Заборавени македонските студенти од соседните земји!
На универзитетот "Св. Кирил и Методиј" во Скопје годинава првпат по 12
години нема да студираат Македонци од соседните земји само затоа што во
Министерството за образование си ја заборавиле обврската да формираат
комисија за доделување стипендии за странски студенти. Околу триесет
македонски средношколци од Албанија, Бугарија и Грција, први октомври го
дочекаа пред шалтерите во Министерството, а не во студентските клупи. За нив
нема да почне академската година, зашто некој во Министерството за
образование ја заборавил владината одлука за стипендирање Македонци-студенти
од соседните земји. Секоја година на Универзитетот во Скопје се запишувале
по десетина Македонци од Албанија, Бугарија и од Грција. Најголем интерес за
студирање во Македонија покажувале учениците од Мала Преспа и од Бугарија.
Поради несовесното однесување на Новковски, Министерството за надворешни
работи ќе покрене постапка за одземање на надлежноста на Министерството за
образование за доделување стипендии за малцинствата во соседните земји.
Кривични пријави за фалсификаторите на дипломи
Министерството за внатрешни работи (МВР) поднесе кривични пријави против
22 лица од Скопје и Тетово, поради фалсификување дипломи за завршено високо
образование од повеќе факултети и универзитети од Бугарија и Албанија.
Секторот за внатрешни работи - Скопје, како што е соопштено, поднел 22
кривични пријави за "фалсификување исправи" против лица кои во текот на
2000, 2001 и 2002 година набавиле фалсификувани дипломи од различни
факултети од Албанија и Бугарија.
Меѓународна конференција за Балканот?
Политичките партии на Албанците во Македонија различно гледаат на можното
одржување меѓународна конференција за Балканот.
Како што пишува скопскиот весник на албански јазик "Факти", не
наведувајќи извор, наводната конференција за Балканот би се одржала во
Лондон, каде што по покана од британскиот премиер Тони Блер би се собрале
лидерите на државите на "проблематичниот полуостров". На конференцијата би
се разгледале отворените национални и меѓудржавни прашања на Балканот, како
што е можноста за коригирање на границите на Балканот, па дури и размена на
територии меѓу балканските држави".
Балканска турнеја на Дел Понте
Според информацијата на канцеларијата на Судот во Хаг, главната
обвинителка на Хашкиот трибунал, Карла дел Понте, наредната недела ќе ги
посети поранешно југословенските републики. Дел Понте ќе го посети Белград,
а потоа ќе замине во Приштина, Сараево и Загреб, меѓутоа не е прецизирано
дали Дел Понте ќе ја посети и Македонија.
Претседателот Мојсиу за граничните инциденти
Албанскиот претседател Алфред Мојсиу побарал да се стави крај на
инцидентите на албанско-македонската граница во кои има "Ранети албански
државјани од страна на македонските погранични патроли". Таквите настани,
според Мојсиу, ги доведуваат во опасност мирот, стабилноста и безбедноста во
регионот.
Македонски фолклорен фестивал во Преспа
Во организација на Заедницата на Македонците во Албанија и Организацијата
за заштита на правата на Македонците во Република Албанија "Друштво Преспа"
од Пустец, на 11 октомври во село Долна Горица, Мала Преспа, се одржа
третиот по ред традиционален Македонски фолклорен фестивал - Преспа 2002.
На Фестивалот учествуваа културно-уметнички друштва и играорни групи од
село Шулин, село Пустец, гимназијата во Пустец, село Леска, село Долна
Горица, село Горна Горица, Основното училиште во Горна Горица, село Туминец,
село Глобочани, градот Корча и областа Голо Брдо.
Македонците во Љубљана
Македонското културно друштво "Македонија" од Љубљана, во главниот град
на Словенија организираше голема прослава на празникот 11 Октомври. Ова е
веќе десетта прослава на националниот празник на македонското друштво од
Љубљана која е само мал дел од негувањето на културата, јазикот, фолклорот и
идентитетот на Македонците во Љубљана.
Инаку, во Словенија има регистрирано осум македонски друштва, а
прославата на 11 Октомври е 37-ма по ред.
"Македонски извор" во Унгарија
Во Унгарија излезе уште еден број (64) од списанието "Македонски извор",
за август и септември, кое го подготвува Здружението на Егејските Македонци
во Унгарија кои иако со тешки маки сепак успеваат списанието да ја "види"
светлината на денот.
Во овој број забележани се деветтата Средбата на Македонците во Унгарија
и одбележувањето на македонскиот национален празник "Илинден". Покрај
другите содржини особен впечаток во "Македонски извор" е репортажата за
посетата на стариот крај на Здружението на сетинци и попадинци од Лерин чие
седиште е во Скопје.
На крајот господинот Коста Андреов од "Македонски извор" се заблагодарува
на "Македонско сонце" поради редовното добивање на овој неделник.
|