СВЕДОШТВА

Историјата не е само минато

АНТИчКИ МОТИВИ ВО МАКЕДОНСКИТЕ НАРОДНИ ПРИКАЗНИ И ПЕСНИ (3)

Пишува: Александар ДОНСКИ

  • И ликот на змејот го имало во античката митологија!
  • Персонализацијата на среќата и на судбината - мотив што исто така е пренесен од античката митологија!

Покрај мотивот за ламјата во македонскиот фолклор прилично е застапен и мотивот за змејот. На истражувањата во врска со овој мотив имаат работено македонските и странски фолклористи, па во продолжение ќе споменеме извадоци од овие истражувања.

Д-р Марко Китевски, врз основа на застапеноста на змејот во македонските народни песни, го дава следниот заклучок:

"Во македонските народни песни змејот е опеан како голем љубовник. Тој има моќ за метаморфоза па во разни форми, како облак, китка и сл. се доближува до девојката, потоа грмнува и треснува и ја граба. Змејовите ги носат девојките во планините, во пештерите или дупките, со нив водат љубов, им се раѓаат деца и среќно живеат" (Марко Китевски: "Прилози за македонскиот фолклор", Скопје, 1989, стр. 16).

Откако констатира дека змејот може да биде и непријателски расположен кон луѓето, д-р Китевски наведува неколку вакви примери. Во песна запишана од браќата Миладиновци сиракот Продан бил нападнат од змејови затоа што бил голем јунак, а во друга песна три змеја сакале да го казнат Богдан затоа што ги терал сиромасите да му работат за време на еден празник (Марко Китевски, цит. дело, стр. 21).

Душко Наневски вака го опишува змејот:

"Со јасни атрибути на добар дух, тој секогаш се разликува од чудовишните аждаи и ламји. Змејот секогаш долетува од висина, со блесок на сонце, изненада на гром, брзина на молња, на крила на светлоста. Изгледа од искони луѓето во змејот ги олицетвориле небесните огнени сили, чија продолжена моќ ја чувствувале и во себе" (Душко Наневски: "Раѓање на метафората" , Скопје, 1982, стр. 56).

Постојат извори според кои змејот е поврзан и со раѓањето на Крали Марко и со раѓањето на Александар Македонски. Откако споменува народна умотворба во која Крали Марко бил зароден од змеј, Душко Наневски пишува:

"За нас е интересно дека, според Тит Ливиј, и Александар Македонски бил зачнат од змеј. Оттука воопшто не е чудно што и Марко има змејолик оцрт: лета на коњ со крила, на кој од ноздри му зелен пламен бие, а по една македонска песна се нарекува и по име: 'Марко, змеј ми Марко'(Верк. 5)" (Душко Наневски, цит. дело, с. 80).

Значи змејот го имало и во античката митологија. Конкретно змејот се среќава во приказната за аргонавтите каде го чувал златното руно. Змеј го чувал и изворот на Арес во приказната за Кадмус. Од очите на овој змеј излегувал оган, имал три реда заби и тело премачкано со отров (Карлос Парада, цит. дело, наслов: Cadmus). Иако постојат и разлики помеѓу змејот од античката митологија (кој главно се среќава како чувар на некое богатство) и змејот од македонските народни умотворби регистрирани во 19 и 20 век, факт е дека и овој лик е наследен од античката митологија преку античките Македонци кои ја практикувале истата и чии мотиви останале вградени во нивната фолклорна свест дури и по христијанизацијата.

ПЕРСОНАЛИЗАЦИЈА НА СРЕЌАТА

Во македонскиот фолклор постојат извесен број различни умотворби (но и народни верувања) во кои е потенцирано верувањето дека секој човек својата среќа ја добива уште од раѓањето. Среќата во македонскиот фолклор главно се среќава под името касмет. Во некои творби касметот е персонализиран, т.е. претставен е како човечки лик.

Како илустрација ќе ја спомнеме приказната "Умот и к'сметот" (Марко Цепенков: "Светот на приказните", Мисла, Скопје, 1982 год., стр. 271). Во оваа приказна касметот е персонализиран како човечки лик. Приказната започнува:

"Паднале на разгоор некогаш умот и к'сметот и од тој разгоор многу се препирале, дури до степуење ја дотерале работата. Разгоорот и препирачката му била оваа: умот велел оти чоек, ако нема ум, не можит богат да се сторит, а пак к'сметот велел: ако нема чоек к'смет, нека си имат ум - не можи да се обогати и ништо друго не можи да сторит".

Постојат и други приказни во кои касметот е персонализиран. За нив пишува д-р Кирил Пенушлиски ("Митот и фолклорот", Скопје 1996, стр. 123 -127). Чест мотив поврзан со касметот е приказната за двајца браќа од кои едниот има добар касмет, а другиот лош. Поради тоа едниот брат се збогатува, а другиот е сиромав. Сиромавиот случајно го среќава касметот на богатиот и тој му кажува дека деноноќно работи за својот господар, па затоа тој е богат, додека неговиот касмет ништо не работел. Касметот на богатиот му кажал на сиромавиот како да го најде својот касмет и откако тој го нашол, му удрил ќотек и го натерал да работи подобро за него.

Има неколку вакви приказни со мали разлики во нивната содржина. Значи и овде касметот е персонализиран. Тој е претставен со човечки особини (умее да зборува, работи или не работи за својот господар, го советува сиромавиот како да излезе од сиромаштијата и сл.).

