Изложби

Сликарски техники

Струмица, 11 октомври.

Во ликовниот салон "РУ" во Работничкиот универзитет "Јоска Свештарот" во Струмица беше отворена изложбата "Актот во делата на струмичките уметници". На изложбата, која претставува редовна годишна програма на овој ликовен салон, се претставија 12 ликовни творци од сите генерации со 30 дела работени во разни сликарски техники.

Од утопија до ентропија

Белград, 11 октомври.

Ликовниот уметник Златко Крстевски со својот перформанс "Македонија - култ - идентитет" и со делото "Слика" се претстави како единствен учесник од Македонија во рамките на мултимедијалниот Проект "Од утопија до ентропија". Овој Проект чиј оригинален наслов гласи "Destructio Unius - Generatio Alterius", е од меѓународен карактер и на него учествуваат претставници од 38 земји. Изложбата која се одржува во рамките на овој Проект, а на која Златко Крстевски се претстави со "Слика", комбинирана техника, беше отворена во НУБС во Белград.

Награди за фотографија

Куманово, 11 октомври.

Душан Доцевски од кумановскиот фотоклуб "Козјак" е добитник на првата награда за колекција фотографии. Првата награда за фотографија ја доби Емин Кумбараџи од скопскиот клуб "Елема". Во младинска категорија, првата награда за колекција на фотографии ја доби битолчанката Александра Јурукоска, а за фотографија - скопјанецот Дарин Ангеловски.

Портрети на книжевници

Скопје, 14 октомври.

Триесетина ликовни портрети на наши истакнати писатели, сопственост на Друштвото на писателите на Македонија, никогаш не биле изложени за пошироката македонска јавност во ниту една галерија во земјава. На ѕидовите во ДПМ во моментот има портрети на дваесетина книжевници и на неколку преродбеници - членови на Друштвото, кои ги изработиле наши познати ликовни уметници, по нарачка. Веле Смилевски, претседател на писателската Асоцијација, вели дека сликите се уште не биле презентирани јавно, зашто досега никој не покренал таква иницијатива.

Месец на книгата

Скопје, 15 октомври.

Во книжарницата на "Детска радост", беше отворена изложба на книги од Република Украина. Изложбата се одржува по повод месецот на книгата, а во организација на редакцијата на "Детска радост" при НИП "Нова Македонија" и Амбасадата на Република Украина во Република Македонија.

Изложбата ја отворија Павло Кирјаков, амбасадор на Република Украина во РМ и Киро Донев, писател, директор и главен уредник на "Детска радост".

Телото мисли

Скопје, 15 октомври.

Во Отвореното графичко Студио при Музејот на Скопје беше отворена изложба на десетмина уметници.

Изложбата насловена како "Телото мисли" претставува преиспитување на спротивставеноста меѓу телесниот и умствениот аспект на човековата егзистенција, а во контекст на современите општествени случувања. Делата на уметниците се работени во различни медиуми: инсталации, графики, дигитални цртежи, перформанси, видео-проекции....

Црно-бели фотографии

Скопје, 15 октомври.

Во културната локација "Точка" во тек е изложба на црно-бели фотографии на Филип Базин. Изложбата "Жени активистки во прекугранична акција" е дел од истоимениот Проект. Досега фотографиите биле изложени во Приштина, Сараево, Белград, Подгорица, а по Скопје ќе биде изложена и во Љубљана.


Книги

Критична точка

Скопје, 11 октомври.

Стихозбирката "Критична точка" на поетот Петар Т. Бошковски донесува седумдесетина наслови поделени во пет раздели. Во неа авторот говори за болката, моминската солза, утринскиот ѕвон, сигурноста на вечноста, желбите, љубовта....

Песочен брег

Скопје, 11 октомври.

Во рамките на оваа едиција поетски остварувања, што ги објави книгоиздателството "Култура" од Скопје, поместена е и поетска објава на Јадранка Златанска - Ѓоргиева, насловена како "Песочен брег". Авторката својата прва стихозбирка под наслов "На крајот од патот" ја објавува во 1998 година во "Мисла", а еве сега издавачката куќа "Култура" го објавува ова нејзино најново поетско остварување.


Театар

Есперанца

Скопје, 10 октомври.

На сцената на Драмски театар, се случи долгоочекуваната премиера на "Есперанца". Оваа претстава, чиј креативен тим ја одигра пред мал број свои колеги и луѓе од театарската сфера, својата официјална премиера ќе ја доживее за петнаесетина дена, откако ќе биде завршено комплетното реновирање на Драмски театар, кое се уште е во тек.


