ЕКОНОМИЈА

Национална програма од 2000 до 2009 година

НА МАРГИНИТЕ НА БИТИСУВАЊЕТО

Пишува: Рената МАТЕСКА

  • Потенцијалот на говедарството во Република Македонија кој се презентира во рамките на 294.613 говеда, а од кој на стелни јуници и крави отпаѓа 175.621, треба да биде искористуван до најоптимални мерки и со тоа да претставува силен двигател на развојот на преработувачките капацитети поврзани со него.
  • Врз основа на член 4, став 3 од Законот за сточарство, Владата на Република Македонија на 22.02. 2000 година донесе Одлука за донесување на Национална програма за сточарството во државава за периодот од 2000 до 2009 година. Во Програмата покрај другото се пропишани правците за развој на сточарските гранки: говедарство, овчарство, козарство, свињарство и живинарство.

Обемот на сточарското производство кај нас има претензии на постојан пораст, бидејќи потребите од основните производи - месо, млеко и јајца, за растечката хумана популација се зголемуваат, а производството не е во состојба да ги следи зголемените барања на пазарот, особено во неразвиените и земјите во развој (во чии рамки сме и ние), чијашто популација зафаќа две третини од светската. Кај нас, сепак, сточарството не е на тоа ниво развиено како што ние би сакале да биде и за што имаме предиспозиции. Наспроти тоа, производството и потрошувачката на сточарските производи во развиените земји ги надминуваат оптималните услови.

"Развојот на сточарството е и ќе биде актуелен предмет на сите развојни планови на државава", д-р Боне Палашевски

Екстензивното производство, кое истовремено е еколошко и не ја загадува животната средина, не е во состојба ни оддалеку да ги задоволи растечките потреби. Интензивното сточарско производство е решение без алтернатива, но бара одржување на квалитетот на животната средина по вештачки пат и повеќекратно зголемување на производните својства на животните со примена на современи научни достигнувања, првенствено од областа на генетиката и исхраната.

Врз основа на член 4, став 3 од Законот за сточарство, Владата на Република Македонија на 22.02. 2000 година донесе Одлука за донесување на Национална програма за сточарството во државава за периодот од 2000 до 2009 година. Во Програмата, покрај другото, се пропишани правците за развој на сточарските гранки: говедарство, овчарство, козарство, свињарство и живинарство. Главната задача за спроведување на Националната програма ја има Институтот за сточарство во Скопје.

ЈУБИЛЕЈ

Годинава Институтот за сточарство од Скопје го слави својот златен јубилеј од постоењето и придонесувањето во развојот на сточарската дејност кај нас.

Институтот е формиран на 11.04. 1952 година и покрај обврската за спроведување на Националната програма за сточарство, Институтот има и научни, образовни и апликациони задачи.

За д-р Боне Палашевски, директор на Институтот за сточарство, дефинирањето на моменталната состојба со сточарството во нашата земја е доста деликатно прашање.

Клонирањето на животни веќе е присутно и кај нас

Високомлечните крави - атрактивни за производителите на млеко

Нашата земја се карактеризира со клима и со услови кои се погодни за производство на сточарска храна, иако досега во расовен состав имаме промена на сточарството. Денес промена на расовниот состав имаме и кај културните раси. Можеме да го унапредиме сточарството во Македонија и тоа живинарството, свињарството и слично. Во изминативе години е задржана една бројка која во иднина би требало многу да се зголеми. Со почитување и следење на националната одгледувачка програма за сточарство во Република Македонија за периодот од 2000 до 2009 година ќе се создадат услови за подобрување и унапредување на сточарската дејност, констатира д-р Палашевски.

Квалитетните одгледувачки програми се состојат од: организирано формирање на одгледувачки пирамиди за секој вид домашни животни, правилен избор на раси, правци на селекција и методи за одгледување, организирање на перманентна идентификација, водење евиденција и контрола на производните својства, оцена на одгледувачката вредност, селекција на приплодните животни и репродукционо искористување на селектирани животни.

