НАТО да остане во земјава
Опцијата на новата влада е НАТО да остане во земјава. ЕУ се уште не е
сосема подготвена да ја преземе мисијата "Килибарна лисица" од рацете на
НАТО и поради тоа Алијансата се одлучи на уште едно, овојпат последно
продолжување на мировната мисија во нашата земја. Северноатлантскиот совет и
формално ја донесе одлуката за продолжување на мандатот на "Лисиците" до 15
декември.
АРМ не ги дава авионите
Нема дискусија за авионите и тенковите, велат во Генералштабот на АРМ,
откако американската делегација во НАТО неофицијално повторно побара
оправдување за оружјето што го поседува Армијата.
Никој официјално не побарал од Армијата да се откаже од авионите и
тенковите, изјави Зоран Секуловски, портпарол на ГШ на АРМ.
"Лавовите" во други единици
Според шефот на државата, Борис Трајковски, начинот на кој беше формирана
специјалната единица "Лавови" е спорен, иако за тоа постоеше одлука на
Владата. Како што истакна Трајковски, откако се релаксираа состојбите во
државава, тоа треба на некој начин да се озакони, а некои од луѓето што ја
сочинуваат да се вклучат во други единици.
Поддршка од Запад за СДСМ и ДУИ
Според извештајот на Британскиот хелсиншки комитет, Меѓународната
заедница отворено ја поддржала промената на Владата во Македонија и ги
фаворизирала коалицијата "За Македонија заедно" на чело со СДСМ и новата
партија на Али Ахмети, Демократска унија за интеграција. За да придонесе за
победата на СДСМ и ДУИ, партијата ВМРО-ДПМНЕ Западот ја обележал како
националистичка партија, а ДПА како корумпирана.
Сомневања за НИП-от
Синдикалната организација на НИП "Нова Македонија" се сомнева во
регуларноста на приватизацијата на оваа информативна куќа во Македонија и
бара таа да се преиспита. Вработените се исто така незадоволни од
неисполнувањето на обврските на новиот сопственик на НИП-от.
Расипаниот ласер ќе ги ослепи дијабетичарите
Болните што страдаат од дијабетична ретинопатија стравуваат дека ќе го
загубат видот, бидејќи веќе шест месеци не можат да одат на терапија со
ласер на Клиниката за очни болести во Скопје. Според стручњаците од
клиниката за поправка на ласер-апаратот потребни се 4.000 евра за што е
алармиран и Фондот за здравствено осигурување, но без ефект.
Незаконски привилегии
Експертите ги оспоруваат привилегиите што за "одбраните" ги практикувал
Фондот за здравство, според кои договорите за одложено плаќање на
придонесите се незаконски. Исто така, договорот со кој директорот на Фондот
за здравствено осигурување, Војо Михајловски, му овозможил на "Силекс" да
добива сини осигурителни картони без да го плаќаат придонесот за здравство
до септември 2003 година е незаконски.
Пресметки меѓу средношколците
Секретарот на албанската средношколска унија "Лехтесими" бил киднапиран,
претепан и исечен со нож. Пресметките меѓу средношколците го поттикнаа
кабинетот на претседателот Трајковски да се обиде да ги обедини раскараните
средношколски унии, но една од македонските унии ја бојкотираше средбата.
Тоа е трет случај на напад на припадник на "Лехтесими".
Само исламска веронаука!?
Во двете основни училишта во Дебар и во "Моша Пијаде" во Центар Жупа,
заедно со подрачните училишта во селата почна факултативна настава по
веронаука, но само за учениците од исламската религија. За учениците од
православна вероисповед, нема веронаука затоа што биле малку на број.
Пораст на Дојранското Езеро
Како резултат на честите врнежи што го зафатија дојранскиот регион,
нивото на Дојранското Езеро се зголеми за дваесет сантиметри. Според Златко
Талевски, одговорен за следење на водата во Езерото, истовремено забрзано се
изведуваат и работите околу повторното пуштање на водата од бунарите кај
Ѓавачко Поле, по цевководот долг дваесетина километри.
|