГ на
чело со Захаријадис со делегација на КПЈ составена од Тито, Кардељ, Ранковиќ
и Гилас во почетокот на март 1948 година, презеде мерки и активности. Имено,
лидерот на КПГ допатува во Белград и Москва со цел да ги информира
раководствата на КПСС и на КПЈ за состојбите во Грција и за развојот на
настаните како и за ставот и позицијата на КПГ по однос на разногласијата и
да се запознае со ставот и позицијата на тие партии по истото прашање.
(Продолжува)