Не станува збор за
трик. Не станува збор за бегање, туку станува збор за една нормална и во
моментов единствена рационална одлука. Бидејќи ако таму и пошироката јавност
немаат разбирање за мојата положба, тогаш ова е последното што може да се
направи. Прво, кога ова го наведувам најмалку мислам на себе, туку мислам на
моето семејство, на моите деца и внучиња, за нивните перспективи и се
разбира дека ова е еден вид револт, огорченост, што нема чувство кај
пошироката заедница за се она што се случува во Тетово и во околината.
Според тоа, да дефинираме, одлуката што е донесена за отселување од Тетово е
фамилијарна и таа е конечна. Меѓутоа, тоа не значи дека ќе биде денес или
утре. Сигурно идејата ќе се реализира во текот на некој иден период. Но, ако
потенцирам дека првиот чекор е направен, односно дека дадов оглас за
продажба на земјиштето со кое располагам, тогаш тоа веќе е сериозен потег.
Тука нема тајни за тој, многу пати во медиумите експлоатиран, овоштарник од
15.000 квадратни метри, кој дел е добиен по пат на наследство, а друг дел го
имам купено. За овој имот многу сум емотивно врзан и ако тетовчани знаат
како сум се однесувал кон него, тогаш значи одлуката е сериозно донесена и
размислена. Овоштарникот на неколку пати сум го осовременувал на што можеле
да љубоморат сите во Тетово, бидејќи до пред неколку години можеби беше
најуреден и најквалитетен. Проблемите со наводнувањето, редовните штети што
почнаа континуирано да ги прават од 1994 година, како и третата поголема
кражба на тракторот со приколка, во овој осумгодишен период, многу влиаеја
на донесената одлука. На тој начин, ако она во што цел живот сте вложувале и
истовремено значи хоби, задоволство и подоцна се откажувате, значи нема
место за некои трикови. Трикови прават оние што во текот на минатата година
беа скриени во дупки. Побегнаа од Тетово, а сега во најголем дел се вратија
како победници. Но, сепак во сето тоа нема некаква поврзаност со она што
беше резултат на изборите.
ЕРЕСОТ
МС: Господине Бомбај, ако Вашата одлука е конечна, што значи тоа за
преостанатите Македонци кои се плашат да останат во овој град и ако сакате
би се надоврзале на ова прашање, Албанците чекаат вакви моменти да Ви
понудат пари само да го купат Вашиот имот за да се отстранат луѓето што им
пречат во политиката и намерите за реализација на идејата за создавање "Голема
Албанија"?
СТОЈАНОВСКИ: Јас никогаш во мојот живот не сум се конфронтирал со
Албанците во однос на прашањето за заедничкото живеење на тие простори. Јас
имам свои пријатели Албанци со коишто сум соработувал и сега соработувам.
Пред се имотот се наоѓа на подрачје каде што најголем број од сопствениците
на земјиштето се Албанци и во таа насока со своите најблиски комшии сум
немал проблеми. Ниту ги имам. Никогаш не сум рекол дека Албанците треба да
ги отселиме од Тетово или дека треба да си одат. Туку секогаш сум разговарал
и сум бил гласноговорник на она што значи опстанок на Македонците. Да
останеме таму кај што сме родени, од каде што потекнуваме со векови, каде
што е нашиот имот и каде што се наоѓаат гробовите на нашите предци. Меѓутоа,
сум рекол дека некој треба да размислува што значи тоа неконтролирано
доселување во Тетово од Косово, од Албанија и од други места. Што значи
неконтролиран наталитет, визави наталитетот на преостанатите? На сите! И што
значи тој сооднос на населението? На пример, овој попис, во однос на секој
претходен, ќе биде со негативни последици, а гледаме дека меѓународниот
фактор основата на својата демократија, во азбуката на неговата демократија
се бројките - бројот на населението. За нив воопшто, ни малку не се важни
фактите што деновиве сите не воодушевуваат. Зборувам за откриените траги од
петтиот век пред нашата ера во Охрид, кои се важни за постоењето на
Македонците. Нив тоа не ги интересира. За нас тоа откритие е задоволство,
бидејќи научниците имаат дополнителни аргументи дека ние сме тука и дека
треба да останеме тука. Но, што значи тоа ако во овие десет години, во
најголем дел тетовчани не можат да ја проценат улогата на Демократската
партија на Македонија и причините за нејзиното формирање на први април во
1992 година. Ако сето тоа не можат да го промислат крупните бизнисмени од
Тетово и да извлечат наравоучение, на чело со "Тетекс" и со Глигорие Гогоски.