Веднаш ќе кажеме дека среќата е персонализирана и во античката митологија. Во антиката постоело божество на среќата кое се викало Тиха - Tyche (Карлос Парада, цит. дело, наслов Morae). Јасно е дека и персонализацијата на среќата во македонскиот фолклор (како мотив) е наследена од античката митологија која на истиот македонски простор во минатото била составен дел од културата на античките Македонци.

МОТИВОТ ЗА ВЕРУВАЊЕ ВО СУДБИНАТА

Овој мотив е прилично распространет во македонските фолклорни умотворби регистрирани во 19 и 20 век. Се работи за верување според кое судбината на секој човек му е одредена уште веднаш по неговото раѓање. Таа судбина главно ја одредувале наречниците или самиот бог.

Само како илустрација ќе ја споменеме приказната под наслов "Трите наречници што го нарекоа детето од сиромаио да му ја јади стоката на богатио", запишана од Марко К. Цепенков (Цепенков: "Светот на приказните", Скопје, 1982, стр. 275). Во оваа приказна е спомнато утврдувањето на судбината на некое дете од страна на наречниците:

"Тамам на права полноќ, туку му дошле наречниците да му наречуват к'смето на детето од сиромаио.

- Е што велиш сестро - е рекла првата на другата - што да му пишиме на ова дете, од овој сиромав?"

Во продолжение читаме дека втората рекла детето да умре по 40 дена, но третата наречница рекла да му биди зет на оној што го оставил (некој богаташ). Во продолжение читаме:

"Отвориле тевтерите и така пишале: зет да му биди на богатио и сета стока да му ја јадит".

Во врска со наречниците во нашата наука постојат истражувања за потеклото на нивниот мотив. Во продолжение ќе цитираме извадоци од истражувањата што ги имаат извршено нашите фолклористи. Д-р Кирил Пенушлиски, објаснувајќи го овој мотив, пишува:

"Верувањето дека касметите на сите луѓе им се одредуваат веднаш по раѓањето од бога или од наречниците на третата вечер по раѓањето и во приказните е постојана, неодминлива основа врз која тие се изградени токму онака како што ова верување е фиксирано и во пословиците." (Д-р Кирил Пенушлиски: "Митот и фолклорот", Скопје, 1996, стр. 121).

И понатаму:

"Во првата група мотиви, во потрага за подобар касмет и живот, сиромашниот брат оди кај Господа за да побара одговор зошто тој нема касмет. Обично, во приказните со овој мотив Господ изгладнетиот човек го гоштева четири вечери. Неговата трпеза првата вечер е раскошна, на втората и третата вечер богата, а на четвртата вечер сиромашна. На прашањето на сиромавиот на што се должат разликите на трпезата, Господ му објаснил дека, зависно од тоа во која вечер се родиле луѓето, спроти тоа наречниците им го одредувале касметот и дека тој бил роден четвртата вечер и затоа немал касмет, што не можел да се одмени". (Исто, стр. 124).

Истражувања за наречниците (преку објаснувања на овој мотив со примери) има извршено и д-р Марко Китевски во својата книга "Прилози за македонскиот фолклор" (Култура, Скопје, 1989 год., стр. 44-46).

Во врска со потеклото на мотивот со наречниците, д-р Марко Китевски смета дека тој можеби потекнува од античката митологија. Најнапред тој се повикува на истражувањата на Луј Леже по што заклучува дека: "иако Словените немале одреден поим за судбината - фатум-от, тие знаеле за некои митски суштества."

Конечно, д-р Китевски го дава следново согледување:

"Наречниците од нашите народни умотворби имаат многу сличности до грчките мојри и римските парки. Мојра е божица на судбината која на луѓето им дели добро и зло. На некои им дава име и слава додека некои умираат непознати и неопеани од поетите. Подоцна Мојрите биле три сестри: Клота (Предачка), Ласхеса (Судбина) и Атропа (Непоколеблива). Мојрите на сите луѓе им одредуваат колку добро, колку зло ќе имаат во животот. Боговите можат да му одредат судбина на поединецот, но Мојра решава за часот на неговата смрт. Таа ја преде животната нитка на секој смртник на секој му го одредува траењето на животот и дел од среќата, успехот и несреќата... Нивната одлука особено со смртта може да се одложи, но никогаш да се поништи." (Марко Китевски, цит. дело стр. 49).

Без оглед на тоа што (поради причините кои ги објаснивме) античката митологија е наречена како "грчка", и д-р Кирил Пенушлиски се согласува дека кај старите Словени не постоела персонализација на среќата (судбината) и дека тој мотив во нашиот фолклор е стигнат од антиката. Во врска со ова д-р Пенушлиски пишува:

"Во грчката митологија божицата Тиха, која се поврзува со египетската божица Изида, е блиска на демоните и божествата кои одлучуваат за судбините и односите меѓу луѓето... Верувањето во среќата постоело и кај старите Словени, се именувала со старословенскиот збор срешта, но божества на среќата во нивната митологија немало" (Д-р Кирил Пенушлиски: "Митот и фолклорот", Скопје, 1996, стр. 123).

Поклопувањето помеѓу мотивот за наречниците од македонските народни умотворби регистрирани во 19 и 20 век со мотивот на античките мојри е повеќе од очигледен. Гледаме дека и наречниците и мојрите биле три на број и дека и едните и другите припаѓале на женскиот пол. И наречниците и мојрите ја одредувале судбината на новородениот. Сето ова претставува уште еден мотив од античката митологија, кој останал во македонскиот фолклор како пренесено наследство од античките Македонци.

(Продолжува)


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"