| |
ПОЛИТИКА
Партнерите долго време се запознаваат и се договараат за новата влада
ДУИ "ПЛАЧЕ" ЗА КЛУЧЕН РЕСОР
Пишува: Жаклина МИТЕВСКА
- Како што завчера, непосредно пред затворањето на овој број од нашиот
неделник, ни објасни Радмила Шекеринска, продолжуваат разговорите помеѓу
Коалицијата "ЗА" и ДУИ и тоа се уште во рамките на поделбата на ресорите.
Поконкретни информации за имињата на носителите на министерските места ќе
бидат обелоденети денес или во теков на викендов.
- Иако и Коалицијата "За Македонија заедно" и ДУИ се договорија
приоритет на новата влада да биде враќањето на мирот и безбедноста,
намалување на невработеноста и на сиромаштијата и борбата против
корупцијата, криминалот и тероризмот, прашање на време е колку ќе го
реализираат она за што се договорија. Мандатарот Црвенковски ќе мора да го
исполни она што го вети, бидејќи како што и самиот изјави свесен е дека
народот знае да казнува.
- Членот на преговарачкиот тим од Коалицијата "ЗА", Радмила Шекеринска,
тврдеше дека бавноста во преговорите за новата влада се должи на тоа што
партнерите досега не соработувале и дека им требало време да се запознаат.
Постоела можност, како што изјави таа, преговорите да траат кусо и да
бидат неуспешни. Тие можеле да бидат побрзи ако не дискутираат за
владината програма, ако не дискутираат за деликатните прашања, но според
Шекеринска, лошите резултати од таквата одлука ќе биле многу брзо видливи.
М акедонските и албанските
преговарачи веќе долго време ја токмат новата Влада. Иако лидерот на СДСМ и
иден премиер, Бранко Црвенковски, најави конструктивност и брзо окончување
на разговорите за идната извршна власт, преговарачките тимови се уште не
можат да се договорат околу министерските места. Како главен виновник за
одолговлекувањето на преговорите се посочуваше Демократската унија за
интеграција, односно раководството на ДУИ долго време ги матеше сметките во
преговорите. Според информациите обелоденети во јавноста, ДУИ бараше еден од
таканаречените "државнички" ресори, а тоа подразбира едно од министерствата
за внатрешни работи, за одбрана и за надворешни работи. Доказ за тоа дека
ДУИ сакаше да ја има главната улога во државава е нивното образложение дека
не ги прифаќаат понудените министерски ресори од страна на Коалицијата "ЗА",
бидејќи оценила дека понудените ресори - правда, труд и социјала, локална
самоуправа и економија, се "декоративни" и дека низ нив не може да се
оствари суштинската улога на партијата на Ахмети во идната влада.

"Овој тип на коалиции бара време", Радмила Шекеринска,
член на преговарачкиот тим
Од друга страна, пак, членот на преговарачкиот тим од Коалицијата "ЗА",
Радмила Шекеринска, тврдеше дека бавноста во преговорите се должи на тоа што
партнерите досега не соработувале и дека им требало време да се запознаат.
Постоела можност, како што изјави таа, преговорите да траат кусо и да бидат
неуспешни. Тие можеле да бидат побрзи, ако не дискутираат за владината
програма, ако не дискутираат за деликатните прашања, но според Шекеринска,
лошите резултати од таквата одлука ќе биле многу брзо видливи. Затоа, тие се
одлучиле да се издржи и да се има квалитет во загарантираните рокови, да не
брзаат, за потоа резултатите на така договорената влада или коалиција да не
бидат негативни. Според неа, овој тип на коалиции бара време за разлика од,
како што објаснува таа, претходните коалиции кои биле подготвувани подолг
период пред избори, дури и за време на изборната кампања. Овојпат станувало
збор за партии кои немале искуство во меѓусебна соработка и биле со различни
позиции. Причина за одолговлекувањето на преговорите се и предлозите кои,
како што посочи Шекеринска, се менувале во од. Сите ресори се решавале во
пакет, односно ниту едно министерство не било коалициско решено, т.е
станувало збор за "пакет" предлози кои ДУИ можело или немало да ги прифати.
РАЗЛИКИ
Преговорите се одвиваа на три новоа: програмата, поделбата на ресорите и
кадровските решенија. Како куриозитет од преговорите за составување на
новата влада беше тоа што Теута Арифи и Агрон Буџаку им преведуваа на
Шекеринска, Поповски и на Манасиевски додека говореше Муса Џафери (еден од
преговарачите од ДУИ), бидејќи тој разбирал македонски, но не можел да
зборува.

