АРХЕОЛОГИЈА
Истражени гробни наоди на локалитетот "Димов гроб" кај Градско
ДОЦНОБРОНЗЕНА НЕКРОПОЛА СО МИКЕНСКО ВЛИЈАНИЕ
Пишува: Милева ЛАЗОВА
- Во некрополата покојниците се полагале во гробовите во згрчена положба,
односно во положба на фетус. Забележителна е полова диференцијација во
начинот на погребување - мажите биле погребувани на лева страна, а жените
на десна.
- Во принцип не останаа уште многу неистражени гробови така што се
надеваме дека со следната сезона на истражување ова ќе биде прва комплетно
доистражена некропола, вели археологот Видески.
Н екрополата "Димов гроб" се наоѓа
кај селото Уланци во близина на Градско наспроти античкиот град Стоби и
зафаќа површина од околу половина хектар. По шестгодишно истражување
археолозите откриле околу 70 гроба кои се разликувале од другите откриени
некрополи по начинот на кој ги погребувале покојниците.

"Димов гроб" претставува доцнобронзенодобско наоѓалиште кое датира од
XIII - XII век пред
Христа. Со реализирањето на последната фаза на истражување, оваа некропола
ќе биде прва целосно истражена некропола во земјава.
БОГАТО ОТКРИТИЕ
Локалитетот "Димов гроб" е откриен кон крајот на 80-тите години со
рекогнистицирање на теренот кај Криволак. Тогаш се забележани и констатирани
гробови кои се гледале на површината. По извесно време, во 1992 година се
започнати првите истражувања при што се откриени пет-шест гроба. Оттогаш до
пред две години се извршувани повремени истражувања, за во 2000 - 2001
година истражувањата да ги продолжи археологот Златко Видески. "Димов гроб"
е некропола која до сега е најдобро истражена не само во Република
Македонија, туку и во поширокиот регион, на Балканот.
Археолозите ја поврзуваат некрополата со населбата "Столот" која се наоѓа
200 метри југоисточно од оваа локација.
Ова претставува единствена и уникатна состојба каде што ја имаме и
населбата во која живеело населението и некрополата каде биле погребувани,
вели археологот Видески. Локалитетот е од доцнобронзено време и
претставува рамна некропола која е поставена на два срта кои се спуштаат кон
реката Вардар. Според начинот на погребување, според гробните наоди, влегува
во рамките на XIII - XII
век пред нашата ера.

Сад од керамика како ритуален предмет

Појас од лабриси првпат забележан во Македонија


Камена стела
Досега имаме истражено 78 гроба од 100, гробните конструкции
претставуваат камени цисти, а со последните истражувања се открија и јами во
кои се погребувале покојниците.
Интересно за некрополата е тоа што покојниците се полагале во гробовите во
згрчена положба. Се забележува полова диференцијација во начинот на
погребување - мажите биле погребувани на лева страна, додека пак жените на
десна. Во другите некрополи не е сретнато вакво полово разделување,
единствено подвојување имало во гробните дарови каде во машките можело да се
сретне нож, меч копје, додека кај женските накит.
Некрополата преку својот материјал кој воглавно се состои од керамика и
предмети од метал покрај локалната структура во доцнобронзеното време во
Македонија покажува и една микенизација - историски контакт, економски,
етнички со развиениот југ односно со тогаш најразвиената цивилизација -
микенската.
Во погребувањата се откриваат керамички садови со локални варијанти на
микенски форми, најчесто се откриваат алабастрони. Кај женските покојници се
откриваат украсни игли, наушници, а кај машките покојници скоро задолжително
се открива мало ноже и камен острач кој служел најверојатно за некаква лична
употреба, додава археологот Видески. Оваа традиција многу е раширена
во железно време кога не постои машки гроб во кој покрај тоа што има копје
има и еден личен сет за лична хигиена. Покрај даровите што се оставале се
открија и наоди кои биле надвор од гробовите што симболизирале некаков
ритуал.
СВЕШТЕНИЧКАТА
Детски гробови, односно погребани бебиња, не се пронајдени, туку
пронајдени се гробови на повозрасни деца.
Тоа може да се поврзе со една праисториска постара традиција. На пример,
во неолитот малите деца се погребувале во кругот на населбата, блиску до
куќата кај што живеат, вели археологот Видески. Најзначајно при
истражувањата е откривањето на еден гроб кој го нарековме "свештеничката"
кој изобилуваше со многу богати наоди. Интересно е тоа што во гробот
покрај керамичкиот сад и украсните бронзени игли, пронајдовме и еден
комплексен појас составен од т.н. лабриси - бронзени двојни секири кои се
споени со морски школки. Тој е прошаран со стаклена паста и е прво вакво
појавување во македонската праисторија. Лабрисите чие потекло води
уште од минојската цивилизација, претставува култен предмет. Во самата
Микена се откриени само два-три вакви лабриси од повеќе некрополи.
Во истиот гроб откриени се две златни обетки - првото злато воопшто во
праисторијата во Македонија. Златото како материјал во ова време не било
откриено затоа што тоа се јавува во крајот на железното време во архајскиот
период.
На истражувањата во 1994 година се откри една камена стела (камен на кој
е издлабена човечки фигура) со претстава на воен старешина што претставува
единствена таква појава во Македонија, додава археологот Видески. Таа
беше употребена како камен блок при изградба на еден од гробовите. Појавата
на камени стели е позната пошироко во Европа, во североисточните делови на
Балканот со регионот кај Црно море. Камената стела е многу постара традиција,
дури може да се врати во рано бронзано време затоа што во времето кога
опстојувала оваа некропола не знаеле што значи тоа и ја употребиле во
изградбата на гробот. Гробовите се во многу тесна хронолошка рамка поради
тоа што има толку малку гробови, само стотина, што значи некрополата
постоела еден век. Во погребувањата се ставала локална керамика која
имитира некакви си микенски примери. Се појавува почесто матсликана керамика
која е позната на еден поширок простор на Балканот и има различни варијанти.
Таа матсликана керамика е одраз на микенското влијание во овие простори.
Според антрополошките карактеристики, просечната старост не е објавена,
но генерално се забележува дека луѓето живееле од 40 до 50 години што за тоа
време значело длабока старост. Проблем при антрополошката идентификација е
што коските се слабо сочувани, така што секој скелет не може да се истражи.
|