Имотите на функционерите на проверка
Државната комисија за спречување корупција, која ќе ја евидентира и ќе ја
преиспитува имотната состојба на носителите на јавни функции, ќе биде
формирана најдоцна до четврти ноември,
најави портпаролот на СДСМ, Јани Макрадули.
Со тоа новиот пратенички состав, иако во тоа се сомневаат повеќето
правници, треба да ја исполни обврската што ја наследи од претходната власт,
која пред крајот на мандатот го донесе Законот за спречување на корупцијата,
но не ја формира комисијата. Со формирање на тоа тело ќе почне и практичната
примена на Законот кој стапи во сила во април годинава.
Британец ќе го истражува македонското потекло
Британскиот истражувач Метју Леминг од наредната недела ќе собира
генетски материјал од стотина Македонци со кој ќе се обиде научно да утврди
дали денешните Македонци се потомци на големиот војсководец Александар
Македонски. Цел на истражувањето ќе биде нашиот генетски материјал да се
спореди со генетски материјал што Леминг го собрал од Авганистан, од луѓето
за кои се верува дека се потомци на војниците на Александар Македонски.
Штипјанец доби спор во Стразбург
Судот за човекови права во Стразбург донесе пресуда со која Македонија во
рок од три месеци на сопругата на починатиот Методи Јанев од Штип треба да и
исплати отштета од 77.000 евра поради предолго судење во македонските судови.
Методи Јанев уште во 1991 година повел работен спор пред штипскиот Суд
поради загубеното работно место во ТП "Мак Промет". Во меѓувреме, пред
неколку години, Методи починал, но спорот го продолжила неговата сопруга
Софка Јанева. Откако решавањето на спорот се развлекло по судовите, Софка
Јанева, преку адвокатот Трајче Тодоров од Штип, побарала оштетување за
неразумен рок во решавањето на спорот и поднесе барање предметот да се
префрли во Стразбург пред Судот за човекови права.
Јован не сака македонски свеќи
Преспанско-пелагонискиот митрополит Петар и разрешениот повардарски
владика Јован, како што информира "Дневник", подолго време набавувале свеќи
за црковни потреби од Бугарија и Грција. На тој начин, велат извори од
Македонската архиепископија, тие и нанесувале директна штета на Македонската
православна црква, иако секој месец чекале плати од МПЦ.
Лизгање на земјиштето
Поради поројните дождови и силните подземни води, падините на Крчин се
лизгаат кон Радика и опасно се закануваат да ги "проголтаат" долнореканските
села Велебрдо, Требиште и Битуше во Општина Ростуше. Десетина плевни на
самиот влез во Велебрдо веќе се слизнати стотина метри низ падините, а тоа
им се заканува и на неколку куќи. Околу 3.500 жители се отсечени од другиот
свет, без можност да ги набават основните продукти за живејачка. Отсечена и
загрозена е и караулата на АРМ над Битуше, неколку километри од границата со
Албанија. Селаните се револтирани поради, како што велат,
незаинтересираноста на властите да им помогнат и бараат итно да се реши
проблемот со лизгањето на земјиштето.
"Зегин" ќе го тужи Фондот за здравство
Сопственикот на веледрогеријата "Зегин" и на истоимениот синџир аптеки,
Благој Ханџиски, како што информира "Утрински весник", ќе поднесе кривична
пријава против се уште актуелниот директор на Фондот за здравствено
осигурување, Војо Михајловски, поради смислено и намерно неплаќање на
обврските кон овој снабдувач на македонското здравство.
Според изјавата на Ханџиски, "Зегин, "миленикот" на власта, цели 22
месеци не добил денар од Фондот затоа што не прифатил да дава рекет. Во
Фондот според информациите на "Утрински весник", до моментот на објавувањето
на овој напис, се уште го немале добиено барањето, но одговорните од Фондот
не биле целосно изненадени од ваквата реакција на оваа веледрогерија затоа
што, наводно, им било јасно дека во фармацевтскиот сектор ќе има повторно
додворување на власта.
Враќање на украденото културно богатство
Во последните години, никој од нашата држава, тврдат експертите, не
побарал ниту од Југославија, ниту од Бугарија да ни го вратат културното
богатство што се наоѓа во нивните трезори. Основниот проблем објаснуваат тие,
за жал е кај нас, зашто немаме целосна документација за дисперзираното
културно наследство.
Јован Ристов од Републичкиот завод за заштита на спомениците, во изјавата
за "Дневник", вели дека можеме да се повикаме и на меѓународните конвенции,
но ни од тоа нема голема полза, зашто многу од нив не сме ги ратификувале,
па не важат за нас.
|