УСЛОВИ

Реализирањето на Националната одгледувачка програма за сточарство на Република Македонија е долгорочен и тежок процес. Искуствата од досегашниот период јасно покажуваат дека во отсуство на ваква програма нашата земја е принудена на перманентен увоз на приплодни животни од сите видови. Недостатокот на репроматеријал е една од важните причини за неискористување на слободните капацитети во комерцијалните фарми, чиешто моментално искористување изнесува околу 40 отсто. Ваквата состојба придонесува нашиот пазар да се снабдува со свинско, живинско и јунешко месо од увоз. Реализирањето на Програмата ќе има за цел да овозможи производство на репроматеријал за домашни потреби, намалување на увозот на квалитетен репроматеријал и зголемување на извозот на репроматеријал - јајца, месо, кожа и друго и овозможување девизен ефект од извозот на сточарски производи, чиешто ниво може да изнесува околу 100 милиони долари.

Македонија има предиспозиции за развој на сточарството.

Секако дека имаме добри услови за сточарство, во одредени области има различни предиспозиции за одгледување на домашни животни и со планска организација може да се одреди кој вид добиток и која расна структура би дала најдобри резултати во овие области, вели д-р Палашевски.

СТАТИСТИКА

Од податоците објавени во статистиката на Република Македонија може да се види дека вкупниот број на говеда во земјава во 1996 година изнесува околу 295.000, а бројот на крави, стелни јуници околу 175.000. Во големите фарми бројот на говеда и крави со стелни јуници се зголемува од 1970 до 1990 година, кога изнесувал 27.943, односно 11.520, а потоа опаѓа на 22.118, односно 7.824. Тој број се уште опаѓа и големите фарми се минимизираат. Опаѓањето на бројната состојба на големите фарми претставува хендикеп и за реализацијата на одгледувачката програма поради малиот број крави, бидејќи оние во селата не се чисторасни говеда и се нископродуктивни, со исклучок на оние во големите фарми кои се чисторасни и можат да бидат објект за создавање јадра за селекција.

Според статистичките податоци, може да се констатира дека живинарството е една од најразвиените сточарски гранки чиј број во 1996 година изнесувал вкупно 3.360.801. Во нашето живинарство развиено е само производството на јајца чиј број во поранешните години се движеше и до 700 милиони.

Одгледувачката програма претставува систематско преземање на активности во областа на репродукацијата на животните, засновани врз сознанија од популациската и квантитативната генетика, заради подобрување на производните својства на популацијата на домашни животни. Таа доведува до унапредување на генетската вредност на популацијата.

Клонирањето во наши услови како метод за побрза селекција во сточарството веќе е присутно. Тоа е сосема поинаков метод за добивање висококвалитетни животни. Како што објаснува д-р Палашевски, со овој метод се одбираат најквалитетни родители од кои понатаму се селектира висококвалитетен генетски материјал.

Според директорот на Институтот за сточарство, реалната перспектива за развој на сточарската дејност во државава е можна и остварлива. Согледувајќи ги можностите, капацитетите за добивање на добиточна храна и структурата на населението, со добра програма и со нејзино следење и реализирање ќе добиеме и квалитетни сточари, дециден е д-р Палашевски.


Несовесност

Пред извесно време во Кавадарци имаше случај кога несовесни сопственици оставија стадо овци да изумрат при што пцовисаа над 300 јагниња.

Имаше повеќе случаи кога некои "бизнисмени" во потрага по голема заработувачка почнаа да се занимаваат со одгледување на домашни животни и истите ги оставија до состојба на пцовисување поради сопственото неискуство и незнаење. Сточарството е работа со жива материја која бара 24 часовно присуство и активно познавање на оваа дејност, истакнува д-р Палашевски.


Бруцелоза

Од досегашните испитувања со земање крвни проби извршени во Ветеринарната станица во Струмица и потврдени од ветеринарниот институт во Скопје од над 30.000 грла ситен добиток, околу 500 овци и кози се заболени од бруцелоза. Во споредба со минатата година кога биле регистрирани 255 грла заболени од оваа болест, ова е алармантен податок.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"