Преговарачите од ДУИ не сакаат "декоративни" ресори
Двата преговарачки тима во текот на преговорите постојано ги одбегнуваа
конкретните одговори на новинарските прашања. Долго време го почитуваа
договорот информациите да ги чуваат во рамките на преговарачките тимови и
потенцираа дека не сакаат да ги водат преговорите преку медиумите. Поради
тоа, јавноста можеше да си шпекулира со имињата на идните министри. Според
тие шпекулации, претставниците на Коалицијата "За Македонија заедно",
Радмила Шекеринска од СДСМ и Јован Манасиевски од ЛДП на своите колеги од
ДУИ, Теута Арифи и Агрон Буџаку им предложиле неколку варијанти за поделба
на ресорите, но соодносот, како што беше и претходно објавено, е 10
министерски места за Коалицијата "ЗА" и четири за ДУИ, но и едно
вицепремиерско место за партијата на Ахмети. Иако Буџаку потенцираше дека
нема големи разлики меѓу ДУИ и СДСМ и дека тие што ги има брзо ќе се
надминат, објаснувањето за тоа зошто долго време ги кријат имињата на идните
министри, тој го објаснуваше со џентлменскиот договор да не објавуваат
детали за преговорите додека тие не бидат завршени. Долго време се тврдеше и
тоа дека Демократската унија за интеграција од понудените ресори ги одбрала
министерствата за правда, за образование и за транспорт и врски, (за
транспорт и врски биле заинтересирани и СДСМ и ЛДП поединечно), а
инсистирала на Министерството за надворешни работи. Првите три министерства
биле на списокот што преговарачите од Коалицијата "За Македонија заедно" им
го понудиле на ДУИ, додека Министерството за надворешни работи не и било
понудено на партијата на Али Ахмети. Коалицијата "ЗА" побара конкретни имиња
за ресорите што ги бара ДУИ, а испрати и порака дека не прифаќа чепкање во
големата министерска четворка. Долго време во игра беа и Министерството за
локална самоуправа и Министерството за животна средина и просторно планирање.
Бидејќи овие министерства и беа понудени на ДУИ, партијата на Ахмети имаше
право прва да избира, а ресорот што ќе остане да го добие ЛДП.
ПЛАТФОРМА
Преговорите помеѓу Коалицијата "ЗА" претставувана од Радмила Шекеринска
од СДСМ, Јован Манасиевски од ЛДП, како и Никола Поповски кој по добивањето
на спикерската функција се повлече од преговорите, и Теута Арифи, Агрон
Буџаку и Муса Џафери од ДУИ, најнапред започнаа околу платформата и
принципите за новата влада. Иако и двете партии се договорија за враќање на
мирот и безбедноста, намалување на невработеноста и на сиромаштијата, борба
против корупцијата, криминалот и тероризмот, прашање на време е колку ќе го
исполнат она што за што се договорија. Мандатарот Црвенковски ќе мора да го
исполни она што го вети, бидејќи како што и самиот изјави свесен е дека
народот знае да казнува.
Како приоритет на новата влада, според владината платформа усвоена од
двете партии, е и завршувањето на приватизацијата и преиспитување на
постапките завршени досега, ефективна децентрализација на власта,
интегрирање на сите етнички заедници во државните органи, особено во
безбедносните структури, забрзано интегрирање на Македонија во НАТО и во
Европската унија. Меѓу темите кои според "ЗА" и ДУИ бараат ургентно
реагирање, покрај реформите во администрацијата, е и реинтегрирањето на
регионите опфатени со конфликтот лани. Меѓу најзабележливите делови од
владината програма е точката во која се вели дека партнерите ќе прават
напори што поголем број прашања да се решаваат со консензус. За реализирање
на проекти кои бараат ангажирање на повеќе ресори, како на пример
разоружување или децентрализација, владините партнери предвидуваат формирање
фондови и служби од привремен карактер. Не е исклучено со вакви проблеми да
координираат и некои од вицепремиерите.
И според Шекеринска и според преговарачот од ДУИ Агрон Буџаку, ставот на
СДСМ дека нема место во власта за командантите на ОНА, ќе дојде на дневен
ред кога ќе почнат разговорите за имињата кога ќе се вклучи и мандатарот, и
ставовите на одделните партиски раководства.
До затворањето на овој број од нашиот неделник, Црвенковски се уште
официјално не беше вклучен во преговорите, иако е сосема јасно дека тој
според зададените рокови ги врши последните консултации за персоналниот
состав на владата. Официјалната изјава дадена од преговарачкиот тим гласи
дека тој ќе се вклучи во разговорите кога ќе бидат во игра и имињата на
идните министри.
Според некои гласини кои проструија во јавноста, и Партијата за
демократски просперитет најверојатно ќе влезе во владата на Црвенковски, но
нема да добие министерски места, туку пониски нивоа во власта.
Според неофицијалните информации, на оваа тема веќе се разговарало меѓу
мандатарот Бранко Црвенковски и претставници на ПДП.
Во моментов, преговорите меѓу двата стари коалициони партнера, СДСМ и ПДП,
се во мирување, а како што неофицијално се дознава, тие ќе продолжат откако
ќе завршат преговорите меѓу Коалицијата "ЗА" и ДУИ.
|