СПОРТ

ФУДБАЛ: Политичките промени во спортските институции како навика

ЛАКРДИЈА ВО ФУДБАЛСКИОТ СОЈУЗ

Пишува: Дејан СТОЈАНОСКИ

  • Некако срамежливо и најпрво на ниво на општински сојузи се започна со иницијатива за сменување на постоечката гарнитура во Фудбалскиот сојуз на Македонија, но играта на таканаречените носители на промени беше откриена и сосема неочекувано и крајно изненадувачки претседателот на ФСМ свика собрание.
  • Сите овие "игри" може да ни ја донесат УЕФА или ФИФА и повторно тие да ни организираат вондредно собрание на кое би се средиле работите. Само се прашуваме колку ваквите политички, а не спортски промени се делотворни за разнишаниот и слаб македонски фудбал?!

Повторно лакрдија во ФСМ - е изразот со кој најлесно можат да се опишат состојбите кои изминатава недела се случуваа во Фудбалскиот сојуз на Македонија. И повторно како и пред четири години имаме некаков Иницијативен одбор за промени, повторно како и пред четири години челници на тој Иницијативен одбор се луѓе кои се партиски, а не спортски определени и повторно ризикуваме за сите овие трагикомични работи кои се случуваат во ФСМ да дознае ФИФА и пак да дојде да ни ги среди работите кои и без нив се доста комплицирани. Овој пат нашето препукување може да не чини и ригорозни санкции, а пак тоа да повлече и вртоглаво паѓање на и онака слабиот рејтинг.

Ќе ги праша ли некој конечно и фудбалерите?!

Како што веќе пишувавме во минатите броеви, со промената на власта се очекуваше да дојде и до промена на челниците во спортските сојузи и таа промена повторно да оди по партиска линија. Некако како по обичај прв на удар се најде Ламбе Арнаудов и неговата "фудбалска влада". Очигледно е дека привилегиите кои ги носи првото место во Фудбалскиот сојуз на Македонија се доста привлечни, па таму моментално е и најжешко.

БОРБА ЗА ДЕЛЕГАТИ

Имено, некако срамежливо и најпрво на ниво на општински сојузи се започна со иницијатива за сменување на постоечката гарнитура во ФСМ, но играта на таканаречените носители на промени беше откриена и сосема неочекувано и крајно изненадувачки претседателот на ФСМ свика собрание на Фудбалскиот сојуз на кое требаше да се расправа за доверба на постојната фудбалска влада. Целта на собранието (која беше реализирана на еден доста досетлив начин, со вештачко зголемување на бројот на кандидатите кои треба да учествуваат на собранието) да се направи слика за успешното работење на ФСМ и на таков начин да се издејствува "легално" продолжување на мандатот во ФСМ. Собранието беше закажано да се одржи во хотелот во Банско.

Сиот овој тивок противудар од страна на ФСМ како да ги фати неподготвени иницијаторите за промени, па нивниот одговор беше да соберат колку што можат повеќе делегати со право на глас на собранието и својата солидарност и решеност да се извршат промени беше докажана на еден паралелен собир одржан во Скопје. Карактеристично за двата собира е тоа што и едните и другите тврдат дека се во право и дека одржале мошне успешен и легален собир.

Претставниците кои ги предводеше Ламбе Арнаудов тврдат дека имало доволно претставници за да се одржи еден легален собир. Тие посочија дека на нивниот собир учествувале 53 делегати. Тоа е еден повеќе од минимум потребниот кворум. Симптоматично е дека на новинарите не им беше понуден список за тоа кој е таму присутен. Од друга страна, пак, иницијаторите за промени тврдат дека кај нив имало толку кандидати со право на глас на собранието што било неможно да се одржи собир во банско со доволен кворум. Како доказ дека се во право понудија и список на делегати кои присуствувале на паралелниот собир во Скопје, а исто така и можеа да потврдат дека некои од луѓето кои беа прикажани дека учествувале на собранието во Банско не ни можеле таму да присуствуваат затоа што биле надвор од земјата. Матни игри и нејасни работи кои немаат врска со фудбалот, туку само со политиката.

ПАРТИСКИ ВОЈНИЦИ

Сето ова може да ни ја донесе УЕФА или ФИФА и повторно тие да ни организираат вонредно собрание на кое би се средиле работите. Само се прашуваме колку ваквите политички, а не спортски промени се делотворни за разнишаниот и слаб македонски фудбал?! Најискрено се надевавме дека една политичка промена нема да доведе до друга и дека во фудбалот ќе почнат да работат луѓе кои го сакаат фудбалот, а не партиски војници. Мораме уште еднаш да истакнеме дека сите овие работи кои се случуваат, сета оваа лакрдија која е очигледна (а не прикриена) политичка борба, носи само негативни поени за македонскиот фудбал.

Политички поставен претседател повлекува и поставување на политички подобни луѓе, а пак таквата поставеност повлекува и фаворизирање на определени екипи. Како ќе се заврши сето ова се уште не се знае. Сите се во исчекување и сите се надеваат дека сами ќе си ги решиме проблемите во нашиот двор. Како најреално решение се спомнува одржување на едно вонредно собрание на кое најреално би се почувствувала атмосферата која моментално владее во ФСМ.


Фудбал

Шанса за поправен

Македонската селекција ги продолжува квалификациите за европското првенство во фудбал кое ќе се одржи во Португалија во 2004 година. Наши следни противници се третопласираната екипа од последното светско првенство, Турција, и уште една селекција која се пласира помеѓу осумте најдобри, а тоа е екипата на Англија. Овие дуели доаѓаат како порачани за македонската селекција за со добра игра и со добар резултат да се извлече за катастрофално лошиот старт и резултатот со Лихтенштајн. На нашите репрезентативци им посакуваме многу успех надевајќи се дека со добар резултат ќе успеат барем малку да не оттргнат од лошата состојба која владее во македонскиот фудбал.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"