Или, на пример, во оваа фабрика секој може да биде член на некоја партија,
секој може да се кандидира, да агитира и да работи, но ерес е и најтешко
злосторство да се членува и да се биде симпатизер на ДПМ, затоа што таму е
лидер Бомбај. Значи, треба да се бара нешто во менталниот склоп на тие луѓе.
Ним им создава проблем тоа што и тогаш и сега се спротивставував на
неправилната приватизација. И затоа сега реагирам и ова нека биде мала
порака до Гошев, креаторот на моделот на приватизацијата од 1992 година по
системот на ваучери, дека и оние што не работеле во стопанските субјекти
треба да добијат дел од она што значи заедничко создаден општествен или
државен капитал. Има можности, има шанси. На ред е приватизацијата на други
објекти. Пред се од јавната сфера. Гошев како иден потенцијален министер за
финансии нека се потсети на таа негова идеја. Мислам дека ќе има огромни
симпатии и ќе има едно рационално обештетување на лицата и граѓаните кои не
добиле акции.
И сега може да се постави прашањето дали со овој мој потег ќе има нешто
што би имало влијание врз преостанатите Македонци. Треба да има влијание кај
сите оние кои за пет пари го даваат гласот за друга партија, кои лесно се
подмитуваат, заборавајќи на перспективите. Заборавија дека во Парламентот од
1994 до 1998 година имав извонредна улога, каде ги изнесував сите овие
состојби кои за жал веќе ни се секојдневни. Сите без исклучок. Секој мудар
политичар во државата кој бил во централната власт сигурно дека во потсвеста
мора да размислил за тоа што овие луѓе имаат потреба за таков луксуз да
формираат партија во Тетово. Зошто при толку партии во кои имаа можност да
членуваат, направија своја партија? Фала му на Бога, политички бевме и сме
образувани. Господ ни дал можност да изнесеме ставови, да напишеме, со секој
коректно и да полемизираме и да го привлечеме вниманието и на македонската,
а сега и на меѓународната јавност за да имаат вистински и реални сфаќања за
состојбите во Тетовско. Никому нема да му биде сеедно кога пратениците од
Тетовско и Гостиварско од парламентарната говорница ќе ги истакнат реалните
состојби. Јас ви кажувам дека некои од припадниците на меѓународниот фактор
не го знаат националниот состав во Тетовко. Тие мислат дека во овој крај
нема Македонци. Не знаат дека во самиот град во Тетово односот меѓу
Албанците и Македонците е тука некаде - 50 наспрема 50 проценти. Кога сите
доаѓаа во градот немаа контакт со Македонците, за време на ескалацијата на
кризата. Во интерес на нашиот опстанок ние од Тетовско мораме да бидеме
најангажирани, мораме да иницираме и митинзи и протести на кои ќе го
изразуваме револтот и гневот. Ние во состојби на терористички напади од
Тетовското Кале и во Тетовско, дознавме за доаѓањето на поранешниот
американски амбасадор Мајк Ајник во градот. Но, тој се сретна само со
градоначалникот и воопшто немаше намера да оствари средба со Македонците. По
многу напори и голем притисок успеавме да се сретнеме и да му кажеме кој
всушност во Тетово е нападнат. Кој е тој што половина Тетово отсели и кому
треба да му се помогне во тие моменти. Тоа се работи кои ги пропушташе и
претходната и оваа власт. Не знам што ќе биде сега со новата на Црвенковски,
но не сум преголем оптимист поради однесувањето на СДСМ за време на кризата.
