ФОРУМ

ПОЛИТИКАТА ВО ЦРКВАТА

Даниел Димевски, постдимпломец на студиумот Меѓународна политика

  • Како што во 1219 година српското Кралство, повикувајќи се на фактот дека е самостојна независна држава и повикувајќи се на 17-тото канонско правило, успеа да издејствува автокефалност, исто така повикувајќи се на апсолутно идентичните аргументи МПЦ прогласи автокефалност, и тука нема ништо спорно, освен фактот што оваа ситуација не им одговара на материјалните интереси на СПЦ и веројатно на нивните сојузници по интерес во Грција.

Аназилирајќи ја богатата историја на православието уште од најран период па се до сега, апсолутно доминира една карактеристика која забележливо се провлекува низ сиве овие ХIII века, а тоа е пресликување на сите световно-политички промени во црковни со условно мало временско задоцнување. За сето ова време и во сите случаи главниот збор го имала моментално доминатнтната световна власт која го диктирала темпото и насоката на промените, а црквата само се сообразувала со нив и по правило отпосле се трудела да изнајде и никакво канонско покритие за веќе завршените промени на новата карта на политичка доминација.

Изнаоѓањето на канонското покритие, односно сообразноста со канонските начела, и не била некоја многу сложена работа, бидејќи канонските начела се црпат од одржаните Вселенски Собори, од кои последниот бил одржан во далечната 787 година, кои ја отсликувале и регулирале тогашната општествена реалност на период на ран феудализам. Овие канонски правила содржат голем број црковни одлуки кои селективно се повикувале на одредено канонско правило, не водејќи сметка за истовременото прекршување на друго канонско правило, а се со цел да се задоволи формата на извршените промени од страна на доминантната световно политичка власт.

Ова е реалност која треба да се знае за полесно и потрезвено да се прифатат сите случувања во црковната политика и да се изгради адекватна национална стратегија - идните очекувани промени да се движат во посакуваната насока.

Македонското црковно прашање кое денес е де факто решено, но де јуре се уште стои отворено, е уште еден доказ за неконзистентната црковно-канонска регулатива која е недоволно отпорна на политички влијанија од страна на економски и политички моќните фактори во православието, како што се Грција и Србија, а кои за наша несреќа имаат заеднички интерес по ова прашање. Затоа, за илустрација на вистината, ќе презентирам историски факти кои во целост ја разобличуваат анахроноста и непринципиелноста на политиката на Српската Православна Црква во поглед на признавањето на автокефалноста на Македонската православна црква.

Клучно е прашањето: Дали Српската православна црква има право да се претставува како мајка - црква на Македонската православна црква?

Вистинскиот одговор на ова прашање го дава историјата, и тоа хронолошки:

1. Првата епископија на овие простори е основана од страна на Свети Климент Охридски во Охрид. Во втората половина на Х век е создадена македонската Самуилова држава, а Самуил од страна на Римскиот папа е прогласен за цар, кој црквата ја издигнува до највисоко црковно ниво - Патријаршија. Со пропаѓањето на Самуиловото царство во 1018 година победникот - византискиот император Василиј Втори не ја укинува, туку Патријаршијата ја сведува на малку понизок ранг именувана како Охридска архиепископија, а која успешно опстанува цели VIII века се до 1767 година кога неканонски т.е. незаконски е укината од турскиот султан Мустафа Трети. Значи, хронолошки гледано, мајка на сите таканаречени јужнословенски православни цркви е Охридската архиепископија, вклучувајќи ја и СПЦ.

За да биде парадоксот уште поевидентен сведочи и следниов историски факт:

Во ХII век младата полетна српска држава под водство на кралот Стефан Немања пројавува амбиции да прогласи своја независна православна црква која дотогаш опстојувала во закрилата на Охридската архиепископија. И како што тоа е ред и црковен канон (закон) само и единствено Охридскиот Архиепископ можел да даде согласност за отцепување, односно формирање на нова автокефална православна црква.

И токму тогаш во 1219 година се случува и првото кршење на канонот (законот) со тоа што друг неовластен архиепискиоп дава дозвола за отцепување на епархија која не била во негова надлежност. Но, моментот бил таков. Српското кралство било силно и во голем подем, па морало да се најде начин да им се удоволи на новите моќни политички сили. Ова е првиот акт на пренебрегнување на црковните канони за сметка на политичките права, што подоцна всушност и ќе стане правило при создавањето на автокефалните цркви во православниот свет.

Вториот битен момент од поновата историја е историската предност што Србија многу порано успева да формира своја самостојна држава (1878 година) со сопствена национална стратегија. За разлика од Македонија која по многу болни историски трауми конечно успева да конституира своја сопствена национална држава дури во 1945 година, и која како суверена влегува во Југословенската федерација.

