| |
ПОЛИТИКА
Балистичката организација во Македонија во Втората светска војна (1941 -
1944 година)
ТЕРОР ВРЗ МАКЕДОНСКОТО НАСЕЛЕНИЕ
Пишува: Кокан СТОЈЧЕВ
- Балистите ги напаѓале селата по Маврово и по Шар Планина во обид да го
истераат македонското население и да го уништат партизанското движење. Во
тие напади биле убивани цели семејства, биле спалувани куќи, домови, вели
историчарот Ѓорѓи Малковски.
В о многу нешта минатогодишната криза е
слична со карактерот на мојата најнова книга "Балисти",
вели историчарот проф. д-р Ѓорѓи Малковски. Интересот за проучување на
балистичката организација во Македонија во текот на Втората светска војна
(1941 - 1944 година) произлезе од моите поопстојни проучувања и на другите
политички партии, организации и групи кои, исто така, дејствувале во
Македонија. Балистите претставувале воена, но и политичка сила,
потенцира Малковски. Нивното влијание особено било изразено по септември
1943 година, односно по капитулацијата на фашистичка Италија. Во основа биле
верни соработници и на германската војска, а учествувале во сите борби
против единиците на македонската војска на целата територија на Западна
Македонија. Тие биле финансирани, раководени, обучувани и вооружувани од
германската војска. Германците многу бргу ја почувствувале нивната главна
цел, Западна Македонија да ја зачуваат во рамките на "Голема Албанија",
истакнува проф. Малковски.
Тој вели дека покрај балистичката организација во Македонија, за истите
политички и национални цели опстојувале и многу други албански милитантни,
паравоени и политички организации. Тие директно биле поврзани со окупаторите,
но прво со Италијанците кои учествувале во поделбата на Македонија по
навлегувањето на германските сили во поранешната кралска Југославија.
Честопати за Македонија, вели Малковски, се судрувале интересите
на Бугарија и Италија кои биле поддржувани од парамилитантни насилни
албански организации.
Меѓу првите кои ја поддржале окупацијата на Македонија на делот каде што
се стационирале италијанските трупи била Фашистичката партија на Италија во
Албанија која била доминантна политичка сила по 1939 година.
За оваа намена биле издвоени околу 100 милиони швајцарски франци кои биле
употребени за инсталирање на партијата во Албанија и во Западна Македонија.
Во оваа организација највлијателни биле Албанците Кољ Биба Миракај како и
Исмаил Хуса од Мат, Албанија. Оваа организација се инволвирала во сите пори
на албанското општество и притоа ги вклучувала во своите редови и младите
Албанци од 14 до 17 годишна возраст, потенцира историчарот Малковски.
ОРГАНИЗАЦИИ
Проф. Малковски најпрво ја наведува албанската организација "Легалитет"
која била верна и приврзана на албанскиот крал Ахмет Зогу. Таа била основана
од мајорот Абас Купи, попознат во Албанија како База Цани, во 1943 година.
Оваа организација имала две појаки, односно поголеми групи од кои во
северниот дел на Тирана била стационирана едната, а другата се наоѓала во
Скадар. На чело во групата во Тирана бил Џемаил Наип, а на скадарската Сали
Мифтија. Се верува дека оваа организација имала околу 5.000 членови од кои
1.500 биле вооружени офицери и бајрактари. Друга организација која влијаела
во Македонија била "Кресник офицер". Нејзина задача била борба против
партизанските единици на македонската војска.
Почетоците и појавата на дејствувањето на организацијата "Беса" се
забележуваат во Белград пред започнувањето на Втората светска војна,
вели Малковски. Еден од основачите бил Шаип Камбери, а формирањето се
случило во Тетово. Во овој град подготовките биле доверени на Идриз Ибрахим
- Црцр. Нивни задачи биле: задолжително меѓу муслиманите да се шири
пропаганда која истакнувала дека тие не можат да бидат Турци освен Албанци и
да се шират симпатии кон Албанија. "Фаша" била фашистичка
организација, истакнува историчарот, која во своите редови
зачленувала службеници кои биле вработени во државни институции.

Проф. д-р Ѓорѓи Малковски, автор на книгата "Балисти"
Покрај оваа организација, во својот најнов научен труд Малковски ги
наведува и "Башкими дибраи", "Ринија Шкиптаре", "Балила", "Роја грејзие",
како и "Зото", "Таша" и други. Сите имале единствена и основна цел да го
протераат македонското население од Западна Македонија, користејќи се со
силувања, насилства, грабежи, палење на домови...
Балистичката организација на политичката сцена на Албанија се појавила
при крајот на 1942 година, во месец ноември, образложува професорот
Малковски.
За нејзин основач се смета дека е Митхат Фрашери, попознат под
псевдонимот Љумо Скендо. Членовите на
организацијата истапувале со тезата дека
албанскиот народ за време на Втората светска војна не смее да се изложува на
уништување и затоа треба да се почека со вооружената борба.
На Фрашери најблизок соработник му бил Хасан Доста кој пред да пристапи
кон балистичката организација бил министер за правда во владата на
квислингот Мустафа Круја. Во најтесното раководство биле велепоседниците:
Абас Ељмени, Скендер Мучо, Нуредин бег Флора и други. Организација била
директно поддржувана од воено-политичката известителна служба на Вермахтот (Абвер)
која му помагала на Хитлер да ги освојува териториите. "Бали комбетар"
- балистичката организација имала добра организирана мрежа во Западна
Македонија, наведува Малковски.