Сега, да речеме "има образ" Илинка Митрева која кажува дека го спасила
Тетово, дека таа се борела за Тетовско итн. Тоа се смешни работи. Кога таа
за тие шест, односно седум месеци нејзино министерување беше во градот? Не
само што не беше, туку не го ни актуелизира прашањето за состојбите во
Тетово и во околината. Но, се разбира, донесе меѓународна делегација.
Требаше сите амбасадори да ги донесе во Тетово. Таа требаше да биде
креаторка, како шеф на дипломатијата. Во овој крај ниту на една одбранбена
позиција не беше тогашниот министер за одбрана, Бучковски. Впрочем и од
Илија Филиповски, кој беше шеф на Координативното тело за справување со
кризи, ништо не видовме во Тетовско. Никакви поправки, или интервенции. Само
гаранции дека нема да биде полошо. Патот Тетово - Јажинце дека ќе биде
сигурен, а Бучковски и Филиповски ги повлекоа војниците од таа позиција. И
останаа да ја бранат само полицајците, што беше невозможно.
ХИБРИДНИ ПАРТИИ
МС: Дали можеме да го резимираме Вашиот случај? Покрај албанскиот фактор,
што одлучува за Вашето заминување од Тетово?
СТОЈАНОВСКИ: Бомбај ќе си оди поради притисокот од СДСМ...
МС: Зошто имате толку негативен став кон оваа партија?
СТОЈАНОВСКИ: Тоа не е став, тоа се аргументи. Пред се, фалсификатот
на изборите од 1998 година кога за пратеник од таа изборна единица освен
мене во вториот круг влезе и Борислав Трпковски, вториот човек на "Тетекс".
"Тетекс" ги вложи сите потенцијали, сите средства, вклучувајќи ги и
материјалните, само да се направи тој фалсификат кој веќе е познат во
јавноста. Во првиот круг моето водство од 2.000 гласови се претопи за во
вториот круг дури уште 2.000 гласа на моето конто да не бидат доволни. Тоа
СДСМ го направи со поддршка на ПДП. Тоа беше наредба на Бранко Црвенковски и
на Глигорие Гогоски. Требаше Гогоски да биде пратеник, но тој процени дека
нема шанси. Мислеше дека ќе го жртвува Трпковски, но сепак за тој огромен
фалсификат знаеја и Македонците и Албанците во Тетово.
МС: Тоа е втората причина!?
СТОЈАНОВСКИ: Третата причина е она што се случува со мојот овоштарник,
врз кој од 1998 година се прават материјални штети. И сега замислете еден
апсурд - причината за недавањето вода за наводнување е во раководството на
водостопанската организација која комплетно и припаѓаше на ВМРО-ДПМНЕ. Кога
е во прашање Бомбај, СДСМ се радува што јас имам штети. Насекаде кажуваат
една ноторна невистина дека јас сум воен профитер. Тоа го прават Томиќ и
Бучковски. Како јас можам да бидам воен профитер кога штетата е од 1998/99 и
2000 година, а кризата во Македонија е во 2001 година. Се изнесуваат
невистини, небулози, текстови дека судовите не работеле, а судовите на 13
јули 2001 година работеа. Тоа е граѓански предмет, приватен спор во кој ниту
една партија не треба да се вмеша, а камоли да дава политички став. Значи,
продолжува континуираниот политички притисок кој остава последици врз моето
семејство. Кога ми го украдоа третиот трактор, на 15 септември, каде беше
Бранко Црвенковски, апсолутниот победник, или општинската организација, да
го осуди овој чин? Каде го гледаме СДСМ? Во една срамна улога. Во Тетово
доаѓа Илинка Митрева со музика, со вртење на бикови, на свињи, на јагниња, а
пред луѓе во села кои имаат свои блиски загинати или, пак, имаат опожарени
домови. Половината од нив се отселени. Па, ви се молам, таквата глетка не е
пријатна. Славење во еден таков амбиент, во една таква атмосфера?! Што им
даде СДСМ на тие луѓе? Што им помогна? Ветување дека се ќе биде добро.
