Македонија членка на СТО
На состанокот на Генералниот совет на Светската трговска организација на
15 октомври во Женева беше усвоен пакетот документи потребни за пристапување
на Република Македонија во СТО, соопшти Министерството за економија. По
официјалното прогласување на Република Македонија како 145-та полноправна и
постојана членка на СТО и по потпишувањето на Протоколот на пристапување од
страна на националниот координатор и главен преговарач, Бесник Фетаи,
Република Македонија формално ги презема обврските за ратификација на
финалните документи најдоцна до 31 март наредната година.
Презентиран економскиот форум на ЦЕИ
Во Скопје на 10 октомври беа презентирани подготовките за Петтиот
економски форум на Самитот на ЦЕИ, што од 13 до 15 ноември ќе се одржи во
Скопје. Тоа ќе биде главен економски настан во централноевропскиот регион на
кој се воспоставуваат бизнис-контакти и се нудат или се бараат проекти и
соработка. На форумот се очекуваат околу 1.000 учесници.
Италијанскиот амбасадор во Македонија, Џорџо Марини, изјави дека
италијанските бизнисмени не знаат дека Скопје е оддалечено од Рим 1.200 часа
лет, дека инфраструктурата во Македонија е добра, дека ситен криминал речиси
нема, дека работната сила е со пристојна цена и дека во тек е важен процес
на приватизација.
Македонија далеку од ЕУ
Македонија, заедно со Босна и Херцеговина, е во последната група земји за
прием во Европската унија. Зад оваа група е само Албанија, чијшто статус
засега не може да се дефинира, јави Би-Би-Си повикувајќи се на дипломатски
извори од Брисел. Европската комисија на деветти октомври донесе одлука до
2004 година да се прошири за10 држави, главно од поранешна Источна Европа.
Бугарија и Романија како први балкански држави би можеле да станат членки на
ЕУ најрано во 2007 година. Во следната група, за која не се дефинирани
рокови, се новата заедница на Србија и Црна Гора и Хрватска, а по нив
следуваат Македонија и Босна и Херцеговина, додека за Албанија е најтешко да
се изнесуваат какви било проценки, изјавил за Би-Би-Си неименуван дипломат
во Брисел.
Родот гние во нивите
Излеани реки, разурнати мостови, поплавени села, прекинати патишта,
несобран род од нивите - тоа е билансот од обилниот дожд што една недела
непрекинато паѓа во Македонија. Надојдената река Тркања меѓу Валандово и
Струмица го однесе коловозот, а со интервенција на "Македонија-пат",
сообраќајот повторно е воспоставен. Тетовското село Раотинце од неделата е
под вода, откако се излеа Вардар. Четириесет и две семејства од селото Ѓермо,
Општина Џепчиште, ги напуштиле домовите, поради опасност од лизгање на
земјиштето и од уривање на куќите. Во Кочанско не можат да го ожнеат оризот,
кој полегна од интензивните врнежи. Во Струмичко пченката, компирот и
кикиритките останаа на нивите и од влагата може да изгнијат. Градинарите не
ја завршија бербата на пиперките, доматите, зелката и краставиците, а голем
дел од родот нема да стаса на пазарите. Од очекуваните 8.000 тони, фабриката
"Благој Ѓорев" во Велес досега откупила само 300 тони сончоглед. Македонија
се соочува со опасност од глад.
Загубарите ќе ја чекаат новата влада
Решавањето на проблемите во фирмите загубари ќе биде "статус кво" се
додека не биде формирана новата влада. Во меѓувреме, работниците од овие
фирми се надеваат дека нивните проблеми ќе бидат решени во рамки на
социјалната програма што треба да ја потпишат Сојузот на синдикатите и
новата Влада. Дека проблемот со загубарите навистина треба да биде решен,
потврди и претседавачот со македонскиот комитет при "СЕКИ" иницијативата,
Василис Такас, според кого загубарите конечно треба да се продадат на
домашни или странски инвеститори или да се затворат.
Продадени 3,81 отсто од "Реплек Македонија"
На Македонската берза на 14 октомври во блок-трансакција беа продадени
3,81 отсто од скопски "Реплек". Станува збор за 649 акции на "Реплек
Македонија" за кои беше постигната цена од 15.000 денари за една акција.
Обврзниците за намирување на заробените девизи во просек се продаваа за
62,38 отсто од номиналната вредност, а конвертибилните сертификати за 42,91
отсто од номиналата. На сегментот за безготовинско плаќање државата на 14
октомври продаде 1.258 обични акции на "Лозар големопродажба" од Велес, по
цена од 61 денар за една акција.
Пад на размената со северниот сосед
Како резултат на двостраното опаѓање на увозно-извозните зделки на
земјава и СР Југославија, минатата, но и седумте месеци од оваа година,
размената опаднала за 21 отсто, наспроти реализираниот раст на вкупната
стоковна размена од 19, 3 проценти во 2000, споредбено со 1999 година.