Прешова Шефки од Гостивар, Фиќири Зинија од Гостивар и
Џемо Хаса (Од лево на десно)
Тоа особено се почувствувало по капитулацијата на Италија, во септември
1943 година. Главен балистички центар станал Гостивар, а со него раководел
Кадри Сали. Во Тетово окупаторот комуницирал со адвокатот Шаип Камбери.
Организацијата имала инсталирано повеќе општински комитети, а меѓу првите
бил оној во Тетово во кој членувале: Фати Салиница, Шаип Камбери, Менди
Мустафа бег и Усеин Делара бег. Комитетот во Тетово ја имал целата власт,
командата, жандармеријата, префектурата и другите институции на власта што
биле инсталирани од албанските окупатори. Комитетите во основа работеле по
зацртана програма на балистичката организација, вели Малковски. Прво,
мобилизирање и вооружување на албанските маси за борба против партизанското
движење. Второ, преку борба да се создаде "Голема Албанија" со новите
краишта Струга, Дебар, Кичево, Гостивар, Тетово и Косово, се до Бакарно
Гумно и Санџак. Трето, да се собираат материјални средства за одржување на
балистичките сили и за купување оружје.
Балистичката организација во Македонија имала најголем центар во Гостивар.
Како команданти на балистичките вооружени формации во Гостиварско се
истакнале Џемо Хаса "Хасани" од Симница, Акиф Речани од Речани, Мустафа од
Трница, Феим Јонузи од с. Здуње и други.
Најголем замав ширењето на организацијата имало со појавувањето на Џемаил
Хасани - Џемо (1908 - 1945 година) од село Симница, Гостиварско. Џемо во
1942 година, пред појавувањето на балистичката организација, се одметнал со
40 Албанци и го тероризирал македонското население. Него Италијанците
претежно го искористиле за борба против партизаните и му давале месечна
плата од 50 илјади леки. Во кичевската околија балистите ги раководел Мефаил
Еипов од Зајас, додека во Струга организатор бил Ремзи Шакир бег. Штабот на
балистите за целата кумановска околија бил формиран во с. Матејче. Водач бил
Суљо од с. Отља кој порано бил командант на контрачета составена од Албанци.
Членови на штабот биле Мула Џафер Азизи-оџа, Мула Илијас Керими-оџа од село
Матејче, Џемаил Џемаили од с. Никуштак и други. Ова јадро било директно
поврзано со балистите од Косово и со германската војска со која координирано
ги напаѓале единиците на македонската војска во кумановскиот терен,
објаснува Малковски.
УЦЕНИ
Членовите на балистичките комитети добивале плата која била собирана од
селаните како и од опљачканите имоти на Македонците. Структурата на
вооружената и воената сила на балистите била т.н, вулнетари или доброволна
војска. Тие биле организирани на целата територија на Западна Македонија. Во
Дебар нивниот број изнесувал од 1.200 до 1.500 лица распоредени во пет до
шест чети. Во струшкиот крај бројот на вулнетарите изнесувал од 700 до 800
души, кои биле поделени во две чети. Првата чета броела 500 души, а
командант бил мајорот Бекир ага. Втората чета се состоела од 300 лица чиј
командант бил мајорот Тефик Власи. Во Ростуше дејствувала една чета од 400
души со која командувал Али Маличи. Во Кичево со вулнетарите командувал
Мефаил, а во Гостивар Џемо Хаса.
Во општиот план за разбивање на вооружената борба и создавање на страв
меѓу македонскиот народ, балистите покрај воени дејствија на широко
спроведувале акции на палежи, грабежи, силувања и убиства врз незаштитеното
македонско население. Овие акции ги изведувале сами или во координација со
германските или италијанските воени сили. Тие ги изведувале на целата
територија на Западна Македонија, но пред се во селата со чисто македонско
население.
Ним им помагале и качачките банди, како на пример, бандата на Елез Јусуфи
чии синови Цене, Јусуф и Садик крстареле по гостиварско-тетовската област,
на просторот од планината Бистра се до Шар Планина. Тие биле присутни се до
1943 година, но продолжиле со ограбувањето и во наредните години. Последниот
грабеж Цене Елези го извршил на 6 јуни 1946 година кај месноста Афметковица.
Овој познат качак македонската власт успеала да го уапси во 1949 година во
с. Жеровница, истакнува Малковски.
Во мијачките, горнореканските и планинските предели на полошкиот регион
дејствувала качачката банда на Мурат и Мифтар Каљоши, која била разбиена во
1944 година. Во почетокот македонското население за да се одбрани од
качачките банди и нападите од балистите изнајмувала семејни професионалци
кои се бореле против бандитите.
На шести ноември 1942 година, балистите навлегле во селата Селце, Ростуше
и Тресонче. Тие го уценувале населението од селата и барале да им платат
големи износи пари. Населението од Селце било уценето за 200 илјади лека,
ростушани за 80.000, Тресонче за 150.000, а селаните од Лазарополе дури за
200.000 лека.
Балистите ги напаѓале селата по Маврово и по Шар Планина во обид да го
истераат македонското население и да го уништат партизанското движење. Во
тие напади биле убивани цели семејства, биле спалувани цели куќи, домови...
Ослободувањето на Македонија во 1944 година не значело и дефинитивно
уништување на балистичките банди, бидејќи познатите водачи Џемо, Мефаил,
Хамзо Реџепи и други се одметнале во шума. Тие правеле проблеми се додека
македонската војска не ги фатила или убила водачите и ги разбила
балистичките банди во Македонија, додава Малковски.
|