Две нови изданија од авторот Ѓорѓи Малковски МАКЕДОНСКА ИСТОРИОГРАФИЈА Пишува: Милева ЛАЗОВА
Проблемот на анализата за постоењето и дејствувањето на повеќето бугарски организации и групи во Македонија, формирани непосредно по бугарската окупација на Македонија во 1941 година, авторот Малковски го разработил во втората глава насловена како "Политичките партии, организации и друштва во делот од Македонија окупиран од фашистичка Бугарија (1941-1944)". И овде направена е синтеза, со критичка анализа на секоја од наброените организации кои во основа биле профашистички и целосно впрегнати како продолжена рака на окупаторската власт, во спроведувањето на обемната денационализаторска и асимилаторска политика кон македонскиот народ и неговото претставување како дел од бугарскиот. Во сличен стил и динамика опфатени се и политичките партии и организации на теренот кој бил окупиран од италијанските воени единици и подоцна од септември 1943 година, со амин на германската војска, од административната окупаторска власт на квислиншката албанска влада. Овој дел е насловен како "Политичките партии и организации во делот на Македонија окупиран од италијанската и германската власт". Покрај проучувањата на политичките партии, организации и групи кои дејствувале во Македонија во 1941 - 1944 година, кај проф. д-р Ѓорѓи Малковски интерес за проучување предизвикала и балистичката организација во Македонија. Токму на таа тема ја пишува книгата "Балисти". За него посебно интересно и провокативно била анализата на една организација чија активност била целосно насочена кон една цел - уништување на се што е македонско и христијанско и целосно протерување на Македонците од нивните вековни огништа, посебно на просторот на Западна Македонија. Првата книга е во издание на "Институтот за национална историја", додека втората "Балисти" е во издание на "Друштвото за наука и уметност" - Скопје. Елизабета Димитрова за најстарите христијански симболи ТАЈНИОТ ЈАЗИК НА РЕЛИГИОЗНАТА МИСЛА Пишува: Милева ЛАЗОВА
Проблемите на потеклото, развојот и значењето на ранохристијанската симболика во ликовната уметност ја претставуваат појдовната точка од која се тргнува во проучувањето на правописот на христијанскиот ликовен речник и основата на долгиот и напорен пат во изградувањето на азбуката на христијанското уметничко творештво. Знакот и обележјето, видливата форма и скриеното значење, спојот на материјалното и духовното преточен во симболична слика се елементи на постапката во која таинствените и покриени пораки, преку процесот на визуелното препознавање стануваат јасно предочлив и конкретно опиплив медиум за пренесување на темелните, незаобиколливи поуки на догмата. Симболите се раѓаат од вртлогот на најдлабоките мистерии на верувањето и го претставуваат ликовниот облик на правилата и одредбите кои од сферата на религиозното се преточуваат во сферата на уметничкото. Тие визуелно ги поучуваат верниците за христијанската догма соопштувајќи ги најважните пораки претставени во една за нив најразбирлива форма. Во книгата се опфатени Крст, Риба, Јагне, Елен, Паун, Гулаб, Винова лоза, Лав и Феникс како симболи кои ги претставуваат темелните догми на црковното учење преточени во една концизна и препознатлива форма. Во Софија објавена книга на доцент д-р Георги Радулов и Илија Мишев КРЕМЕН - ОГЛЕДАЛО НА ДРУГИТЕ СЕЛА Пишува: Милева ЛАЗОВА
Во книгата "Кремен" авторот пишува за историјата на селото Кремен, која всушност е многу слична на историјата на многу други села. Целта на оваа книга, според доцент д-р Радулов е да се претстави минатото на селото и напишаното да послужи како поука и гордост на идните поколенија. Стремежот бил да се покаже како живееле жителите на селото Кремен, како страдале и како се бореле. Според авторот, пишувањето на една ваква монографија е тешка работа која бара долгогодишен труд. Тешкотијата е во тоа што за ваквите села многу документи се исчезнати поради честите ограбувања и опожарувања. Од друга страна, постои и друга тежина. За да се напише една ваква книга потребно е да се бара по архиви, патувања, копирања и преснимување на материјали, одење по библиотеки, консултирање со стручни лица итн. Заслуга за содржината во книгата има и Илија Мишев кој е роден во 1914 година во селото Кремен. Тој посетил многу места во државата за да се сретне со секој кој можел да даде некакви сведоштва за минатото на селото. Меѓутоа, тој умира во 1980 година, така што целиот материјал што го поседувал, неговата сопруга му го дала на доцент д-р Радулов. Иницијативата за една ваква книга е покрената уште во 1970 година, но поради недостиг на финансиски средства, таа излезе дури сега. |
|