| |
ВЕРАТА НАША РИСЈАНСКА
Покров на Пресвета Богородица и Преподобен Јован Кукузел
ПОВИСОКА ОД СИТЕ НЕБЕСНИ И ЗЕМНИ СОЗДАНИЈА
Пишува: аџика Живанка ФИЛИПОВСКА
- "Онаа која под Крстот на Својот сакан Син ја почувствува најстрашната
болка на човечките страдања, стана Божји дар на сите луѓе, дар на
мајчинска љубов, грижа, сожалување, мајчинско сострадање".
- "Радувај се, Јоване! Пеј, и не престанувај да пееш..." - му рекла
Божјата Мајка и во десната рака му оставила златник и постанала невидлива.
П реславна Богородице, Дево Мајко!
Мајко на Севишниот Господ! Ние го величаме Твојот Покров. Пречиста
Богородице, ризницо на чистотата и добрините, ние го славиме Твојот Покров,
го воспеваме Твојот светол Омофор: "Твојот Пречесен Омофор навистина е
почесен од древниот ковчег, зашто свети повеќе од килибар (не материјално,
туку духовно). Се радуваме што си со нас и го славиме празникот заедно со
Тебе. Затоа Црквата Ти пее: "Дева денес претстои во Црквата, и со Соборот на
светиите невидливо на Бога Му се моли ...(за нас)".

Покров на Пресвета Богородица
Настанот кој Светата Црква го прославува на овој славен празник се случил
на први октомври 911 година за време на владеењето на царот Лав Мудри (или
Филозоф). На целоноќното бдение, во преполнетата Богородична Црква во
Влахерна кај Цариград во четири часот по полноќ се појавила Пресвета
Богородица високо издигната над народот со распространет - раширен Омофор (Покров)
на рацете, како со Него да го покривала, штитела целиот народ. Со тоа јасно
покажала и потврдила дека е покровителка над христијанскиот свет. "Беше
облечена во златокрасен порфир и сета блескаше во неискажлив сјај, опкружена
со апостолите, светителите, мачениците и девиците" (монах Тадиј). Во Црквата
бил и Свети Андреј Јуродиви кој изненаден од тоа што го гледа, покажувајќи
му со рака кон Пресвета Богородица на својот ученик - блажениот Епифаниј, го
прашал: "Гледаш ли, брате, Царицата и Господарката над сите, како се моли за
целиот свет?". Епифаниј му одговорил: "Гледам, оче и се ужаснувам!".
ЗАШТИТНИЦА
Овој празник не потсетува и на вечното покровителство на Божјата Мајка
низ сите векови, и во мирни времиња и во војна. Богородица ни е дар од Бога.
Бог ни ја подари за закрилница и "силен Покров на христијанскиот род, зашто
е повисока од сите небесни и земни созданија". Таа е наша заштитница пред
Бога, го омилостивува Бога и го моли за наше спасение. Тоа најубаво е
искажано преку Тропарот на празникот: "Богомајко, денес ние благоверните
луѓе светло празнуваме осенети со Твоето доаѓање и гледајќи во Твојот
пречист образ умилно велиме: Покриј не со Твојот Чесен Покров, Богородице и
избави не од секое зло, молејќи го Твојот Син, Христос, нашиот Бог, да ги
спаси нашите души".
Празникот "Покров на Пресвета Богородица" се празнува од 12 век (на 1010
по стар или 14010 по нов календар). Таа не повикува да бидеме под Нејзиниот
Покров и да го обнови нашиот живот. Љубовта на Пресвета Богородица е
совршена, бескрајна и несфатлива за човечкиот ум. Таа неизмерно го сака Бога
и сите луѓе во светот. Но, луѓето кои таа ги сакала, го распнале Нејзиниот
Син Единец. И покрај тоа, Таа продолжува да го сака светот и да го заштитува
под Својот Покров. "Онаа која под Крстот на Својот сакан Син ја почувствува
најстрашната болка на човечките страдања, стана Божји дар на сите луѓе, дар
на мајчинска љубов, грижа, сожалување, мајчинско сострадање". Светата
Православна Црква не учи дека "Нејзината љубов го опфаќа целиот свет и со
Светиот Дух од небото таа ги гледа сите луѓе на земјата и како Нејзиниот Син
сите ги сожалува и сите ги сака". Голема и несфатлива е за човечкиот ум таа
тајна што Божјата Мајка, иако живее на Небото и непрестано ја гледа Божјата
слава, никогаш не го заборава и земниот свет и со своето милосрдие ја
заштитува целата земја и сите народи.
АНГЕЛОГЛАСЕН
Истиот ден се прославува македонскиот светител Преподобен Јован
Кукузел, византиски композитор и теоретичар кој живеел, се подвизувал и
упокоил во 12 век. Завршил музичко образование во Константинопол. Станал
многу популарен пејач на царскиот двор. Го напуштил дворот и во Света Гора
бил овчар, а потоа монах. Тој е особено значаен за развојот на македонската
музичка култура. Се смета за еден од најзначајните музички дејци во
православието во средниот век. Од византиските теоретичари бил наречен втор
Јован Дамаскин, ангелогласен, извор на музиката, учител над учителите. "Радувај
се, Јоване! Пеј, и не престанувај да пееш..." - му рекла Божјата Мајка и во
десната рака му оставила златник и постанала невидлива. Тој се удостоил да
го дознае денот и часот на неговиот крај на земниот живот. По негова
последна желба бил сохранет во неговата Црква (посветена на светите
Архангели) што сам ја изградил на Атос.

Преподобен Јован Кукузел (од Византискиот музички ракопис, манастир "Голема
Лавра", 15 век)
Со благослов на Неговото Високопреосвештенство,
Митрополитот европски, г. Горазд
|