| |
ОБРАЗОВАНИЕ
Проект за предучилишно воспитување
ЧЕКОР ДО ПОГОЛЕМА СЛОБОДА НА ДЕТЕТО
Пишува: Рената МАТЕСКА
- Проектот "Чекор по чекор" им нуди на децата една слобода, демократија
за да дојде до израз нивната индивидуалност. Колку тие се заинтересирани
за одредена област, да го работат тоа што сакаат во посебните работни
катчиња: конструктивно, ликовно, семејно, драмско, сценско, манипулативно
и литературно. Децата имаат простор и можност да одберат каде ќе го
насочат своето внимание и интерес, нагласи Ели Грибовска, дипломиран
педагог, директор на Јавната установа за деца - Детска градинка "Распеана
младост" од Скопје.
- Секој начин на казнување го повредува чувството на самопочитување кај
детето, вели Ерик Сигсгаард, истражувач во данскиот Центар за истражување
во институциите.
- Како дел од студијата биле проучувани децата од една детска градинка
во периодот од 1994 до 2000 година. Повеќето од половината од нив изјавиле
дека мразат кога некој им вика и кога веруваат дека возрасните се уште им
се лути, дури и долго време по расправијата.
С поред конвенцијата за правата на
децата на ОН, децата имаат право на заштита од физичко и психолошко
насилство и злоупотреба, а се повеќе се оди на нивно полиберално и
подемократско воспитување и едуцирање.

"Индивидуализацијата, слободата, демократијата е сржта на Проектот 'Чекор
по чекор'" - Ели Грибовска

Детето бара поголема слобода за својата креативност
Не ретко децата во некои земји се користат како евтина работна сила, но
дојдено е времето кога децата се изборија за своето место во општеството. Се
повеќе се истакнуваат правата и слободата на децата, кои во некои земји се
утврдени и со закон.
Времињата кога учителите со стап ги учеа децата се веќе далечно минато.
Во нашиот воспитно-образовен процес се отстапува место за поголема слобода,
а со тоа и изразувањето на креативноста на децата и тоа уште од нивната
најрана возраст. Токму во тој поглед е насочен и проектот "Чекор по чекор",
наменет првенствено за децата од предучилишна возраст кој е застапен во
некои градинки низ државава. Проектот "Чекор по чекор" е нешто сосема ново,
различно од класичното предучилишно воспитување.
ПРОЕКТ
Суштината на проектот "Чекор по чекор" првенствено подразбира
индивидуализација, слобода, демократија, соработка со родителите и
отвореност кон пошироката средина, ни истакна Ели Грибовска, дипломиран
педагог, директор на Јавната установа за деца - Детска градинка "Распеана
младост" од Скопје. Овој Проект градинката комплетно го применува од 1995
година. Целокупниот воспитен кадар е посебно едуциран за проектот "Чекор по
чекор". Преку овој начин на воспитување се дава потполна слобода на детето
кое се воспитува и социјализира преку игра.
Проектот го прилагодуваме кон нашите услови за работа и преку образовниот
процес слободно може да дојде до израз индивидуалноста на детето и склоноста
кон одредена област, истакна госпоѓа Грибовска.
Проектот се реализира тимски, а новиот начин на воспитување децата го
прифатиле со восхитување, иако на почетокот родителите биле скептични во
поглед на неговата примена. Досегашното задоволство од примената на "Чекор
по чекор" го делат и децата и воспитувачите и родителите. Поранешните стеги
веќе ги нема, а присутна е отвореноста, соработката и довербата на
родителите кон Проектот.
СТУДИЈА
Секој начин на казнување го повредува чувството на самопочитување кај
детето, вели Ерик Сигсгаард, истражувач во данскиот Центар за
истражување во институциите.
Како дел од студијата биле проучувани децата од една детска градинка во
периодот од 1994 до 2000 година. Повеќето од половината од нив изјавиле дека
мразат кога некој им вика и кога веруваат дека возрасните се уште им се лути,
дури и долго време по расправијата. Според една студија на данските научници,
викањето ја повредува детската психа исто како и тепањето.
Кога родителите се вознемирени поради децата кои лошо се однесуваат,
повеќето од нив не ги казнуваат физички, туку со викање. Но, викањето е
дефинирано како вербално малтретирање кое според данските научници може да
биде исто така штетно за детето како и физичкото. Психолозите од порано
знаат дека децата кои биле тепани се подложни на слаба самодоверба и на
несигурност во понатамошниот живот, но ефектите од вербалното малтретирање
досега беа минимално проучувани.

Работните катчиња во занималната се во фокусот на вниманието на децата

Децата се восхитени од "Чекор по чекор", иако родителите на почетокот беа
скептични
Не можете да кажете дека е подобро да му викате на детето отколку да го
тепате. Кога го казнувате детето, му давате чувство дека тоа не вреди ништо,
вели Ерик Сигсгаард, истражувач во данскиот Центар за истражување во
институциите.
Повредената самодоверба, проблемите во односите со другите и создавањето
блиски врски се најчестите проблеми со кои се соочувале малтретираните деца.
Иако родителското физичко казнување стана поневообичаена појава, а во некои
држави е дури и незаконска, повеќето родители и учители им викаат на своите
деца насамо, но и пред други, констатирале научниците. Сигсгаард ги советува
родителите да им го кажуваат своето мислење со нормален тон, без викање.
Родителите кои сакаат да го сочуваат блискиот однос со своите деца не
треба да им викаат многу или наскоро ќе останат сами. Смешно е да се прави
нешто со кое од себе ги оттурнувате тие што ви се блиски, констатира
научникот Сигсгаард.
Голем приоритет во остварувањето на правата и слободата на децата, а со
соработка на родителите е остварена токму со Проектот "Чекор по чекор",
застапен во повеќе јавни установи за деца во државава.
Одбележување на Детската недела
Од седми до 13 октомври беше одбележана манифестацијата "Детска недела" и
"Светски ден на детето". По тој повод Сојузот за грижи и воспитување на
децата на град Скопје одбележа бројни активности посветени на децата под
мотото "Поволни услови за раст и развој на сите деца".
Во рамките на манифестацијата по 19 пат се одржаа традиционалните "Игри
без граници", имаше и изложба насловена како "Игрите на боите", а на темата
"Меѓуетничка толеранција - пат кон меѓусебно разбирање" беше одржана и
работна трибина.
|