Досегашните анализи, верификувани и од страна на мешовитата
Македонско-југословенска комора и на мешовитата Македонско-југословенска
комисија, упатуваат на фактот дека основна причина за опаѓање на
билатералната размена е падот на идустриското производство во двете држави,
како последица на глобално влошените економско-финансиски состојби на
материјалното производство на двете земји, односно на рецидивите од периодот
на санкциите на ООН, но и поради влошената политичко-безбедносна состојба во
регионот, особено по воените дејствија во СРЈ и минатогодишните на
територијата на РМ.
Нов закон за девизно работење
Од 15 октомври стартува примената на новиот Закон за девизно работење,
кој беше изгласан во април минатата година. Главна негова цел, според
изготвувачот, е да се постигне поголема либерализација на работењето со
странство. Притоа, се планира целосно да се елиминираат ограничувањата кај
тековните, како и постепена либерализација кај капиталните трансакции.
Законот е насочен кон усогласување со директивите и стандардите на ЕУ и е во
согласност со Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу Македонија и
Европската унија. Како што нагласуваат во Министерството за финансии, со
овој закон директните инвестиции на резидентите во странство и инвестициите
на нерезидентите во земјава, се целосно слободни. Со тоа би требало да се
создадат услови за поголема заинтересираност и стимулирање на влезот на
странските инвеститори и привлекување на странски капитал.
Последици врз економијата
Советот на Народна банка на Македонија го усвои Извештајот на НБМ за
првата половина од годинава, при што беше констатирано дека безбедносната и
економската криза од минатата година има продолжен негативен ефект врз
функционирањето на македонската економија и во овој период. Во првата
половина од годинава е регистриран забавен економски раст, висок пад на
индустриското производство, зголемен дефицит на надворешно-трговската
размена и намалување на бројот на вработените. Просечната стапка на
инфлација во периодот јануари - јуни годинава се задржала на ниско ниво од
2,5 отсто. И покрај појавените незначителни осцилации на курсот во првото
полугодие од годинава, НБМ, како што се вели во соопштението , успеала да ја
зачува стабилноста на курсот на денарот.
Здружение на трговци во малопродажбата
Заради исполнување на се построгите стандарди и барања од потрошувачите
за квалитетот на производите и услугите, но и за заштита на заедничките
интереси на производителите, потрошувачите и трговците, како и за
рамноправен настап на пазарот, деновиве беше формирано Здружение на трговци
во малопродажбата со прехранбени производи. Членови на новоформираното
Здружение се четириесетина сопственици на малопродажни објекти за
прехранбени производи. Формирањето на Здружението е резултат на
реализацијата на Програмата за потикнување на малопродажбата со прехранбени
производи, со техничка и консалтинг поддршка од Проектот за
агробизнис-маркет во Македонија, имплементирана од Ленд О Лејкс, а
спонзориран од Агенцијата за меѓународен развој на САД.
Мобимак и ОТЕ се договорија
Мобилниот оператор "Мобимак" и носителот на втората ГСМ-лиценца минатата
недела потпишаа договор за поврзување на мрежите со грчката компанија "ОТЕ".
Со него се утврдија цената и условите за разговори меѓу двете мрежи за
мобилна телефонија. Договорот го подготви Управата за телекомуникации откако
двете компании не успеаја да се усогласат во рок од тримесечни преговори.
Деновиве се очекува да потпишат договор "ОТЕ" и "Македонски
телекомуникации" за цената на разговор меѓу мобилен и фиксен телефон. Со
потпишувањето на овие два договора се отвора можноста за конкуренција на
пазарот на мобилна телефонија.
Вториот мобилен оператор на пазарот ќе настапи под името "Космофон", а по
потпишувањето на договорите на "ОТЕ" им се потребни два месеца за да почнат
да работат. Овој период им е потребен за да ги постават централата и базните
станици. Според договорот за концесија, најдоцна до крајот на годинава "ОТЕ"
треба да почне да работи со постепено покривање со сигнал на територијата во
земјава. Целосна покриеност треба да постигне до 2006 година.
Моби+ за студентите
Од деветти октомври "Мобимак" започна нова кампања под мото "Студентите
се договорија со 'Мобимак'" исклучиво наменета за студентите со заверен
семестар. Кампањата ќе трае до 29 октомври, а за тоа време студентите ќе
можат да купат Моби+ пакети по поволни цени. Цената на Моби+ пакетот со
Панасоник ГД35 и Сименс А35 паѓа од 7.000 на 5.900 денари, додека цената на
Моби+ пакетот со Сименс А40 паѓа од 8.000 на 7.500 денари. Моби+ пакетите
(СИМ картичката и ваучар од 500 денари) наместо 2.500 чинат 2.000 денари.
Секој студент има право да купи најмногу два, а овозможена е и специјална
студентска ТАНДЕМ понуда. По повод оваа кампања, отворени се посебни
продажни пунктови во Скопје, Тетово, Штип и Битола.
Подготвила: Жаклина МИТЕВСКА
|