И токму во тој меѓупериод, поточно во 1920 година, српската Влада, нагласувам српската Влада, а не СПЦ, издејствува купување на македонските епархии по цена од 1.500.000 златни франци од страна на Цариградската Патријаршија предводена од грчки епископ. Самиот чин на купопродажба и покрај фактот што е неморален и неправеден, е и неканонски, бидејќи е направен спротивно на канонските правила за согласност на епископот на дадените епархии или просто кажано - не можеш да продадеш нешто што не е твое. СПЦ се прокламира себеси во мајка - црква на МПЦ врз база на само еден историски момент извлечен од контекстот на повеќевековниот соживот на овие две древни православни цркви, а тоа е чинот кога српската Влада ги откупила македонските епархии.

Ова е вистината за таканареченото историско право што СПЦ самата си го препишува дека е мајка - црква на МПЦ.

2. Веќе констатиравме дека црквата без остапки ги следи промените на државите што се случуваат на политички план. Пракично, со секое формирање на нова национална држава се стекнува основа и за подигнување на статусот на автокефална црква, што е дефинирано во 17-тото канонско правило од 4-от Вселенски собор.

Една наша народна поговорка вели - од каква пушка пукаш, од таква и ќе бидеш отепан!

Како што во 1219 година српското Кралство, повикувајќи се на фактот дека е самостојна независна држава и повикувајќи се на 17-тото канонско правило, успеа да издејствува автокефалност, исто така повикувајќи се на апсолутно идентичните аргументи МПЦ прогласи автокефалност, и тука нема ништо спорно, освен фактот што оваа ситуација не им одговара на материјалните интереси на СПЦ и веројатно на нивните сојузници по интерес во Грција.

3. Следејќи ја црковната политика што СПЦ ја води кон МПЦ, од 1920 година, па наваму очигледно се констатира дека е горе-долу непроменета, со исклучок на периодот од 1950-1959 година кога ентузијазмот на новоформираната држава Југославија, со своите здрави принципи на еднаквост, ги надсили силните српски хегемонистички аспирации зачаурени во српскиот црковен клер.

Во тоа време Српски Патријарх е Викентие, кој бил доста реален и разбран човек, кој постапно почнал да работи на решавањето на македонското црковно прашање кое неуморно било туркано од страна на нашите црковни и духовни водачи, а со огромна поддршка од македонските верници кои јасно и гласно ја искажале својата заложба на 1-от и 2-от Црковнонароден Собир за формирање на своја национална автокефална црква.

Она што го почнал Викентие, кој починал во 1959 година, го реализирал Патријархот Герман кој на 17 јуни 1959 година, ја носи клучната одлука на Светиот архиерејски синод на СПЦ, со која се согласил македонските епархии да се издвојат во самостојна Македонска православна црква која ќе се управува според својот новодонесен Црковен устав и ќе биде предводена од сопствен црковен поглавар - Архиепископ. Со оваа одлука и де факто е даден канонски отпуст, кој единствено претставува техничка пречка при реализирањето на постапката за издвојување во автокефална црква.

За жал, кратко по оваа одлука, по сугестиите на тогашниот Цариградски Патријарх Атингора - Грк по потекло, повторно заживува притаениот, но се уште многу силен српски хегемонизам и оваа одлука почнува да се игнорира како воопшто и да не постои. Ова доведува до голем револт кај македонското црковно и духовно водство, кое решително на 18 јули 1967 година ја прогласува МПЦ како наследничка на обновената Охридска архиепископија за автокефална.

Оттогаш, па до ден денешен, цели 35 години трае нашето чекање за чинот на признавање. Иако на прв поглед се чини дека е ова многу долг период, во досегашната практика меѓу православните земји ова е сосема вообичаено.

Имено, Бугарската православна црква на признавање чекала 78 години, Романската 21 година, Грчката 27 години итн. Најбрзо одело кога признавањето се купувало за пари како што е случај со СПЦ, додека во другите случаи тој процес течел многу бавно, но на крај секогаш завршувал со признавање.

Токму затоа, ова мошне битно и чувствително прашање треба да се решава стратешки и долгорочно, со политички мерки. Иако црквата декларативно е одвоена од државата, само со учество на државата може успешно да се реши овој проблем, чекајќи поволен политички момент. За жал, неповратно е испуштена извонредната политичка наклонета ситуација кога Југославија беше под трговско ембарго, а Македонија и беше единствен вентил кој живот значеше. Оваа можност не смееше да биде испуштена без на маса да се стави решавањето на македонското црковно прашање. Но, и покрај се, сепак времето работи за нас, треба да се биде стрплив и да се чека друг политички поволен момент. Охрабрува фактот што во срцата на вистинските православни верници во Македонија и во Србија и понатаму останува непоматено меѓусебното чувство за љубов и почитување.

А, што се однесува до господинот Вранишковски, тој е едно залутано божјо чедо коешто во желбата за моќ и пари, ја загубило и својата душа, па не вреди за него ни збор да се поарчи.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"