Мислам дека се нема чувство за сето тоа и сега притисокот и натаму
продолжува.
МС: Што ќе се случи со ДПМ по Вашето заминување од Тетово?
СТОЈАНОВСКИ: Ако немаше разбирање за Демократската партија на
Македонија во Тетово, што всушност беше и основна цел, тоа не значи дека ние
нема да се обидеме да понудиме да работи партијата. Оној ден кога ќе се
преселам со продажба на куќата, или со задржување на куќата, по обезбедување
на сместување во главниот град, зошто партијата да не функционира и во
Скопје. Според тоа, преселувањето од Тетово ќе се одвива во еден континуитет
со тоа што засега ДПМ ќе работи во Тетово, но со можност да функционира и во
Скопје каде мислам дека ќе се има поголемо разбирање. Мислам дека моето
заминување нема да има негативен ефект. Но, актуелната власт ќе мора реално
и објективно да се ангажира за опстанокот на Македонците на тие простори без
разлика дали Томислав Стојановски - Бомбај таму ќе живее, или не.
МС: Порано за македонските куќи, и покрај континуираниот албански
притисок, се даваа енормни цени. Дали сметате дека ќе ја добиете вистинската
парична вредност, бидејќи сте вложиле многу труд и средства?
СТОЈАНОВСКИ: Веднаш да расчистиме дека не станува збор за добивање на
некакви нереални материјални средства, туку за едно реално обештетување на
овоштарникот. Јас би бил среќен ако него го купи Македонец, но сигурно
цената ќе биде поинаква ако биде наш човек. Мислам дека има такви луѓе во
Тетово. Денес од оваа временска дистанца, мислам многу сум вложил во Тетово
и во каузата што во една реченица може да се каже: "Опстанок на сите
Македонци на вековните огништа". Ако другите дадат само еден мал дел од она
што јас сум го вложил, она што значи нервози и притисоци врз семејството, да
не зборуваме за материјалните трошоци за функционирање на партијата, би бил
среќен. Мислам дека нема цена со која може да се плати она што сум го дал за
таа кауза. Но, принуден сум затоа што понатамошното ангажирање во политиката
и живеењето во Тетово би значело дека сум слеп, а не сум слеп за да го
правам тоа. Морам да признам дека имав голем притисок од семејството за
отселување. Но, од тоа не треба да се прави фама, бидејќи мојата одлука е
рационална и значи опомена за новата власт. Колку старата придонела, ќе каже
времето. Јас бев еден од ретките кој со комплетното семејство останав цело
време на кризата во Тетово, вклучувајќи го и неколкумесечното внуче и малку
постарото кои живееја под постојан притисок и пукотници. Затоа сметам дека
ова прашање мора да го отвориме и пред меѓународниот фактор, бидејќи мојот
потег може да се окарактеризира и како начин на кој се покажува дека
навистина се врши етничко чистење на Македонците од Тетовско.
МС: Дали по овој тежок потег во Вашиот живот се чувствувате духовно и
објективно поразен, а поради неможноста да влијаете во средината каде што
сте израснале ќе поднесете ли оставка и на лидерската позиција?
СТОЈАНОВСКИ: Не сум духовно поразен. Поразен сум од нечесните игри,
од фалсификатот во 1998 година, од фалсификатот во 2002 година. Треба ли
уште нешто да му се случи на некој лидер на политичка партија?! Оној момент
кога ќе проценам дека ќе треба да ме замени некој друг, ќе ја отстапам
позицијата што сега ја уживам. ДПМ мора да функционира, мора да постои,
бидејќи она што ни се случува на ниво на држава, притисоците за Рамковниот
договор, она што веќе формално значи функционирање на државата, а веќе
реално функционирање на протекторат, ни дава за право ваквата партија да
опстојува во Република Македонија.