ПОГЛЕДИ

Огледалце, огледалце

ИЗБРКАНИ И - БРКАЧИ!

Гог ма Гог

Од сите неволји, најтешка е изгледа онаа на протераните... Ако некој народ бил бркан од своите огништа, раселуван и понижуван, тоа е - македонскиот. Илјадници примери, тешки навредливи судбини, лоши среќи се мешаат со годините, историјата и животот.

Постои ли некоја награда на светот барем донекаде да ја ублажи суровоста на македонските збегови некогаш и денес? Не, оти светот не наградува и не заштитува избркани, туку - бркачи... Само тој што никогаш не побегнал, не знае колку му е тешко и како му е мачно на избеганиот, кој од се најмногу губи едно танко, фино чувство да ја сака татковината или да ја - заборави... Ги бркаа егејците, ги раселуваа пиринците, а сега редот им дојде и на - вардарците. Да, оние изворните, од кај што затекува Вардар, таму кај плодниот и рустикален Полог.

Учител во пензија од едно тетовско село некни умре во Битола. Од многуте желби на учителот, една била најголема: да го закопаат кај татко му и мајка му. Синот на учителот какви се активности не презеде да му ја исполни желбата на својот татко. Беше готов и да моли, да клечи и да поткупи, само да го врати мртвото тело на татко му, кај што и тој треба да припадне кога ќе му дојде време.

Не, па - не!

На селските гробишта "немало повеќе место". Една смешна, идиотска формулација, типична за оваа балканска чиновничка "багра", за овој талог од апсурди. И никој да помогне, да се смилува и да исполни последна желба на немоќен старец, а толку многу алтруисти, апологети, мировници и заштитници!?

Еден по еден стотици бегалци од своите некогаш топли огништа, не ни сонуваат да се вратат. Тие секој нов ден - заминуваат... кој каде, конечно разочарани. Егзодусот станува опсесија на Македонија, жива историска страница напишана со крв и страдање.

Знаете ли како не бркаат? Не со оружје, туку со - страв. Учителот на умирачка раскажуваше: "...Имав сестра. Пред да дојдат Србите, не знам што му текна на татко ми, и рече на сестра ми, земи го куферот и бегај во Софија. Не и кажа зошто. Татко ми умре. Потоа дојдоа Бугарите. Што ми се случи, само милиот Господ знае, и јас како татко ми, му реков на син ми, бегај во Белград. Така правевме, додека не дојдоа качациве да мафтаат со јатагани и да не плашат да избегаме. И бегаме како што гледате. Нема кој да ги запре!".

Гордиот стар учител умре понижен до - навреда. А, не беше за умирање. Имаше во него уште животен сок. Како на Самуил му пукна срцето, незалечено од болката дека го губи Тетово.

Учеше учителот да не бегаме од сопствениот живот, оти стануваме луѓе без своето време и без својот простор, еден вид "глобални апатриди", за кои нема мерка да ги измери големите неволји и несреќи што ги донесува бегањето.

Огништето!? Разбирате ли вие што бркате, каков пустош создавате во животниот оган на избрканиот: се најлошо, се најтажно, се најболно... Отфлен, немоќен, понижен!

Како фурија некоја што ненадејно им го корни стеблото од корен. И тие кои некогаш биле нешто, сега се веќе - ништо... Само обични бројки во политичките и информативните пресметки.

Нема никакво оправдување што толку малку знаеме за страдањата на бегалците, не да им помогнеме, тука да ги запреме да не бегаат, или ако се веќе избегани, да ги вратиме. А, тоа е најтешко. Се што ќе и се случува на Македонија во овој период што следува ќе бидат бегалците и нивното враќање. Најлесно му беше на господинот академик Ефремов кој не знаеше ништо друго освен "размена на територии": Македонец и предложи на Македонија за размена македонски територии, за сметка на - Албанци... Апсурд до апсурд. Што ни се случува, Господи, кажи ни да знаеме, или поучи не да се соземеме!?


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"