Музика

Симфониски концерт

Скопје, 10 октомври.

Македонската филхармонија, во Домот на армијата одржа симфониски концерт со гости од Германија, диригентот Патрик Штруб, редовен гостин кај нас и виолинистката Елизабет Вебер. На програмата беа Концерт за виолина и оркестар во а-мол од Антонин Дворжак и Симфонија бр. 1 во е-мол од Јан Сибелиус.

Настап на дуо

Скопје, 16 октомври.

Во организација на Дирекцијата за култура и уметност - Скопје во Музеј на град Скопје се одржа концерт на Даниел Апостолов кој свиреше на фагот и Владимир Млинариќ кој доаѓа од Република Хрватска, а свиреше на пијано. На програмата беа дела од А. Вивалди, Г. Џејкоб, Т. Зографски, К. Сен-Санс, Е. Елгар и О. Нусио.

Вечер на хорска музика

Скопје, 17 октомври.

Во Соборниот храм "Св. Климент Охридски" на 19 октомври ќе настапат градскиот младински хор "Менада" од Тетово, мешан хор на КУД "Стив Наумов" од Битола и женскиот младински хор при хорското студио "Рустико" од Скопје. Диригенти на концертот ќе бидат Ивица Зориќ, Љубомир Трифуновски и Запро Запров.

Македонска шансона во Хрватска

Загреб, 17 октомври.

Таткото и синот Зафир и Васил Хаџиманови ќе ја претставуваат Македонија на Интернационалниот фестивал на шансони "Загреб 2002". На таа реномирана музичка манифестација, која ќе се одржи на 18 и 19 октомври годинава, македонските музички уметници, кои живеат во Белград, ќе настапат со шансоната на Зафир Хаџиманов, "Маргарета". Таткото Хаџиманов е и интерпретатор, а Васил ќе го придружува на пијано.


21 Издание на Скопски џез фестивал

На 17 октомври во Универзалната сала започна 21 издание на Скопскиот џез фестивал. Француското и аргентинското танго, завиени во една поинаква, современа рамка, прозвучија во првата вечер на Скопскиот џез фестивал следени од француски музичари.

Втората вечер е резервирана за настапот на бразилскиот квартет "Arto Lindsay bend" и бразилското трио "Moreno Veloso + 2", додека европската џез импровизација, иновативен и мулти-димензиониран, но и мултикултурен звук е дел од содржината на третата вечер во која ќе настапат необичното трио "Spassov-Yazdjian-Velez Trio" (Бугарија, Грција, САД) и "Kimmo Pohjonen Kluster" од Финска. Четвртата вечер на Скопје џез фестивал е резервирана за јужно-американската музика, спој на старото со новото, во која доминантен елемент е секако, вокалот. "Trio Mocoto" од Бразил и вокалистката Susana Baka од Перу, се содржините во оваа вечер. Во петтата вечер ќе настапат "Dave Douglas new Quintet" од САД и вокалистката Omara Portuondo со "Buena vista social Clab" од Куба. Затворањето на Скопскиот џез фестивал, или шестата вечер ја красат два големи американски оркестра: "Mingus Big Band" и "Sesil Tejlor Orkestra".

Во годинашното издание на Џез фестивалот е содржана и една полноќна забава со дуото "Кооп" од Шведска, која ќе се случува на 19 октомври во клубот "Елемент". "Кооп" ќе го претстават новиот студиски проект "Њалтз фор Кооп" кој претставува синтеза на старото и новото.


Макфест 2002

Биба Додева со песната "Кажи љубов" триумфираше на 17-тото издание на Фестивалот "Макфест 2002", што се одржа во Домот на културата "Ацо Шопов" во Штип. Освен тронот, Биба ја освои и првата награда за интерпретација, а пак Владимир Дојчиновски за оваа песна ја доби наградата за најдобар аранжман. Втората награда и припадна на гостинката од Хрватска, Емилија Кокиќ, која на македонски ја испеа "Безброј зори". Третата награда ја поделија Сашо Спасовски, кој настапи со "Дај ми прилика" и штипјанецот Дарко Андонов со "Песна љубовна".

Втората награда за интерпретација ја доби Мартин Вучиќ за "Харем", а третата Пеце Огненовски за "Моја Ина". Наградата за текст му припадна на Роберт Милески за песната "Не заборавај", што ја исполни групата "Камелеон", а најдобар дебитант е младата Ева. Песната "Прашина", што лани ја испеа Кристина Арнаудова, е прогласена за најслушана песна меѓу двата фестивала, а традиционалната новинарска награда ја доби Кирил Ванѓелов од МТВ.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"